Daily news
Ќе се доделуваат мали грантови за инклузија на децата Роми во образованието
Граѓанските организации од Македонија ќе добиваат мали грантови за реализација на активности што ќе поддржат креирање инклузивна средина за децата Роми во образовниот процес во 9 општини во државата, информираа денес од здружението на граѓани „Ромски ресурсен центар“ од Скопје и Центар за семејно и детско згрижување (Family and Childcare Centre – KMOP) од Атина. Со проектот е предвидено да се доделат од 10 до 15 мали гранта.
Ромскиот ресурсен центар (РРЦ) од Скопје и Центарот за семејно и детско згрижување од Атина (КМОП) денеска ја претставија грант-шемата за доделување мали грантови за локални граѓански организации што работат на инклузија на ромската заедница.
Директорката на КМОП – Скопје, Марија Самарџиоска, потенцира дека в понеделник ќе ги објават финалните документи и ќе биде отворен повикот за аплицирање.
– Повикот за аплицирање ќе биде отворен еден месец, до 13 декември. Имаат право да аплицираат локалните граѓански организации кои имаат некакво искуство во работата со инклузија на деца Роми во формално образование – рече Самарџиоска пред почетокот на презентацијата во ЕУ Инфо-центарот. Додаде дека направиле покомплициран повик кој, како што рече, ги запазува европските стандарди.
Преку проектот „Градење посилно граѓанско општество за поттикнување на напорите за унапредување на образовната инклузија на Ромите“ на граѓанските организации ќе им бидат доделени околу 50.000 евра. Ќе бидат финансирани од 10 до 15 проекти или од 2.500 до пет илјади евра од проект. Проектот е финансиран од Делегацијата на ЕУ во Македонија.
Програмскиот менаџер во Ромскиот ресурсен центар, Себихан Демировски, изјави дека идејата на целиот проект е да се поддржат граѓански организации во Република Македонија кои работат на полето на инклузивно образование на Ромите.
Свесни сме, како што рече, дека проблемот доаѓа од нискиот степен на образование кај оваа заедница.
Според него, Декадата на Ромите и Стратегијата за инклузија на Роми во Република Македонија имаат конкретни мерки и активности кои се насочени за поддршка на ромската заедница во повеќе области, како образование, домување, вработување, дискриминација, унапредување на статусот на жената Ромка…
– Резултатите се огромни во делот на образование. Од почетокот на Декадата за инклузија на Ромите од 2005, ако тогаш имало 20-30 студенти, сега можеме да зборуваме за 400 активни студенти кои студираат на некои од универзитетите во Македонија – рече Демировски.
Според Демировски, за да се обезбедеи системско решавање на проблемот со Ромите, неопходно е да се унапреди соработката меѓу граѓанскиот сектор, институциите и локалните власти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.