Daily news
Научниците тврдат дека ја решиле тајната на Бермудскиот триаголник
Научниците тврдат дека конечно ја решиле мистеријата на таканаречениот Бермудски триаголник.
Овие 500.000 квадратни километри кои се протегаат на северот на Атланскиот океан се прогласувани за виновни за исчезнување на најмалку 75 авиони и повеќе од стотина бродови низ вековите. Научниците сега тврдат дека зад „смртоносниот триаголник“ всушност стојат хексагонални облаци кои формираат ветровити воздушни бомби кои се движат со брзина од дури 273 километри на час, пишува Мирор.Овие смртоносни експлозии во воздухот можат да ги превртат бродовите и да ги соборат авионите во океанот, тврдат научниците.Тие исто така тврдат дека масивните облаци се појавуваат над западниот рт на островот Бермуда во распон од 30 до 90 километри.Сателитскиот метеоролог Стив Милер од Универзитетот Колорадо за Science Channel рече дека рамните рабови кај облаците инаку не се типични, туку облаците вообичаено се развлечени.Со помош на радарски сателити за проучување на појавите под облаците било утврдено дека ветриштата во ниво на морето достигале брзина од 273 километри на час. Овие ветрови биле доволно силни да подигнат бранови високи 13 метри, додека воздушните бомби паѓаат врз површината на океанот.„Овие типови на хексагонски облаци над океанот се всушност воздушни бомби. Формирани се од микроексплозија и тие се групи воздух што излегуваат од дното на облакот и удираат во океанот, создавајќи бранови кои понекогаш можат да бидат огромни и меѓусебно да се судираат“, тврди метеорологот Ренди Сервени.Бермудскиот триаголник се наоѓа источно кај Бахамите и западно од островот Бермуда, на северот на Атлантскиот океан.Најстарите извештаи потекнуваат од 1492 година, кога Кристофер Колумбо информирал за чудни светла и активности на компасот во тоа подрачје.Првото забележано потонување на брод датира од 1609 година, кога англискиот брод “The Sea Venture” бил уништен на источниот крај на островот Бермуда, по што преживеаните го населиле овој остров како први луѓе на него.Една од морничавите приказни е онаа за патувањето на бродот “Ellen Austin” од 1881 година, кога екипажот наводно налетал на друг брод, на кој немало никој. Решиле да преместат дел од својот екипаж на овој брод и да ги донесат обата брода до Њујорк, но бродот ненадејно исчезнал. Потоа повторно се појавил без никој на него, па пак исчезнал.Исчезнувањето на “USS Cyclops” и неговите 309 членови на екипажот исто е припишан на делувањето на Бермудскиот триаголник.Еден од најпознатите исчезнувања е она кога пет борбени авиони загубиле контакт со авионот во кој се наоѓале кадетите на американската морнарица. Сите 14 војници исчезнале, како и 13 членови на екипажот на авионот што тргнал да ги бара.Во 1991 година пилотот Груман Кругар се јавил во контролата на летање и барал дозвола да ја зголеми висината. Додека ја зголемувал висината, исчезнал од радарот.Последна забележана трагедија беше исчезнувањето на товарниот брод “El Faro” во 2015 година, на кој се наоѓаа 33 членови на екипажот. Бродот го зафатил ураган во близина на јужниот брег на Бахамите минатиот декември.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.