Daily news
Oдбележан 14 април – Денот на Царинска управа
Царинската управа на Република Македонија ја одбележ 25 годишнината од своето постоење како самостоен државен орган.
По тој повод, во средата во зградата на Царинската управа се одржа традиционалната свечена церемонија на која присуствуваа високи претставници на државата, Владата, министерствата, дипломатскиот кор, претставници на науката и бизнис заедницата.
Од почетоците, се вели во соопштението, од осамостојувањето на 14 април 1992 година, низ текот на годините Царинската управа прерасна во современа царинска администрација.
Министерот за финансии Кирил Миноски истакна дека со текот на годините, покрај промените и предизвиците кои се случуваа во општеството и економијата, Царинската управа успеа да се развие во една модерна и ефикасна институција.
Директорот на Царинската управа Наташа Радеска-Крстевска, во своето обраќање се осврна на успешната работа на Царинската управа во 2016 година и истакна дека постигнатите резултати се видливи и мерливи, а како најзначајни ги потенцираше задржувањето на високото 27 место на Република Македонија кај индикаторот Услови за прекугранично тргување помеѓу 190 земји во светот во најновиот Извештај Doing Business.
„Во 2016 година значителен успех беше постигнат и при наплата на давачките во надлежност на Царинската управа. Имено во 2016 година вкупно беа остварени приходи во износ од 72,9 милијарди денари, што е за 8,5%, повеќе од остварените приходи во 2015, а за 5,5%, повеќе во однос на планираните приходи за 2016 година. Исто така, успешно реализирани беа два твининг проекти и тоа: „Проектот „Хармонизација на законодавството и постапките со законодавството и добрата практика на ЕУ во областа на акцизите“ (ИПА 2010) и Проектот „Завршување на постапката за пристапување кон Конвенцијата за Заеднички транзитни постапки и Конвенцијата за поедноставување на формалностите во трговијата со стока“ (ИПА 2010)„ се посочува во соопштението.
За време на свеченоста презентирано беше и унапредувањето на системот за селективни контроли, што резултираше со намалување на бројот на физички и документарни прегледи, a процентот на пратки процесирани преку зелениот канал (слободно преминување на стоките) беше удвоен од 35% на 75% при истовремено зголемување на бројот на откриени неправилности и дополнителната наплата на царински и други давачки.
Во рамки на годинашното одбележување на царинскиот празник успешно беше организирана крводарителска акција на која својата хуманост ја покажаа над 150 царински службеници.крај/мф/кс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.