Економија
Ангеловска-Бежоска: Новата Стратегија за зелени финансии на НБ ќе го зајакне потенцијалот на банкарскиот систем за поддршка на зелената трансформација на економијата

Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска се обрати пред присутните високи претставници на банките, државните институции, Европската банка за обнова и развој и Европската Унија, на свечената вечера којашто по повод на плодната соработка ја организира Инвестицискиот фонд за зелен раст. Притоа, таа се осврна на едно од најважните прашања во светот – климатските промени, што заедно со геополитичката фрагментација, според последното истражување на Светскиот економски форум, се едни од двата главни светски ризици, на среден и на долг рок. Беа посочени оцените според кои климатските промени го намалуваат глобалниот економски раст за 0,4 п.п., со поизразен ефект во економиите во развој (0,7 п.п.), притоа имајќи го предвид негативното влијание од сѐ почестите рекордни суши, топлотните бранови и поплавите коишто предизвикаа страдања и огромни загуби на секој континент. Гувернерката дополни и дека е особено важно ефектите од климатските промени да се составен дел од водењето политики на централните банки, особено во помалку развиените економии коишто вообичаено се многу чувствителни на климатските ризици, но немаат соодветни фискални и финансиски ресурси за нивно ублажување, велат од НБ.
Климатските ризици беа тема и на средбата меѓу раководството на Народната банка и претставниците на еден од водечките светски менаџери со средства „Финансии во движење“ и на Инвестицискиот фонд за зелен раст, советуван од компанијата, предводени од претседателот на Одборот на директори на Фондот, Кристофер Ноулс и извршната директорка на „Финансии во движење“, Елвира Лефтинг.
На средбата, гувернерката Ангеловска-Бежоска се осврна на ризиците од климатските промени и потребата за зелено финансирање, односно за зголемување на финансирањето зелени проекти, како неминовност за банкарскиот сектор.
„Ова е особено важно прашање за нас, како и за централните банки во глобални рамки, поради можните ефекти на климатските промени врз финансиската стабилност, но и врз стабилноста на цените, имајќи предвид дека сѐ почестите природни катастрофи доведуваат до шокови на страната на понудата и засилена пазарна неизвесност. Нашите заложби во доменот на зелените финансии ќе се засилат во наредниот период во согласност со неодамна донесениот Среднорочен план за активностите на Народната банка во доменот на управувањето со ризиците поврзани со климатските промени за периодот 2023 ‒ 2025 година“, истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.
Претставниците на „Финансии во движење“ и Инвестицискиот фонд за зелен раст ја посочија како добар пример посветеноста на Народната банка на предизвиците коишто ги наметнуваат климатските промени. Беа истакнати заложбите на Народната банка за подобрување на потенцијалот на банкарскиот систем за поддршка на преминот на економијата кон зелен и одржлив развој, вклучително и преку донесувањето на Среднорочниот план со кој се предвидени повеќе активности за поголема поддршка на зеленото финансирање, а со тоа и натамошно одржување на финансиската стабилност. Во овој дел значајна улога ќе има и користењето на кредитните линии на европските фондови коишто поттикнуваат инвестиции за енергетска ефикасност, за обновливи извори на енергија. Целта на Фондот е да ѝ обезбеди поддршка на земјата преку својата посветена финансиска поткрепа за енергетската и ефикасноста на ресурсите и обновливите извори на енергија, но и да им помогне на компаниите и на нивните партнерски кредитни институции подобро да се подготват за бизнисот на утрешницата и за предизвиците коишто ги очекуваат на ова патување.
Инвестицискиот фонд за зелен раст, оформен во 2009 година како иницијатива на Европската инвестициска банка и Германската банка за развој, подржан од „Финансии во движење“, во нашата држава е активен преку финансирање на банките и обезбедување инвестиции за проектно финансирање, како и преку проекти за техничка поддршка. Досега, Фондот има обезбедено финансиска поддршка во вкупна вредност од 50 милиони евра, вклучувајќи и 26 наменски проекти за локалните финансиски институции во износ од еден милион евра во форма на неотповиклива техничка поддршка, се додава во соопштението на НБ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Бектеши: Граѓаните да бидат спокојни, мерките се почитуваат, утре одлука за намалување на цените на пијалоците

