Daily news
Фолксваген „голф“, „поло“ и „ап“ ја добија титулата „Најдобар автомобил за 2018“
Читателите на списанието Auto Motor und Sport ги прогласија „голф“, новото „поло“ и „ап“ (Up!) за „Најдобри автомобили за 2018“ во нивните категории.
Дури три модели на „Фолксваген“ обезбедија една од најзначајните награди на годината, а истите во Штутгарт им беа врачени на доктор Херберт Дис (претседател на одборот на „Фолксваген“), доктор Френк Велш (член на управниот одбор задолжен за развој) и Јурген Стакман (член на управниот одбор одговорен за продажба).
„Голф претставува срцето на нашиот бренд, и затоа сме особено среќни што ја освоивме оваа награда”, рече доктор Дис на презентацијата.
Ова претставува рекорден успех за „Голф“, кој ја освојува наградата „Нјадобри автомобили” шеста година по ред во категоријата за компактни возила, како и 32. севкупна награда на популарниот модел во својата 42-годишна историја.
„Фолксваген голф“ и понатаму ја одржува својата лидерска позиција на пазарот за автомобили, со што ја продолжува својата успешна приказна која почна пред 44 години. Со над 34 милиони возила низ 7 генерации, „Голф“ ги поставува стандардите во компактната класа со децении и продолжува до ден денес да ја презема пионерската улога во воведувањето на водечките технологии во возилата.
„Фолксваген поло“ беше прогласен за најдобар во категоријата на суб-компактни возила со 33 отсто од гласовите на читателите. Станува збор за 43-годишна историја на успех која покажува дека „поло“ е еден од клучните столбови на брендот „Фолксваген“. Со околу 17 милиони единици продадени до денес, „поло“ е еден од најуспешните компактни автомобили во светот. Неодамна лансираната шеста генерација има сосема нов надворешен дизајн, што го прави автомобилот поспортски и поразличен. Во исто време, новото „поло“ сега е поголем од својот претходник во секоја димензија.
Во категоријата мини автомобили, читателите го крунисаа „фолксваген ап“ (Up!) за победник. Додека „ап“ е најмалиот и најновиот „фолксваген“ на ова трио, со продадени повеќе од 1 милион возила (од 2011 година), тоа исто така може да покаже значителен успех. Малиот автомобил има многу јасен дизајн, сеопфатен сет на стандардни карактеристики и мноштво опции за персонализација. Достапен е во повеќе варијанти кои го вклучуваат и новиот 85 kW/115 КС Up! GTI.
Двете теренски возила на „Фолксваген“ исто така добро се покажаа во своите категории. Во категоријата за компактен SUV, највисокиот SUV на компанијата, „тигуан“, го освои второто место, а Т-Рок (T-Roc), кој се појави минатата есен, го прослави својот успех освојувајќи го третото место.
Анкетата на списанието Auto Motor und Sport оваа година ја прославува својата 42. годишнина. Покрај германското издание, учествуваа 15 други европски и три неевропски списанија од групата Auto Motor und Sport. Вкупно 378 модели во единаесет категории беа на листата на кандидати за да бидат изгласани најдобрите автомобили од 2018 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.