Економија
Ангеловска-Бежоска на конференција на ОН: Банките со сѐ поголема посветеност на зелените кредити

Климатските промени можат да влијаат врз ценовната и финансиската стабилност, односно врз целите на централните банки. Оттаму, централните банки, особено на најразвиените економии, во изминатиот период им посветуваат сè поголемо внимание на зелените финансии. Народната банка досега презеде повеќе активности за таа цел, вклучително и определување на зелените финансии како стратегиска цел и пристапување кон меѓународната Мрежа за зелени финансии. Ова го посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на Годишната конференција на Обединетите нации: „Како да се обезбеди финансирање на одржливиот развој“, на панел-дискусијата „Што можат да направат банките и компаниите за одржливиот развој?“
„Има процени дека економската штета од климатските промени изнесува околу 25% од глобалниот БДП. ММФ проценува дека природните непогоди поврзани со климатските промени го намалуваат растот за 0,4 процентни поени, во просек, а кај помалку развиените економии дури и до 0,7 процентни поени. Се проценува дека негативниот ефект во претстојниот период ќе биде уште поголем, особено кај помалку развиените економии, нагласувајќи ја потребата за засилување на активностите на носителите на политиките, но и на меѓународната заедница“, наведе гувернерката Ангеловска-Бежоска.
Централните банки ставаат сè поголем акцент, при изборот на своите монетарни инструменти и управувањето со девизните резерви, токму на откривањето на ризиците од климатските промени. Се зголемува транспарентноста на ова поле, се работи на мапирање на екосистемот, развивање системи на статистички податоци и сл.
„Проактивна улога на ова поле има и Народната банка. Во 2021 година беше спроведена анкета помеѓу деловните банки за досегашната примена на концептот ‘зелени финансии’. Според резултатите од анкетата, околу 70% од банките одобруваат кредити за проекти коишто имаат позитивно влијание врз животната средина, додека околу 43% од банките имаат воспоставено и формален систем на идентификување зелени проекти. Учеството на зелените кредити изнесува околу 150 милиони евра, или само 2,5% во вкупните кредити. Сепак, заинтересираноста расте, минатата година имаше раст од 23%, а заклучно со септември натамошен раст од околу 6%“, посочи гувернерката.
„Општо земено, наодите од анкетата, коишто не се разликуваат многу од анкетите во рамките на ЕУ, покажуваат дека тековно учеството на зелените финансии е релативно помало, но дека банките им даваат сè поголема предност на зелените кредити, коишто се значаен потенцијал за финансирање проекти за животна средина и воопшто, за одржлив раст “, истакна Ангеловска-Бежоска.
Во однос на идните активности на Народната банка во врска со зелените финансии, гувернерката нагласи дека банката ќе се насочи кон прибирање подетални податоци, анализа на ризиците од климатските промени за банкарскиот систем и изготвување насоки за банките за зелените финансии, како и дека се планира стрес-тестирање на отпорноста на банкарскиот систем на климатските промени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Принцот Вилијам во ненадејна посета на британските војници во Полска

Принцот од Велс им се заблагодари на британските војници за одбраната на нашите слободи, како што рече, во тајната посета на воената база во Полска во близина на границата со Украина.
Посетата на принцот Вилијам на Жешов во југоисточна Полска беше чувана во тајност поради безбедносни грижи додека тој не замина и не пристигна во главниот град Варшава.
Тој им рекол на британските војници: „Ви благодарам за сè што правите овде.“
Принцот истакнал дека сака лично да им се заблагодари што се грижат за безбедноста на сите и будно ја следат ситуацијата на терен.
„Значи, голема благодарност за она што го правите секојдневно.“
„Вие правите навистина важна работа овде и бранењето на нашите слободи е навистина важно, и сите дома целосно ве поддржуваат,“ рече тој.
Освен британската воена база, принцот ја посети и територијалната база на полската армија каде што се сретна со полски војници.
