Daily news
Суспендирана ексдиректорката на скопската Агенција за вработување – пазарувала по маркети на државен трошок
Машки чорапи, влажни марамчиња, козметика, аутан, спрејови, млеко за тело, смоки, цигари, мешан кашкавал и јајца од јапонска потполошка, напитоци од соја, гумени бонбони, свежа риба лосос и лаврак, сувомесни производи, овошје, фстаци и други јаткасти производи – ова се само дел од „луксузирањата“ на сметка на Центарот за вработување на Скопје при Агенцијата за вработување, од страна на неговата поранешна раководителка Слободанка Алексовска.
Директорката на Агенцијата за вработување , Билјана Јовановска, денеска на прес-конференција информираше дека Алексовска е суспендирана од работното место раководител на Центар за вработување на град Скопје и за неа е донесена одлука за поведување дисциплинска постапка која ќе продолжи по завршување на изборите. Во тек е и комплетирање на документација неопходна за поднесување кривична пријава за сторени кривични дела од нејзина страна. Алексовска несовесно, спротивно на правните прописи, со злоупотреба на службената положба и овластувања, нанела штета на имотот и буџетските средства на Агенцијата за вработување.
Таа спротивно на Правилникот за користење службени моторни возила користела 2 службени возила надвор од работното време, по 16,30 часот, и тоа за време на викенди, за време на користење слободни денови и при користење годишен одмор. Од буџетот на АВРМ трошела средства за патарини и паркинг услуги надвор од работното време, во неработни денови и во доцни вечерни часови. Исто така за угостителски услуги се правени повеќе сметки со износи над 6.000 денари во доцни вечерни часови и викенди.
Суспендираниот раководител на Центар за вработување на град Скопје од буџетот на АВРМ во 2016 година има потрошено 429.597 денари (7.000 евра) и за првата половина од 2017 година 116.625 денари (околу 2. 000 евра) за свои лични и семејни потреби од маркети, молови, аптеки и слично, а видно од приложените сметки.
„Сето ова покажува какви неодговорни лица раководеле со АВРМ во изминатиот период и како злоупотребувале државни средства, пари од граѓаните за свои лични потреби и задоволства, оставајќи позади себе хаос, штета, безредие и поттикнувајќи беззаконие. Законот важи за секого и секој што нема да го почитува ќе сноси одговорност. Ја известувам јавноста дека сите мои постапувања во вршење на должноста директор на АВРМ се и во иднина ќе бидат исклучиво врз основа на позитивните законски прописи поткрепени со материјални докази. Во тек се ревизии и обезбедување докази за многу неправилности во раководењето и работењето во АВРМ, за што ќе бидат преземени соодветни законски мерки и за истото јавноста ќе биде благовремено известена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.