Daily news
Чудотворен пијалок за брзо губење на тежината
По повеќе од две децении на работа и усовршување на диетата и методите на детоксикација , нутриционистот Ен Луис Гитлеман уште еднаш ги израдува сите поборници на здраво живеење.
64 – годишната Ен, автор на триесетина книги, вклучувајќи го и револуционерниот начин на исхрана и совети за тоа како на уморниот организам да му пружите потребна побуда и да ја вратите виталноста , овој пат развила план за детоксикација кој го вклучува т.н. чудо од пијалок.
Пијте црвени бои, чии основни состојки се сок од брусница , ѓумбир и лимон ,во вашиот црниот дроб ќе внесат свежина, ќе го исчистат од токсини и на тој начин ќе ги подобрат перформансите на целиот организам. Црниот дроб е најголемиот внатрешен орган кој ја прочистува крвта , го поддржува дигестивниот систем, го регулира шеќерот во крвта , помага во складирање на масти и продукција на протеини.
Секоја чаша вино , кафе или некоја форма на индустриски произведена храна му нанесува на овој орган кој се наоѓа на десната страна од стомачната шуплина тежок удар , иако е позната неговата способност да се регенерира. Затоа не дозволувајте црниот дроб да го носи товарот на модерниот живот, туку земете од чудотворниот пијалок и помогнете да се исчистат отровите.
Програмата која е опишана во книгата ” Брз пат за еднодневна детоксикација ,” Гитламан ја создаде само од една причина – за сите кои сакаат да им се овозможи пристап до еден цел нов свет на детоксикација кој се концентрира на црниот дроб, кој служи како еден вид на филтер. Следниов план за чистење е сосема безбеден , ефикасен и не вклучува ригорозни услови и одрекувања.
Овој план на исхрана е добар бидејќи е применлив во секојдневниот живот , кој вклучува голем број на активности – од работа преку грижа за децата и шопинг. Пред самиот детокс неопходно е да се спроведе седум дневен режим во исхраната кој вклучува многу овошје и зеленчук кои ќе го прочистат дебелото црево од отрови и ќе го подготват црниот дроб за едноневниот пост што следува. Осмиот ден е резервиран за еднодневниот пост кој вклучува конзумирање само вода и од чудесната напивка , чиј рецепт може да се најде подолу. По миењето на нечистотии следи тридневно приспособување враќање во “нормала”. При што од голема помош ќе ни бидат пробиотиците – ферментирани намирници кои ги поддржуваат бактериите кои на вашиот организам му се потребни со цел успешно да се синтетизираат витамините и одржување ефикасен имунолошки систем. Состојки за чудотворната напивка :
Потребни состојки за чудотворниот пијалок:
2 литри вода од брусница
1/2 лажичка мелен цимет
1/4 лажичка мелен ѓумбир
1/4 лажичка морско оревче
3/4 шоља свежо исцеден сок од портокал
1/4 чаша свежо исцеден сок од лимон
Стевиа (1-3 пакети)
Зовривате вода од брусница и го намалувате огнот за да можете да ги додадете останатите зачини. Гответе го сето тоа заедно уште 15 минути и оставете да се излади на собна температура . На сето тоа додадете измешан сок од портокал и лимон и додадете Стевиа . Да се чува во фрижидер. Тајната на оваа чудотворна напивка се крие во сокот од брусница – ефективен антиоксиданс, билките кои го намалуваат гладот и сокот од портокал и лимон , кои се вистински витаминска бомба во борбата против маснотиите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.