„Граѓаните да бидат спокојни. Мерките кои ги носи Владата со цел заштита на стандародт на граѓаните ќе се реализираат во целина. На следната седница на Владата ќе биде донесена одлука за намалување на цените на алкохолните и безалкохолните пијалоци, a се прави и анализа за намалување на цените на хигенските производи“, кажа министерот за економија Крешник Бектеши при денешната посета на „Алма М“, компанија од дистрибутивниот бизнис, кои дистрибуираат производи по маркетите опфатени со мерката „гарантирана цена“
Министерот Бектеши кој во посета на „Алма М“ беше заедно со премиерот Димитар Ковачевски и директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски, кажа дека компаниите имаа рок да се усогласат со новите одлуки и со новите Законски решенија кои треба да се почитуваат од сите трговци.
„Имаме ново законско решение во делот на Заштина на потрошувачите и по барање на Стопанска комора на компаниите им дадовме определен рок да се усогласат со измените барањата на Законот. Овој законско решение целосно се применува во најразвиените европски земји и треба целосно да биде почитувано. Во однос на одлуката која веќе ја донесовме, тоа што знаеме точно е дека утре ќе има одлука за намалување на цените на безалкохолните и алкохолните пијалоци. За хигиенските производи најверојатно во текот на оваа недела ќе бидат завршени сите консултации и ќе видиме дали има простор да се донесат одредени мерки“ кажа министерот Бектеши.
Бектеши потенцираше дека Министерството за економија и сите надлежни институции прават анализи на неделна основа и врз основа на сите влезни
податоци ќе се донесат одлуки кои што ќе бидат во интерес на заштита на стандардот на граѓаните.
Економија
Ковачевски: Со мерката „гарантирана цена“ овозможуваме поевтини производи од 10 до 40 отсто за заштита на стандардот на граѓаните

Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со министерот за економија, Крешник Бектеши, и в.д. директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, денеска ја посети компанијата „Алма М“. Ковачевски, Бектеши и Трајковски со менаџментот на компанијата разговараа за новите владини одлуки за намалување на цените на над 50 призводи.
„Како Влада овозможуваме услови за подобра бизнис-клима, за поголема ликвидност на компаниите и конкурентен пазар, како и за подобри услови за работа во државата. Со новата мерка на Владата на над 50 производи во 24 категории од пекарската, млечната и од месната индустрија им ја намаливме цената за 10 проценти во однос на цената што ја имале на 1 август. Со оваа одлука и мерка кај одредени категории и производи веќе има намалување на производите над 10 %, а кај некои намалувањето е од 30 до 40 %. Во маркетите веќе овие производи добија ознака ‘гарантирана цена’, со оваа мерка придонесуваме и покрај инфлациските притисоци, заеднички и солидарно им даваме поддршка на нашите граѓани“, рече Ковачевски.
Апелира да се почитува мерката.
„Единствено, со високо ниво на социјален дијалог за приоритетни теми ќе одговориме соодветно на намалување на инфлацијата и до крајот на годината се стремиме таа да не биде повисока од 5 % во делот на основните производи што граѓаните ги користат. Зошто го велам ова? Зголемувањето на платите од јули оваа година го надминува зголемувањето на инфлацијата, но со сите овие мерки што ги правиме, со зголемување на минималната плата за најмалку 10 % веќе од почетокот на наредната година, генерално, инфлацијата ќе биде на ниво од 8 %, а платите ќе пораснат за процент поголем од нивото на инфлацијата. И оваа есен и зима ќе продолжиме во оваа насока, не се откажуваме од зголемување на платите, не се откажуваме од инвестициите во енергетиката и во инфраструктурата“, рече Ковачевски.
Увери дека нема да има никаков ценовен шок за граѓаните во делот на снабдувањето со електричната енергија.
„Веќе правиме напори да се обезбеди сè што е потребно и за непречено снабдување со топлинска енергија за градот Скопје со оглед на хаваријата што се случи на мостот ‘Беласица’ во текот на минатите месеци и на која во моментот се работи. Сè додека јас сум премиер, како Влада нема да престанеме да работиме на подобрување на егзистенцијалното прашање на граѓаните во Северна Македонија, како и на економскиот раст на државата“, порача Ковачевски.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,05 % во однос на одлуката од 18.9.2023 година.
Од 26.9.2023 година од 00.01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
моторен бензин „евросупер БС-95“ – 89,00 (денари/литар)
моторен бензин евросупер БС-98“ – 91,00 (денар/литар)
дизел-гориво „евродизел БС (Д-Е V)“ – 85,50 (денари/литар)
масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 85,00 (денари/литар)
„мазут М-1 НС“ – 48,715 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините „евросупер БС-95“ и „евросупер БС-98“ и на „евродизелот (Д-Е V)“ се намалуваат 1,50 денар/л, а малопродажната цена на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалува 1,00 денар/л.
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се зголемува 0,447 денари/кг и ќе изнесува 48,715 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 3,198 %, кај дизелот 3,096 %, кај екстра-лесното масло 1,768 % и кај мазутот зголемувањето е 0,699 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 0,389 %.