Daily news
Тринаесет невладини организации против ДДВ за физичките лица
Тринаесет невладини организации преку заедничко соопштение реагираат до надлежните институции во врска со оданочувањето на физичките лица со ДДВ во рамки на постојаната регулатива, кое, според нив, е проблематично од неколку аспекти.
Станува збор за Центарот за економски анализи, Finance Think, Центарот за даночна политика, „Транспаренси Интернешнл“ – Македонија, Евротинк, Хелсиншки комитет за човекови права на РМ, Фондација отворено општество Македонија, Институтот за демократија „Социетас цивилис“, Институтот за европска политика, Институтот за комуникациски студии, Институтот за општествени и хуманистички науки, Analysis and advisory group и Центарот за управување со промени.
Во соопштението овие организации наведуваат дека истото е во функција на подобрување на владеењето на правото, зајакнување на правната сигурност и подобрувањето на услугите од страна на јавниот сектор.
Организациите како прв проблематичен аспект ја наведуваат нејасната законска дефиниција на самостојна стопанска дејност на физички лица, при што наведуваат дека законот за ДДВ, ниту кој било друг закон, не дефинира што претставува самостојна стопанска дејност на физички лица.
„За некои дејности е многу јасно, затоа што нив ги регулира Законот за трговска дејност, најчесто како трговец поединец. За низа други дејности, не може да се каже дека се стопански дејности (на пример, научна или уметничка дејност), освен ако законодавецот не одлучи тие експлицитно да ги наведе како самостојна стопанска дејност на физички лица во Законот, или во подзаконски акт“, стои во соопштението во кое се додава дека до регулирањето на сите отворени прашања, спроведувањето на Законот за ДДВ и внесувањето на физичките лица во системот на ДДВ е неможно бидејќи ќе генерира незадоволство и можност за зголемена даночна евазија.
За овие организации е спорно и тоа што даночните власти, како што велат, прилично арбитрарно имаат намера да го спроведуваат Законот за ДДВ без да ги земат предвид сите аспекти кои ги бара самиот Закон за ДДВ. Ваквата арбитрарност, според нив, внесува несигурност и можност за толкување на една крајност, а тоа е дека секој примен доход (освен тој од плата) подлежи на оданочување со ДДВ.
Исто така оттаму додаваат дека авторските договори, по дефиниција, не може да подлежат на ДДВ. „Со авторските договори се регулираат приходи од научни, уметнички, образовни, културни и слични дела. Кај авторските договори нема промет бидејќи не се врши пренос на авторското право кое претставува дефиниција за промет согласно постојниот закон за ДДВ“, се наведува во соопштението. Покрај тоа се потенцира и дека согласно постојниот закон за ДДВ, еден од условите за ДДВ регистрација е и континуиран промет.
„Во сите случаи, освен кај договорите за закуп, ова барање на законот не е исполнето. Договорите за дело, авторските договори и останатите консултантски договори за физичкото лице немаат континуитет како кај правен субјект регистриран за објавување на одредена дејност со цел остварување на профит. Тие договори кај физичките лица можат да имаат и еднократен ефект само во одредена година или период од годината“, сметаат организациите.
Како што нагласуваат оттаму, примена на ДДВ за физички лица во услови на неусогласени правни решенија во голем број закони ќе доведе до компромитација на системот на ДДВ и на владеење на правото, правната сигурност и правичноста. Додаваат и дека неусогласеноста и нејасноста на одредбата од Законот за ДДВ што се однесува на физичките лица со бројни закони кои се усвоени во меѓувреме вклучително и Законот за работни односи и Законот за трговски друштва, ќе предизвика нејаснотии и арбитрарност во нивната примена.
На крајот од соопштението, невладините организации наведуваат и низа предлози за појасна законска ДДВ регулатива меѓу кои се и јавна дебата за потребата физичките лица да влезат во системот на ДДВ со објаснување односно едуцирање зошто е тоа потребно, повлекување на УЈП од арбитрарното толкување на Законот за ДДВ, јасно разделување на авторските договори кои се надвор од опфатот на ДДВ, надградување на регистарот на физички лица обврзници на ДДВ, како и транспаренто и инклузивно носење на дополнувањата на Законот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.