Daily news
Ќе се решава проблемот со недостигот на вода во Прилеп
Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, денеска оствари средба со директорот на ЈКП „Водовод и канализација“, Сашо Николоски, со цел изнаоѓање итно решение за кризата со водата, со која Прилеп се соочува во последниот период.
„Последниве неколку недели недостигаат доволни количества вода во Прилеп, тоа граѓаните го чувствуваат. Во мојата предизборна кампања ветив и тоа ќе биде мојата прва заложба – решавање на овој проблем. Изворот Студенчица е главен извор на вода за овој град. Вчера бев во посета на Републичкото јавно претпријатие ‘Студенчица’ и од страна на директорот бев информиран дека штедроста на изворот е само 510 литри вода во секунда. Оваа е најмала штедрост од постоењето на системот. Вложувам и ќе вложам максимални напори во иднина заедно со ЈКП „Водовод и канализација“ овие критични моменти да се надминат, домаќинствата да не останат без неопходните количества вода за пиење во своите домови. Во рамките на можностите сепак да се обезбедат оптимални услови за подобрување на водоснабдувањето“, истакна градоначалникот Јованоски.
Јованоски додаде дека во согласност со хидролошката состојба во државата единствен начин за подобрување на водоснабдувањето во Прилеп е ревидирање на распределбата на вода во системот Студенчица.
„Тоа е единственото ургентно решение во моментот и ако добро се менаџира, можеме да очекуваме подобро водоснабдување во Прилеп. Ќе се заложам тоа да се спроведе. Има можност протокот за Прилеп да се зголеми за одреден процент. Се надевам дека во иднина овој проблем ќе се реши и во Прилеп ќе доаѓаат барем 120 литри вода во секунда“, акцентира градоначалникот Јованоски.
Директорот на на ЈКП „Водовод и канализација“, Сашо Николоски, ја презентира актуелната состојба на изворот Студенчица. Како што рече, во моментот за Прилеп доаѓаат околу 80 литри вода во секунда. Со количествата што се обезбедуваат од бунарите вкупно на располагање на домаќинствата им се околу 240 литри вода во секунда. Проблемот е особено изразен во викенди кога има помал доток на вода од Студенчица, а потребите на граѓаните се поголеми.
„За викенд стигнуваат само 30-40 литри вода во секунда. Од наши извори имаме околу 150 литри. Во викенд потрошувачката кај граѓаните е зголемена од 360 до 400 литри во секунда, а во работен ден потребни се 240 до 260 литри. Ги подготвуваме сите бунари, ја подготвуваме препумпната станица за висока, зона. Според тоа доколку има потреба, а најверојатно ќе има, ќе бидат активирани и тие. Но, ова решение е за ублажување на ситуацијата, а во никој случај не можеме да зборуваме за целосно нормализирање на состојбата. Во моментот се активни 20-ина бунари“, рече Николоски, директор на на ЈКП „Водовод и канализација“ – Прилеп.
Николоски потенцира дека иако според договорот направен пред повеќе години, 150 литри од Студенчица треба да одат за ТЕЦ „Осломеј“, термоелектраната во оваа водна криза нема да биде ставена во погон.
Според водостопанската согласност, 30 отсто од количините на Студенчица треба да добива Прилеп, но засега тие договорени количества не стигнуваат во градот. Николоски рече дека таа распределба не треба да остане само на хартија, туку и технички да се спроведе затоа што Прилеп е последна станица на регионалниот водовод и треба да се надмине овој хендикеп.
„Мислиме дека и со овие 510 литри вода во секунда од ‘Студенчица’, ако добро се менаџира и ако ние успееме да добиеме околу 120 литри вода во секунда во Прилеп, водоснабдувањето ќе се нормализира. Се прават мали редукции за да се снабди со вода населбата Тризла. Но, тоа трае само еден-два часа. Тогаш се намалува притисокот на населбата Рид за да добие вода населбата Тризла“, додаде Николоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.