Наследникот на тронот треба да го посети и украинскиот бегалски центар во Варшава. В четврток принцот ќе се сретне со полскиот претседател Анджеј Дуда и ќе присуствува на положување венци.
Економија
Ковачевски – Павлова: Со проекти од енергетиката, инфраструктурата и животната средина до побрза интеграција во ЕУ

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска се сретна со делегација од Европската инвестициска банка, предводени од заменик-претседателката на банката, Лилјана Павлова.
На средбата присуствуваа и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, и министерот за финансии, Фатмир Бесими.
Заеднички беше констатирана досегашната успешна соработка на државата со Европската инвестициска банка, со надеж дека таа соработка ќе се прошири и во други области.
На состанокот се дискутира за поддршката што Европската инвестициска банка ја обезбедува за реализација на клучните проекти во јавниот сектор од областа на патната и железничката инфраструктура, енергетиката, како и проекти од областа на зелениот развој и зелената транзиција на земјата.
Во оваа насока претставниците на Европската инвестициска банка нагласија дека продолжува поддршката на државни проекти, како и на приватниот сектор.
Заеднички беше истакната важноста за реализација на проектот за изградба на гасниот интерконектор со Грција и реализацијата на делницата во земјата, при што беше оценето дека оваа инвестиција ќе придонесе за стабилност во снабдувањето со енергија, што ќе обезбеди раст на земјата и побрза интеграција во енергетскиот пазар во регионот, како и во Европската Унија.
Беше потенцирана и важноста на проектот за изградба на пречистителната станица за отпадни води во Скопје, кој е поддржан и преку инвестициски грант во рамките на Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), со што ќе се обезбеди подобрување на квалитетот на условите за живеење на жителите на главниот град, но и пошироко.
Премиерот Димитар Ковачевски на средбата се заблагодари во име на Владата за континуираната поддршка на Европската инвестициска банка на државата, со што оваа значајна меѓународна финансиска институција придонесува во процесот на пристапување на земјата кон ЕУ.
Европската инвестициска банка е активна во Република Северна Македонија уште од 1991 година обезбедувајќи над 1,1 милијарда евра, финансиска поддршка за претпријатијата, како и за проекти од областа на транспортот, енергијата и инфраструктурата.
Економија
(Видео) Владата: Обезбедени 70 милиони евра грант од ЕУ за пречистителната станица во Скопје

Владата на Република Северна Македонија обезбеди 70 милиони евра грант од ЕУ за финансирање на проектот за изградба на пречистителна станица во градот Скопје. Договорот за грант, кој се обезбедува од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), го потпишаа денеска министерот за финансии, Фатмир Бесими, министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, и заменик-претседателката на ЕИБ, Лилјана Павлова. На потпишувањето на договорот присуствуваа и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, и евроамбасадорот Дејвид Гир.
Станува збор за средства што се надополнување на обезбедените финансиски средства за реализација на овој проект од страна на ЕИБ во износ од 68 милиони евра и 58 милиони евра од Европската банка за обнова и развој. Вкупната финансиска конструкција за реализација на овој проект, чија имплементација е во надлежност на Градот Скопје и ЈП „Водовод и канализација“ е 197,2 милиони евра.
Според вицепремиерот Маричиќ, овој проект е потврда дека европската интеграција е најдобрата формула за понатамошниот развој на Република Северна Македонија.
„Членството во Европската Унија не значи само исполнување на критериумите од преговарачките кластери и усогласување со законодавството на Унијата. Преговорите со ЕУ имаат цел да ги подобрат условите за живеење на сите наши граѓани“, рече Маричиќ додавајќи дека проектот дава значаен и мерлив придонес за подобрување на урбаната средина на град Скопје за подобрување на квалитетот на услугите за третман на отпадните води и во исполнување на европските стандарди.
