Daily news
Розацеа – црвени образи како естетски проблем
Додека во минатото црвените образи претставувале знак за добро здравје, во денешно време тие претставуваат естетски проблем кој ја намалува самодовербата и затоа бара соодветен третман. Еден од најчестите причинители за ова црвенило кое не поминува е една кожна болест позната под името розацеа.
Додека во минатото црвените образи претставувале знак за добро здравје, во денешно време тие претставуваат естетски проблем кој ја намалува самодовербата и затоа бара соодветен третман. Еден од најчестите причинители за ова црвенило кое не поминува е една кожна болест позната под името розацеа.
Што претставува розацеата?
Поимот розацеа означува една хронична незаразна дерматоза карактеристична за лицевата регија. Таа честопати има неразјаснета етиологија и е тешка за лекување. Розацеата е чест проблем во популацијата со застапеност од некаде едно на десет лица и почесто се јавува кај жените по 30-годишна возраст. Иако секој може да го има овој проблем, тој почесто се јавува кај лицата со светол тен.
Како се манифестира?
Розацеата е хронична повторувачка дерматоза со периодично менување на периодите на подобрување и влошување на симптомите. Таа се развива во неколку стадиуми со сé поголемо влошување на клиничката слика во секој од нив. Најчесто е зафатена средната третина на лицето, и тоа носот и образите, но во одредени случаи може да се прошири и да ги зафати и очите и челото. Се манифестира со појава на црвенило (периодично или трајно) кое се јавува во налети со чувство на топлина и пецкање на лицето, подоцна појава на црвени чворчиња или гнојаници, потенки или пошироки проширени капилари (телеангиектазии) на образите и во краен стадиум со разраснување на сврзното ткиво особено во пределот на носот кај мажи со негово деформирање, познато под името ринофима. Доколку се прошири кон очите може да се јави сувост, пецкање, оток на капаците и инфекција (конјунктивитис) со солзење, печење и преосетливост на сонце.
Од значење е големото влијание на оваа болест врз психолошкиот и социјалниот живот на болните со розацеа. Студиите спроведени од страна на Националното здружение за розацеа покажале дека повеќе од 90 отсто од пациентите со оваа дерматоза се изјасниле дека болеста ја намалува нивната самодоверба, додека 41 отсто избегнуваат јавен контакт или ги откажуваат социјалните ангажмани особено во периоди на влошување на клиничката слика.
Кои се причините за порјавата на розацеа?
Вистинската причина за појава на розацеата не е позната, но се спомнуваат одредени можни причински фактори, како што се генетската предиспозиција или наследување, абнормалности на крвните садови на лицето, реакција на премногу намножен demodex folliculorum кој како паразит нормално живее на нашата кожа, потоа покачено ниво на бактеријата Helicobacter pylori во желудникот и други.
Одредени тригер фактори можат да ја влошат клиничката слика кај розацеата и тука се вбројуваат: емотивните фактори (стресот, анксиозност, засраменост), лута и зачинета храна, алкохол особено црвено вино и кофеин, цигари, сончева светлина, премногу топло или ладно време или вода, топли пијалоци, екцесивни вежби и др.
Како се лекува розацеата?
Розацеата е болест која трае со години и која доколку не се лекува има тенденција да се влошува со тек на времето. Таа честопати може да биде помешана со акни, алергиска реакција на кожата, себореа или друга кожна болест. Затоа, при појава на какво и да е црвенило на кожата на лицето, особено доколку тоа се повторува и трае, не треба да се користат креми на своја рака, бидејќи може да ја влошите состојбата со поголема иритација, туку пациентите треба да се јава на дерматолог. Тој ќе ја постави точната дијагноза врз основа на клиничката слика, добра анамнеза, микроскопско испитување за demodex и лабораториски тестови и ќе ви препише соодветна терапија.
Моментално не постои лек за розацеа, но на располагање се голем број тераписки модалитети со кои состојбата успешно се контролира, а клиничката слика значително се подобрува. Клучот за успешно менаџирање на болеста лежи во континуирана долгорочна медицинска терапија и избегнување на потенцијалните тригер фактори.
„Како ќе се лекува болеста зависи од клиничката слика и стадиумот во кој таа се наоѓа. Лесната форма на розацеа не бара секогаш третман доколку на личноста не ѝ пречи состојбата. Обично се препишува само соодветна козметика и фотозаштита и се советува да се избегнуваат тригер факторите. Кај потешките и резистентни форми се оди со комбиниран пристап, користејќи неколку тераписки опции во исто време“, вели д-р Тања Бурјакоска, специјалист дерматовенеролог во „Ординација д-р Анчевски“.
Тие вклучуваат употреба на антибактериски гелови за миење, локални антибиотски и антипаразитарни препарати, препарати со азелаична киселина, антибиотски таблети, терапија со радиобранова технологија и ласери како IPL или уште подобро DYE-VL ласер за успешно отстранување на црвенилото и проширените капилари на лицето, вратот и деколтето, потоа фотодинамска терапија, изотретиноин, различни креми за корекција на црвенило (антиружери) и креми со фотозаштита препорачливо оние со физички филтри како цинк оксид и титаниум диоксид.
„Тераписките опции ги има голем број, но дерматологот експерт точно ќе ја процени состојбата и стадиумот на болеста и ќе направи индивидуален тераписки протокол за пациентот. Затоа не смее да се дозволи овој естетски проблем да влијае на вашето секојдневие и да го наруши вашиот социјален живот“, вели д0р Бурјакоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.