Daily news
Финска: Лош резултат на Партијата на Финците на локалните избори
Финската евроскептична Партија на Финците, којашто е дел од владејачката коалиција, во неделата забележа голем пад на популарноста на локалните избори, што може да создаде услови за подем на тврдиот антиимигрантки кандидат за нов челник на оваа партија, што ќе претставува закана за функционирањето на самата влада.
Во моментов умерено националистичката Партија на Финците освои 8,8 отсто од гласовите, што претставува голем пад во однос на 17,7 проценти колку што освои на парламентарните избори во 2015 година и споредено со 12,3 отсто колку што освои на локалните избори во 2012 година.
Ваквиот пад на популарноста за втората најголема партија во парламентот би можел да предизвика проблеми за владејачката коалиција составена од три партии, бидејќи постои можност дека поддршката на гласачите на Партијата на Финците да се насочи кон Јуси Кристијан Халла-ахо, кој сака Финска да ја извади од еврозоната и од Европската унија.
Конзервативната партија Партијата на националната конвенција (NCP) на министерот за финансии Петери Орп ја здржа својата позиција на водечка партија со освоени 20,7 отсто од гласовите, а следат социјалдемократите со 19,4 проценти, и Партијата на центарот на премиерот Јуха Сипила со 17,5 отсто поддршка. Поголема поддршка од гласачите од Партијата на Финците освои и малата опозициска партија на зелените.
Партијата на Финците, поранешна Вистински Финци, изминатите години ги ублажи своите националистички и антиевропски ставови, што ѝ овозможи да стане дел од владејачката коалиција, меѓутоа очигледно и разгневи и дел од гласачката база.
Партијата ја води министерот за надворешни работи Тимо Соини, меѓутоа нему во јуни му истекува мандатот на чело на партијата. Кандидати за негови наследници се Јуси Халла-ахо, кој е жесток противник на имиграцијата, и пратеникот Сампи Терхо, инаку сојузник на Соини.
„Поддршката на партијата катастрофално опаѓа, на најверојатно ќе се обидат да го зајакнат својот профил во владата. Резултатите од овие избори одат во полза на Халла-ахо пред одржувањето на партиската конвенција“, коментира за Reuters Маркку Јоксипил, политички експерт од универзитетот во Турку.
Халла-ахо во март годинава објави дека активно ќе се залага за ткн „Фиксит“, односно излегувањето на Финска од еврозоната и од Европската унија по примерот на Велика Британија, доколку не биде избран.
Коалицијата којашто ја сочинуваат Партијата на центарот, Партијата на Финците и Партијата на националната конвенција на поранешниот премиер Александер Стуб, на локалните избори заедно совоила сано 4 осто од гласовите.
„Политичките причини за напуштањето, особено на еврото, се многу јасни, како и оние економските. Мислам дека партијата на тоа би требала активно да се посвети“, изјавил Халла-ахо во разговорот за финската новинска агенција STT.
Политичките коментатори сметаат дека неговата победа за лидер на партијата би можело да резултира со скршнување на Партијата на Финците кон десниот популизам, а тоа, пак, како последица би го имало растурањето на коалицијата на трите партии којашто во моментов владее со Финска. Покрај тоа, се соочува со штрајкови и протести поради преземените мерки за штедење, коишто ги вклучуваат и реформите на законот за работни односи кои ги намалија правата на работниците и ги зголемија работните часови./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.