Daily news
Тачан: Има подготвеност за реформи, да се најде решение за името
Помошник-генералениот секретар на НАТО за јавна дипломатија, Илдем Тачан, кој престојува во посета на Македонија, гледа одлучност кај Владата за спроведување голем број реформи и порачува дека интензивното темпо на политичкиот процес ќе обезбеди високи стандарди кои ќе ја доведат државата поблиску до членството во НАТО. За поканата за членство се важни и заемно прифатливото решение за името и реформите.
„Продолжуваме да ја поддржуваме вашата држава на патот за зачленување во алијансата. Како и за сите земји аспиранти, важно е да се остане фокусиран на реформската агенда и да се обезбеди политичка стабилност. Сите мои средби се потврда на фактот дека има политичка волја и мило ми е што го знам тоа“, рече Тачан на денешната заедничка прес-конференција со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, осврнувајќи се на средбите со македонските политичари.
Амбасадорот Тачан ја повторил поддршката од НАТО за Македонија искажана и на средбата на генералниот секретар Јенс Столтенберг со премиерот Зоран Заев. Ги пренел, како што рече, поддршката и благодарноста од НАТО за посветеноста и ентузијазмот за реформи што ја покажува македонската Влада.
„Ги охрабрив сите соговорници колку што може повеќе во овој политички процес да одржат интензивно темпо затоа што тоа е потребно да се обезбедат високи стандарди кои ќе ја доведат вашата земја поблиску до членството во НАТО“, рече Тачан.
Според него, регионалната соработка е од фундаментално значење за решевање на отворените прашања со соседите.
„Со играње активна улога во иницијативите, како што е Британската повелба, веќе станувате де факто обезбедувач на стабилност и безбедност. Мило ми е што гледам напори кај Владата да се справи со тешките прашања од минатото и да ги реши со сериозноста што ја заслужуваат“, наведе претставникот на НАТО.
Одговарајќи на новинарски прашања во однос на отстранувањето на пречките за членството на Македонија во НАТО, истакна дека е важно наоѓање заемно прифатливо решение за името, но и дека во декларацијата од варшавскиот самит исто така се зборува и за важноста на реформите.
„Имаме стандардни постапки за комплетирањето на пристапувањето кон НАТО. Поканата за членство на земја кандидат се суди според сите критериуми што се вметнати во таа декларација“, рече Тачан.
Она што треба да го видиме е постигнување заемно прифатливо решение меѓу вклучените страни и одлучност да се зафатите со овие тешки прашања. Можеме да видиме политичка волја за тоа и вистински интерес од страна на вашата Влада да се зафати со прашања што не се релевантни само во врска со вашите односи со Грција, туку и со останатите соседни држави. Тоа исто така ќе донесе позитивни резултати во регионален контекст. Затоа се осврнав на важноста не само на тоа да се разрешат овие билатерални прашања туку и на сите добри иницијативи да се придонесе кон регионалната соработка, рече Тачан.
Министерот Димитров, пак, потенцира дека престојот на Тачан е посета на висок претставник на алијансата на Македонија по подолго време и оти претставува важен чекор во процесот на заживување на односите на Македонија со НАТО, враќање на редовниот политички дијалог и практична соработка, кои значително паднале во изминатите години поради кризата.
Димитров потенцира дека со претставникот на НАТО имале конструктивни разговори. Се договориле да работат заедно на зголемување на видливоста на Македонија во НАТО и на НАТО во Македонија, за зголемување на проектите за соработка во разни области.
„Јасно е дека нѐ чека многу работа и дома, но и заедно со НАТО за да го надоместиме изгубеното време и да ја вратиме Македонија на патот на сигурно интегрирање во алијансата“, рече Димитров.
Нагласи дека го уверил амбасадорот оти новата Влада ќе ги удвои реформските напори и дека активно работи на отстранување на сите пречки или на некој начин зададени задачи од самитот на алијансата во Варшава. Во таа насока е и спроведувањето на акцискиот план за членство, наскоро го завршуваме 17. циклус и го почнуваме 18-тиот. На ова поле ќе помогне многу и планот 3-6-9 на Владата, посочи министерот Димитров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.