Daily news
Татко на силувано и убиено девојче од Пакистан вината за нејзината смрт ја бара во неажурноста на полицијата
Таткото на осумгодишното девојче од Пакистан, чие брутално силување и убиство ја шокираше нацијата, денеска ја обвини полицијата поради бавната истрага откако неговата ќерка била пријавена за исчезната.
Убиеното девојче од градот Касур во регионот Пунџаб, Заинаб Ансари, исчезна минатата недела додека од својот дом одела кон училиштето за веронаука, а нејзиното тело беше пронајдено во депонија во вторникот. Аутопсијата покажа дека најпрво била силувана, а потоа задавена. Во меѓувреме беше објавена и снимка од надзорна камера на која се гледа како непознат човек ја води Заинаб за рака. Сепак, полицијата не ги откри овие снимки, туку братучетка на девојчето.
Нејзиното ужасно убиство предизвика насилни протести во областа. Демонстрантите, незадоволни од несоодветната полициска заштита за нивните деца, вчера се обиделе насилно да влезат во полициската станица.
CCTV footage of the guy who apparently murdered Zainab… DPO Kasur is investigating the case .. Some clear images are also obtained along with other clues which may lead to the main culprit IA #JusticeForZainab #Kasur – a heart wrenching incident! pic.twitter.com/BnkQRb6btO
— Abubakar Umer (@abubakarumer) January 9, 2018
Во Касур, според локалниот командант на полицијата, минатата година имало 12 слични случаи во кои девојчиња биле киднапирани, силувани и убиени.
„Сите случаи се слични… Се чини дека зад нив стои сериски убиец“, рече портпаролот на провинциската управа, цитирајќи ги наодите од првичната истрага. Сепак, според пакистанскиот весник „Дон“, во 2015 година полицијата открила организиран педофилски синџир кој од 2009 година киднапирал и силувал дури 280 деца.
Како што објави „Њујорк тајмс“, таткото на девојчето, Анес Ансари, бил на аџилак во Саудиска Арабија заедно со неговата сопруга во времето на исчезнувањето на нивната ќерка. Ансари по враќањето имал состанок со главниот министер на Пунџаб, Шахбаз Шариф, кој дојде во Касур за да се најде со семејството на убиеното девојче по нејзиниот погреб во вторникот.
„Ако полицијата дејствувала навреме, сторителот би бил фатен, сега се плашиме да ги оставиме нашите деца надвор од куќата. Како е возможно нашето дете да било киднапирано среде преполн пазар?“ прашал огорчениот татко во изјава за локална телевизија. Мајката во истото интервју во тага извикала: „Сакам правда, сакам правда!“
Убиството на малата Заинаб предизвика општо несогласување во пакистанската јавност, особено поради фактот дека тоа е само последно во серијата вакви злосторства, а десетици активисти за човекови права протестираа во Лахор и Карачи. Хаштагот „Правда за Заинаб“ (JusticeForZainab) стана вирален на социјалните мрежи во таа земја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.