Економија
Ангеловска-Бежоска: За повисок економски раст, потребна е поголема вклученост на жените во економијата
Според емпириските истражувања, поголемата вклученост на жените во економијата значи повисок економски раст. Кај развиените економии, вклученоста на жените може да го забрза растот за 10%, додека кај помалку развиените, дури за 30%. Сепак, широкиот јаз помеѓу мажите и жените на пазарот на труд, според вклученоста и валоризацијата, сѐ уште е глобален проблем, кој уште повеќе се продлабочи по пандемијата. Слична е состојбата и во македонската економија. Народната банка е еден од позитивните примери во општеството, каде што учеството на жените на раководни позиции изнесува 70%. Ова беа дел пораките на гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска, која се обрати на панел-дискусијата „Жените инспирираат“, во рамки на програмата организирана во чест на првите дами на Австрија и на Република Северна Македонија.
Говорејќи за родовата нееднаквост во светски рамки, гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна дека кризните епизоди со кои се соочивме изминатите неколку години диспропорционално повеќе ги погодија жените од мажите. „Ова јасно се согледува преку фактот дека само во првата пандемична година, околу 54 милиони жени во светот излегоа од пазарот на трудот, а се проценува дека 90% од нив, на трајна основа. Со тоа стапката на активност на жените се намали на 47%, така што уште повеќе се продлабочи разликата со стапката на активност на мажите, која е над 70%. Ова значи дека само помалку од половина од работоспособното женско население работи или бара работа, односно е ставено во функција на раст на економиите“, посочува гувернерката.
Понатаму во својата дискусија, гувернерката се осврна на македонската економија, која исто така се соочува со предизвици поврзани со родовата нееднаквост. Само околу 45% од жените се активни на пазарот на трудот, а присутна е и сегрегација кај раководните позиции со значително помала застапеност на жените, што доведува и до јаз во платите.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска вели дека општеството има и повеќе добри примери. Во овој контекст, истакна дека угледната британска експертска група ОМФИФ, чиј индекс го мери учеството на жените во раководните тела на институцијата, ја рангира Народната банка како прва во светот во централнобанкарската заедница според родова еднаквост.
На панел-дискусијата модерирана од директорката на Националната галерија на Македонија, Дита Старова Ќерими, покрај гувернерката и првите дами, Елизабета Ѓорѓиевска и Дорис Шмидауер, учествуваа и успешни жени од земјава, претставнички од областа на политиката, деловниот и граѓанскиот сектор, културата и од други области, на која се презентираа нивните досегашни постигнувања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Меморандум за соработка во полето на гасниот сектор помеѓу Македонија и Србија: ќе се испитува можноста за развој на нова директна врска меѓу двата системи за гас
Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини на Република Северна Македонија склучи Меморандум за соработка во полето на гасниот сектор со Министерството за рударство и енергетика на Република Србија, во просториите на Владата.
Гасниот интерконектор Северна Македонија – Србија е означен како Водечки проект за енергетиски мрежи во рамки на ЕУСАИР (EU Strategy for the Adriatic and Ionian Region) со што ќе се обезбеди сигурност во снабдувањето за регионот на Југоисточна Европа и ЕУ по пат на имплементација на проектите од Јужниот гасен коридор на ЕУ и Трансбалканскиот гасен прстен, преку диверзификација на рутите и изворите за снабдување со гас.
Со меморандумот се предвидува испитување на можноста за развој на нова директна врска меѓу двата системи за гас. Во рок од 9 месеци ќе се изработи Физибилити студија и Студија за оценка на влијание на проектот врз животната и социјалната средина за новата гасна интерконекција помеѓу државите.
Врз основа на резултатите од техничките и пазарни истражување и земајќи ја во предвид постојната инфраструктура за пренос на гас кај двете страни, Страните ќе ги анализираат и ќе превземат соодветни одлуки за реализација на проектот и координирање на понатамошни дејствија.
Економија
Зголемување на цената на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,81% во однос на одлуката од 30.9.2024 година.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемува за 1,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,108 ден/кг и сега ќе изнесува 42,780 ден/кг.
Економија
Претседателката на ММФ: Живееме во свет на бавен економски раст и високи долгови
Меѓународниот монетарен фонд може да им помогне на земјите да се приспособат на бавниот економски раст и високиот долг бидејќи ова е светот во кој моментно живееме, изјави денеска претседателката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, на конференцијата за одржливост во Хамбург.
Според неа, тоа значи дека реформите што придонесуваат за раст, подобрување на инвестициската клима и напредок на пазарот на трудот треба безмилосно да се одложат.
„Меѓународниот монетарен фонд може да им помогне на своите членки да ги спроведат неопходните реформи, со што овие земји ќе имаат потенцијал да го зголемат растот на БДП во текот на четири години за осум отсто“, додаде Георгиева, пренесува „Танјуг“.
Конференцијата беше отворена со говорот на германскиот канцелар, Олаф Шолц.