Daily news
Тилерсон: Македонија е на добар пат да биде пример за регионот
Македонија е на добар пат да биде успех и пример за регионот, рекол државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон, на вчерашната средба со министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во Стејт департментот.
Тој нагласил дека САД ќе продолжат да имаат позитивна улога за стабилноста и напредокот на регионот; да бара начини како да помогне. Како што соопшти МНР, Тилерсон дал поддршка на реформската агенда повикувајќи ја Владата да истрае во нејзиното спроведување.
Димитров дал осврт на актуелните политички состојби во Република Македонија и во регионот, а исто така го запознал и со актуелностите во процесот на надминување на разликите околу името со Грција.
„Македонија е пријател и партнер на САД, убедени сме дека со вашата помош и лидерство, и поддршката на европските сојузници, набргу ќе станеме дел од семејството на НАТО. Нашата посветеност и решителност да ја искористиме оваа можност што ни’ се укажува се големи“, рекол Димитров, соопшти МНР.
„Информирајќи за реформите во Македонија, Димитров нагласи дека сакаме да изградиме силни и демократски институции и да го зацврстиме владеењето на правото за да ја направиме Македонија посакувана полноправна членка на евро-атлантската заедница“, се наведува во соопштението за средбата.
Зборувајќи за придонесот на Република Македонија во зачувувањето на меѓународната безбедност и борбата против тероризмот, Димитров ја реафирмирал цврстата определба на Владата постепено да го зголемува буџетот во сферата на одбраната согласно со барањата на Алијансата.
Димитров учествуваше и на конференцијата на Атлантскиот совет на САД, насловена како „Следната бура? Обликување на балканската иднина во ера на неизвесност“ каде што беше повикан да се обрати пред бројната публика составена од експерти и претставници на дипломатскиот кор во Вашингтон.
На панелот со тема „Голем ризик, голема награда: Справување со долготрајните политички предизвици на Балканот“ на кој учествуваа и Хојт Брајан Ји, Енвер Хоџа и Астрит Истрефи, а го модерираше Јануш Бугајски, Димитров говореше за актуелните состојби во Република Македонија, со посебен акцент на надминувањето на разликите околу името со Грција.
Шефот на македонската дипломатија оствари средба и со експертите за регионот: Даниел Сервер, Едвард Џозеф и Мајк Халцел, како и со Дејмон Вилсон од Атлантскиот совет на САД, со кои разменија мислења за актуелностите и перспективите на Регионот. Во текот на последниот ден од работната посета на Вашингтон, предвидени се средби со: советникот за национална безбедност на претседателот Трамп, Х.Р. МекМастер, претставници на Конгресот на САД, како и со поранешната државна секретарка на САД, Медлин Олбрајт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.