Daily news
„Фени“ пак ќе блокира патишта ако до понеделник нема плата
Синдикатот на „Фени“ преку огласната табла во фабриката ги повика вработените на штрајк ако до понеделник напладне не им биде исплатена октомвриската плата. Штрајкот е најавен исто така за понеделник од 12 до 14 часот со повторно блокирање на патот Прилеп-Градско кај мотелот „Дреново“.
Одлуката за штрајк доаѓа три дена по отворањето на стечајната постапка за фабриката преку која банките доверители најавија дека ќе најдат инвеститор што ќе ги преземе сите обврски, вклучително и платите.
Вработените велат дека ќе го поддржат штрајкот иако некои од нив се сомневаат дека е избрзан оти поминале само три дена од отворањето на стечајната постапка.
„И за овој штрајк синдикалното раководство одлуката ја донесе во тесен круг и нè информира преку огласната табла. Ние три месеци чекавме Рајчо Кацаров да ни исплати плата и молчевме, а сега поминаа само три дена и најавуваме блокади на патишта. Баравме Синдикатот да ни објасни дали има некои нови сознанија за стечајната постапка, но не добивме“, велат вработените.
Претседателот на Синдикатот, Ѓоре Палитов, не е достапен за објаснување, не одговара на мобилниот телефон.
Штрајкот не е единствената активност на Синдикатот по отворањето на стечајната постапка. Вработените велат дека добиле ветување дека Синдикатот ќе почне да им ги враќа парите на оние што платиле за огревно дрво што не го добиле. На сметката на Синдикатот, според вработените, стигнале 3.500.000 денари за кои раководството ветило дека ќе им бидат вратени на колегите што останаа и без огрев и без плата.
„Сега синдикалното раководство ни се заканува дека оние што не биле блиски со нив нема да ги добијат парите. Мнозинството вработени му откажаа послушност на Палитов оти се однесуваше како продолжена рака на бугарската компанија ‘Енекод’, која три месеци не ни исплати ниту денар. Баравме објаснување и од каде стигнале сега парите на сметката на Синдикатот, но никој ништо не кажува“, велат вработените.
Пецо Ристовски, претседател на Синдикатот на вработени во индустријата, енергетиката и рударството, вели дека не може да се случи на едни да им бидат вратени парите, а на други не.
„Сите ќе ги добијат парите и никој нема да биде привилегиран. Немам проверено од каде се појавиле пари на сметката на Синдикатот, но тој има свои пари, од членарини и од други активности“, рече Ристовски.
Од вчера тече рокот од 15 дена во кој доверителите на „Фени“ треба да ги пријават побарувањата, а должниците да го исплатат долгот.
Банките доверители на „Фени“, кои го иницираа стечајот, велат дека во тек се преговорите со заинтересираните инвеститори, но сè уште не кажуваат која од четирите заинтересирани фирми за „Фени“ дала најдобра понуда.
„Во тек се преговорите, јавноста и вработените ќе бидат информирани веднаш коаг ќе биде донесена одлука“, велат од банките.
Интерес за „Фени“, освен бугарската компанија „Енекод“, според банките, покажале британски фонд, швајцарски фонд и една француско-израелска компанија.
Банките кредитори не ги кажаа имињата на заинтересираните инвеститори, но најавија дека по отворањето на стечајната постапка, има правна можност инвеститорот преку договор за закуп на фабриката веднаш да влезе во „Фени“, а со парите што ќе ги депонира во банка може да им се исплатат заостанатите плати на вработените.
За „Фени“ беше отворен стечај по барање на Стопанска банка АД Скопје, Комерцијална банка АД Скопје и банката „Силк роуд“ АД Скопје, на кои фабриката им должи 40 милиони евра, а има и долг кон доверителите, кој изнесува приближно 20 милиони евра.
Вработените во „Фени“ и минатиот месец штрајкуваа со блокирање на патот Прилеп-Градско. Бараа сопирање на стечајот, исплаќање на платите во цел износ и статус на вработени сè до конечната продажба на фабриката, но мнозинството вработени не го поддржаа штрајкот. Со истите барања вработените штрајкуваа и пред локалните филијали на банките кредитори.
(М.И.П.)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.