Економија
Ангеловска-Бежоска: И во светот и кај нас сѐ уште се очекува економски раст за годинава

Рецесија за годинава во моментот не се очекува. И покрај сите предизвици, сите релевантни меѓународни финансиски институции, сепак предвидуваат економски раст, но забавен. Рецесија не се предвидува ниту со песимистичките сценарија на меѓународните институции, како ММФ, Европската Унија, Европската централна банка, туку дополнително забавување на растот, посочува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во интервју за Радио Слободна Европа. Но, потребно е внимателно следење со оглед на природата на шокот и високата неизвесност.
Централната банка направи надолна ревизија на проекциите за економскиот раст на земјата за оваа и следната година, со коja за 2022 година се очекува економски раст од 2,9 %, а за 2023 година раст од 3,6 %.
Гувернерката посочува дека војната во Украина има ефекти врз глобалната економија преку повеќе канали. Првиот канал е високиот раст на цените на примарните производи, особено на храната и на енергијата, имајќи ја предвид улогата што Русија и Украина ја имаат на овие пазари. Друг значаен канал е намалувањето на трговијата, ММФ предвидува забавување на стапката на раст на глобалната трговија и од 10 % минатата година, таа би се свела на 5 % оваа година. Значаен канал е и затегнувањето на финансиските услови на меѓународните финансиски пазари. Последниот, но многу значаен канал, е намалувањето на довербата кај инвеститорите и потрошувачите.
Гувернерката истакнува дека за нашата економија е специфично оти нема позначајни директни финансиски и трговски врски со Русија и Украина. Трговијата со нив учествува со речиси 2 % во вкупната трговија. Финансиските врски се релативно слаби: странските директни инвестиции оттаму се помалку од 1 %, приватните трансфери имаат незначително учество, а не се присутни руски и украински финансиски институции.
„Кај нас ефектите повеќе ќе се почувствуваат преку индиректни канали, а тоа е степенот до кој ќе биде погодена ЕУ како наш најзначаен трговски партнер и колку ќе се прелее тоа и кај нас. Исто така, ќе се одрази и затегнувањето на финансиските услови на меѓународните пазари, како и зголемената неизвесност, која може неповолно да се одрази врз одлуките за инвестиции и потрошувачка“, посочува гувернерката.
________________
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Дополнителна субвенција од 5.760 денари по хектар за земјоделците со житни култури

Националниот план за производство на храна содржи мерки за директна поддршка на земјоделците, со акцент на житните култури. Обезбедена е дополнителна мотивирачка мерка за производителите на житни култури од 5.760 денари по хектар за сите земјоделци кои имаат остварен принос од еден или повеќе хектари површина со пченица, јачмен, рж, овест и сончоглед и ќе го предадат во домашни преработувачки или откупни капацитети, соопшти Министерството за земјоделство.
„Од оваа година оваа дополнителна мерка е изменета, па ограничувањето на приносот од 5 до 50 хектари, кое претходно важеше, е заменето и истата мерка, од април ова година важи без ограничување од еден хектар, па нагоре за сите производители на житни култури. Оваа дополнителна финансиска поддршка на земјоделците им овозможува дополнителни средства како поддршка при процесот на производство на житни култури. Ги повикуваме сите земјоделци производители на житни култури да аплицираат и да ја искористат оваа мерка, крајниот рок за аплицирање по оваа мерка, за дополнителна поддршка од речиси 100 евра за зголемен принос е до крајот на октомври оваа година“, стои во нивното соопштение.
Донесениот Национален план за производство на храна обезбедува поддршка за земјоделците и при набавка на вештачко ѓубриво, а веќе поддршка по оваа мерка преку Интервентниот фонд е исплатена до 3.304 земјоделци.
Министерството за производителите на житни култури распиша и посебен јавен оглас за доделување под закуп на државно земјоделско земјиште над 3 хектари, распоредено во 14 региони низ државата со вкупна површина од 5.722 хектари. Овој оглас предизвика голем интерес кај земјоделците и веќе со министерството се склучени рекордни 258 договори за закуп, информираат од оваа институција.
Економија
Поевтинуваат цените на горивата

Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,40% во однос на одлуката од 1.07.2022 година
Малопродажните цени на бензинот еуросупер БС-95 и на еуродизел (Д-Е V) се намалуваат за 0,50 ден/лит, додека малопродажните цени на бензинот еуросупер БС-98 и на екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува за 0,422 ден/кг и сега ќе изнесува 53,727 ден/кг.
Од 5.7.2022 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин еуросупер БС – 95 108,50 (денари/литар)
Моторен бензин еуросупер БС – 98 110,50 (денари/литар)
Дизел гориво еуродизел БС (Д-Е V) 103,50 (денари/литар)
Масло за горење екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 102,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 53,727 (денари/килограм)
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 0,860%, кај дизелот за 1,390%, кај екстра лесното масло за 1,407% и кај мазутот има зголемување е за 0,959%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,201%.
Економија
Доделени грантови до 10.000 евра за самовработување во Тетово

Младите кои имаат различни идеи и креативност треба да ги искористат мерките за самовработување и во рамките на бизнис плановите што ќе ги состават да започнат сопствен бизнис, добивајќи субвенција од 5.000 евра до 10.000 евра, изјави министерот за економија Крешник Бектеши на прес-конференцијата заедно со директорот на Агенцијата за вработување, Беким Мурати, по повод доделувањето на договорите на дел од одобрените апликанти во регионот на Тетово, кои ќе добијат грантови во рамките на Оперативниот план за вработување во рамки на мерките „Субвенционирање на плати“ и „Вработување и раст на правни субјекти“.
„Секогаш го поддржуваме отворањето нови работни места, особено за работни места кои се подобро платени, а секако ги поддржуваме и оние кои се во моментот невработени да имаат дополнителни можности преку користење на мерење на истите да имаат и работа”, изјави Бектеши.
Тој истакна и дека интеграцијата на земјата во Европската Унија е многу важна. Додавајќи дека со почетокот на преговорите со ЕУ, 60% од финансирањето ќе се додадат на поглавјето за претприемништво, вработување и зголемување на конкуренцијата.
„Оперативниот план вклучува околу 37 милиони евра, секако овие иницијативи се важни за интеграцијата на земјата во Европската Унија. Што се однесува до поглавјето за претприемништво, вработување и зголемување на конкурентноста, со отворањето на преговорите за членство во Европската Унија, 60% од финансирањето ќе се додадат на Оперативниот план. Минатата година корист од овие мерки имаа 12.000 граѓани, додека годинава се предвидува бенефит да имаат 15.000 граѓани, а во иднина оваа бројка уште повеќе ќе се зголеми со користење на средствата на Европската Унија”, кажа министерот Бектеши.
Директорот на Агенцијата за вработување, Мурати, посочи дека интересот за овие мерки е сè поголем и дека Агенцијата ќе се потруди согласно Оперативниот план да обезбеди повеќе средства за невработени лица.
„ ашата интенција е 15 илјади невработени да бидат вклучени во сите овие активни мерки кои ги нуди Агенцијата за вработување. Ние не застануваме тука, нашата интенција е наредната 2023 година со тој Оперативен план да бидат вклучени повеќе од 20 илјади“, кажа Мурати.