Daily news
Шеќерот е поопасен за организмот отколку што се мисли
Внесувањето преголемо количество шеќер во организмот е поголема закана за метаболизмот и здравјето отколку што досега се веруваше, покажа едно неодамнешно истражување чии резултати се објавени во стручното списание Obesity.
Намалување количеството шеќер во исхраната во текот на само девет дена значително го подобрило здравјето на група млади кои учествувале во истражувањето коешто го спровел педијатар ендокринологот Роберт Лустиг од детската болница „CSF Benioff“ во Сан Франциско.
На група од 43 дебелки деца и тинејџери на возраст од 9 до 18 години кои во споменатата клиника се лекувале од последиците на прекумерна телесна тежина, како на пример висок крвен притисока или зголемен холестерол, во текот на девет дена количеството на шеќерот во исхраната им било намалено и замената со продукти богати со скроб. Секојдневно консумирале исто количество калории како и вообичаено, шеќерот во храната бил намален од 28 на 10 отсто, а фруктозата, која се смета особено проблематично, била намалена од 12 на 4 отсто од вкупните калории. Било дозволено консумирање овошје, а зашеќерената храна била замената со храна која содржи скроб, со печива, житарки и со тесто.
По девет дена лекарите утврдиле дека метаболичкото здравје се поправило во сите сегменти, се намалиле крвниот притисок и „лошиот“ холестерол и триглицеридите, нивото на инсулинот во крвта било намалено за третина, а функционирањето на црниот дроб било подобрено.
„Калориите од шеќерот се најлошите, бидејќи во црниот дроб се претвораат во маснотија, резултираат со отпорноста на инсулин и доведуваат во опасност од развој на дијабетес, срцеви и болести на црниот дроб“, пишува др Лустиг, појаснувајќи дека големото количество шеќер не претставува опаснсота за организмот поради калориите, туку поради напорот кој метаболизмот го вложува за да го преработи.
И покрај резултатите од ова истражување, многу од колегите на др Лустиг му префрлаат на премалиот примерок испитаници на којшто тоа е спроведено. Професорот по нутриционизам на лондонскиот King’s College, Том Сандерс, смета дека оваа студија треба да се земе со извесна доза на скепса, бидејќи немало споредбена група пациенти кои би продолжиле со земањето зашеќерена храна.
Меѓутоа, др Лустиг и неговите колеги се надеваат дека ќе ја прошират студијата за да се утврди дали се случуваат промени на подобро, како резултат на елиминирањето на големо количество во исхраната, кои имаат долгорочен ефект.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.