Daily news
Њујорк Тајмс: Србија се приближи до автократија
Концентрацијата на власт во рацете на Александар Вучиќ е лоша за демократијата во Србија, оцени влијателниот американски весник „Њујорк Тајмс“.
Според весникот, неговата убедлива победа на изборите за претседател ја приближи Србија до автократија, поради што ЕУ не смее да ги затвори очите пред намалувањето на слободата на медиумите во земјата.
“Иако претседателската функција е церемонијална, Вучиќ сега може да го избере наследникот на премиерската функција и да ја консолидира власта, бидејќи сега Собранието и судството се речиси целосно контролирани од страна на неговата Српска напредна партија. Со значително намалување на слободата на медиумите и маргинализирањето на политичката опозиција, концентрацијата на неговата моќ е лоша за српската демократија “, оценува весникот.
Весникот смета дека европските лидери кои гледаат на моќниците како Вучиќ како на сила за стабилност и кои се надеваат дека тој ќе го исполни ветувањето да ја задржи Србија на нејзиниот пат кон ЕУ, додека влијанието на Русија на Балканот е во пораст, мора да го избегнат искушението да гледаат на друга страна кога Вучиќ и неговите сојузници воспоставуваат монопол на политичките институции и на медиумите.
“Допуштањето таква контрола на Вучиќ ќе биде предавство на основните вредности на ЕУ и на многуте Срби ќе ја гледаат Унијата како светилник на демократските права и слободи, во време кога лидерите на Источна и Централна Европа и вртат грб на демократијата”, се вели во уводникот на весникот.
Весникот тврди дека изборите во кои Вучиќ освои повеќе од 50 отсто од гласовите поминале речиси целосно со негова и доминација на неговата партија врз медиумите како и наводи за заплашување на гласачите. Покрај тоа, секој ден по изборите илјадници луѓе излегуваат на улиците на Белград за да протестираат против владата на Вучиќ.
„Вучиќ се фали со фактот дека тоа што власта не ги потиснува протестите е знак за демократијата во земјата. Имајќи го во предвид бруталното задушување на јавните протести во многу автократски земји Вучиќ е во право, но можеби не ги смета студентите со свирчиња за голема закана, бидејќи изборите се завршени”, пишува весникот, па додава:
“Во секој случај, тој може да покаже посветеност кон демократијата со враќање на слободата на медиумите, со обезбедување јавен пристап до различни мислења и со независни извори за информации, како и со нарачување на независна истрага во врска со наводите за заплашување на гласачите, со ветување дека сите инволвирани ќе бидат казнети”, пишува „Њујорк Тајмс“.
Пред изборите Вучиќ ја предупредуваше јавноста во Србија дека нема да дозволи да му се случи „македонско сценарио“, но протестите деновиве на кои им се приклучи со поддршка и полицијата, како да одат во тој правец. Иако нема сè уште докази, политичките противници шпекулираат со над 300.000 украдени гласови на изборите од страна на актуелниот премиер. /Крај/мф “
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.