Daily news
Нaцев: Врхушката на власт се однесува како парите на граѓаните да се нивна приватна сопственост
Уште на 1 ноември премиерот Зоран Заев најави дека двајца високи функционери во Владата се под истрага за сомнение за сторена корупција. Од 1 ноември поминаа речиси четири месеци, а јавноста не виде никаков резултат. Нема информација, ниту кои се функционерите ниту што направиле. Нема информација ниту од каде кај Заев информации за истраги што се водат тајно од страна на истражните органи, изјави Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.
Потенцира дека иако нема санкции за корумпираните функционери, сепак има десетици скандали и афери кои, како што рече, од километри мирисаат на корупција.
„Владата во која Кочо Анѓушев е вицепремиер преку ЕЛЕМ додели тендер на фирмата ‘Фероинвест’, на која тој беше сопственик. Јавноста беше фрапирана со која леснотија фирмите на челниците во власта добиваат милионски тендери од државните фирми“, рече Нацев.
Додаде дека сомнежи за корупција и криминал се појавиле и за работењето на МВР.
„Свиркачите во текот на октомври минатата година објавија дека МВР под раководство на Спасовски злоупотребила 1 милион евра странска донација за набавка на возила за потребите на полицијата и наместо преку јавен оглас, автомобилите се набавуваат од фирма донатор до СДСМ“, потсети тој.
Како што рече Нацев, скандали се нижеле едноподруго, па воедно истакна дека и Шекеринска од позиција на министер за одбрана склучила договор за набавка на мазут со фирма што нема лиценца за трговија со мазут и додаде дека по притисокот на јавноста, Министерството го раскинало договорот.
„Доказ дека власта не сака некој да се меша во начинот на кој се добиваат тендерите и се трошат јавните пари е укинувањето на Советот за јавни набавки, кој претставува контролен механизам што ја запазуваше законитоста при набавките. Советот, кој беше формиран по насока на ЕУ со цел намалување на корупцијата, беше укинат од Владата наа СДСМ, која само декларативно се залага за европските вредности и практики, а во реалноста ја враќа државата во 90-тите. Со укинувањето на Советот за јавни набавки широко се отвори вратата за корупција и малцверзации со јавните набавки“, рече Нацев.
Истакна дека непотизмот станал начин на владеење на СДСМ.
„Уште со самото преземање на локалната власт градоначалничката на Битола си го вработи братот како наставник, а градоначалниците на Берово и Неготино си ги вработија сопругите исто така како наставници. Одговори не беа дадени по кои критериуми и како беа избрани сопружниците и роднините на градоначалниците“, истакна Нацев.
Според него, врхушката на власт се однесува како државата и парите на граѓаните да се нивна приватна сопственост.
„Овие и други неоткриени и нерасветлени случаи, кои станаа одлика и начин на функционирање на власта, придонесоа Република Македонија да го допре дното во индексот на перцепција на корупција на ’Транспаренси интернешнл’“, рече Александар Нацев на прес-конференцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.