Маричиќ посочи дека со ваков тип на проекти ја носиме Европа дома, ги носиме стандардите и начинот на живеење на Европската Унија во нашата земја и во главниот град.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими, потенцира дека договорот што денеска го потпишуваме е чекор поблиску на Република Северна Македонија во остварување на ЕУ-перспективата и приклучување во европското семејство.
„Република Северна Македонија ги почна преговорите со ЕУ и активностите на тој пат добиваат забрзана динамика. Паралелно со тоа и реформите за носење на Европа дома на имплементација на европските стандарди во секојднeвието забрзано се одвиваат. Покрај активностите за усогласување со европското законодавство, што е дел од овој процес, активно се работи и на значајни инфраструктурни проекти, кои ќе дадат придонес во севкупниот развој и раст на економијата. Дефинираните стратешки проекти се препознаени од ЕУ за што Република Северна Македонија досега има добиено грантови средства во износ од 462 милиона евра во имплементацијата на 29 проекти, кои имаат проценета инвестициска вредност од 2,6 милијарди евра“, рече министерот Бесими.
Министерката Шукова потенцира дека Владата со овој договор ја затвора финансиската конструкција и овозможува почнување на изградбата на пречистителната станица за отпадните води за град Скопје.
„По обезбедувањето на финансиите, рече таа, останува обврската на Град Скопје да го доврши процесот на експропријација и заедно со Општина Гази Баба да ја заврши урбанистичко-планската документација и потпишување на договорите за градба и надзор од страна на директорот на ЈП ‘Водовод и канализација’. Ова е предизвикувачки процес, кој бара голема координација на сите инволвирани страни. Но, да, ние сме подготвени да го прифатиме предизвикот. Овој проект е над сите политички интереси и императив доколку сакаме да бидеме дел од европското семејство“, истакна министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова.
Евроамбасадорот Гир потеницра дека патот кон ЕУ претставува процес на трансформација, но и на подобрување на животот и на животниот стандард. „Инвестицијата на ‘Тим Европа’ во пречистителната станица во Скопје е практичен пример токму за ова. Пречистителната станица ќе може безбедно да ги третира и пречистува отпадните води генерирани од страна на речиси една третина од населението во земјата. Тоа ќе придонесе и за позелена европска иднина на оваа земја“, рече евроамбасадорот Гир.
„Исклучително сме горди што можеме да обезбедиме ваков вид поддршка за Северна Македонија во време на пролонгирана криза и сериозни предизвици. Потпишувањето на овој грант е силен показател за пристапот на ‘Тим Европа’ и заложбата на ЕУ во однос на вашата земја на патот кон европската и регионалната интеграција, во исто време овозможувајќи и подобар животен стандард за сите. Со спроведувањето на овој проект се очекува значително унапредување на животната средина, како и здравствени придобивки, а воедно ќе се придонесе кон заштита на животната средина и достигнување на климатските таргети“, истакна заменик-претседателката на ЕИБ, Лилјана Павлова, надлежна за активностите во Северна Македонија.
Договорот што се потпиша денеска е надополнување на богатото портфолио на инвестиции што се реализирани со поддршка од ЕИБ во износ од 1,16 милијарда евра. 277 милиони евра е вредноста на инвестициите во изградба на модерна транспортна мрежа во земјата, 178 милиони евра за водоводни и канализациски системи и подобар пристап до вода за пиење, како и 64 милиони евра во енергетиката. Во моментот во јавниот сектор се финансираат од страна на ЕИБ проекти во износ од 147 милиони евра, а вредноста на инвестициски грантови од ВБИФ добиени со поддршка од ЕИБ изнесува 82,2 милиона евра. Реализација на капитални инвестиции, кои Република Северна Македонија ќе ја доближат до ЕУ, се меѓу клучните приоритети, а за тоа потврда е испланираната сума за инфраструктурни проекти во буџетот во износ од 800 милиони евра.
Со потпишување на договорот за грант од ЕУ за пречистителната станица денеска се одбележува Светскиот ден на водите.