Daily news
УНИЦЕФ: Милиони деца под петгодишна возраст живеат во небезбедна средина
Речиси 85 милиони деца под петгодишна возраст живеат во 32 земји што на семејствата не им нудат две години бесплатно предучилишно образование; платени паузи за доење за новите мајки во првите шест месеци; и соодветно платено родителско/породилно отсуство – трите клучни политики во поддршка на раниот развој на мозокот кај децата. Само 15 земји во светот располагаат со трите основни национални политики кои помагаат да се гарантираат времето и ресурсите што им се неопходни на родителите во поддршка на здравиот развој на мозокот на нивните деца, сe наведува денеска во новиот извештај на УНИЦЕФ. Состојбата е уште полоша во 32 земји – кои се дом на едно од осум деца под петгодишна возраст во светот – за кои не се воспоставени ниедна од овие политики, се вели во најновиот извештај на УНИЦЕФ.
Според извештајот, првите моменти се важни за секое дете, предучилишно образование во траење од две години, платени паузи за доење во текот на првите шест месеци од животот на детето и шест месеци платено породилно отсуство, како и четири седмици платено отсуство за таткото, помагаат да се постави клучната основа за оптимален развој во раното детство. Овие политики им помагаат на родителите да обезбедат подобра заштита за своите деца и подобра исхрана, игра и рани искуства преку учењето во клучните први години од животот кога мозокот се развива со стапка што потоа никогаш нема да се повтори.
Во извештајот се истакнува дека Куба, Франција, Португалија, Русија и Шведска се вбројуваат меѓу земјите што ги гарантираат овие три политики. Меѓутоа, 85 милиони деца под петгодишна возраст растат во 32 земји, без да се воведени овие три клучни политики. Изненадувачки е тоа што 40 проценти од овие деца живеат во само две земји – Бангладеш и САД.
Во извештајот исто така се истакнува дека милиони деца под петгодишна возраст ги поминуваат годините на своето формирање во небезбедна и нестимулативна средина. Приближно 75 милиони деца во областите зафатени со конфликт се изложени на зголемен ризик од токсичен стрес, што може да ги инхибира врските помеѓу мозочните ќелии во раното детство. На глобално ниво, лошата исхрана, нездравото опкружување и болестите се причината поради која 155 милиони деца под петгодишна возраст имаат забавен раст, а поради тоа нивните тела и мозоците се лишени од развивање на целосниот потенцијал. Една четвртина од сите деца на возраст помеѓу 2 и 4 години во 64 земји не учествуваат во активности што се суштински за развојот на мозокот, како што се игра, читање и пеење. Речиси 300 милиони деца на глобално ниво живеат во области каде што воздухот е загаден, а новите истражувања покажуваат дека тоа може да ги оштети мозоците што се развиваат кај децата.
Неуспехот да се заштитат најобесправените деца и да им се обезбедат можности за ран развој го поткопува развојот на цели општества и економии, се предупредува во извештајот, каде што се цитира една студија која открива дека децата од сиромашните домаќинства што имаат искуства преку игра и рано учење на рана возраст заработиле во просек 25 проценти повеќе како возрасни лица отколку оние што ги немале тие искуства.
Со извештајот се повикуваат владите и приватниот сектор да ги поддржат основните национални политики за поддршка на развојот во раното детство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.