Економија
Ангеловска-Бежоска: Според ЕБРД, извештајот има прогрес, но и потреба од зајакнување на структурните реформи за повисок животен стандард

Квалитетот на транзиција на нашата земја е над просекот на земјите од Западен Балкан со оценка 5,6 од можни 10, покажува Извештајот за транзиција (2024 – 2025) на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), на чијашто презентација се обратија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и шефот на Канцеларијата на ЕБОР во земјава, Фатих Туркменоглу.
Во своето воведно обраќање, гувернерката истакна дека процесот на спроведување на структурните реформи во нашата земја е обележан и со достигнувања и со предизвици.
„Најновиот Извештај на ЕБОР ни дава јасна слика за тоа каде се наоѓаме на патот кон постигнување одржлива пазарна економија во моментов. Најниските оценки се забележани во делот на конкурентноста, отпорноста и доброто владеење, што укажува, меѓу другото, на потребата од подлабоки реформи за зајакнување на продуктивноста, унапредување на вештините, зголемување на учеството во глобалните синџири на вредности и подобрување на деловното окружување, особено за малите и средните претпријатија. Од друга страна, нашата земја има прилично висока оценка во делот на интеграцијата, што ја одразува високата отвореност за трговија (130% од БДП) и инвестиции и релативно повисоко ниво на ИКТ-инфраструктурата. Во однос на продуктивноста, како клучен столб на долгорочниот раст, јазот сè уште е голем, при што нашата продуктивност е околу половина од просекот на ЕУ“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска.
Таа, исто така, дополни дека структурните реформи се континуиран процес. Како пример за структурни промени кај нас таа го посочи влезот на странските компании во слободните економски зони, коишто одиграа позитивна улога во привлекувањето странски компании, создавањето работни места и зголемувањето на продуктивноста во македонската економија. Компаниите во зоните привлекоа над 1 милијарда евра директни странски инвестиции во последната деценија, што претставува околу 50% од вкупниот извоз и се едни од најпродуктивните компании во земјата. Зголемувањето на продуктивноста бара и поттикнување на дигитализацијата и иновациите. Имено, индексот за дигитализација на ЕБОР покажува дека остварувањето на нашата земја е 59% во делот на дигиталните предуслови и 48% во делот на фактичката употреба на дигиталните технологии, резултати коишто, иако се блиску до регионалниот просек, сè уште се далеку од границата од 100. „Пристапот до финансирање, исто така, е значаен фактор на поддршка, и во овој контекст важно е да се нагласи солидната кредитна поддршка на компаниите, за што придонес имаат и мерките на нашата политика насочени кон зајакнување на отпорноста и стабилноста на банкарскиот систем“, истакна Ангеловска-Бежоска.
„Северна Македонија направи импресивни чекори во својата зелена транзиција, развојот на инфраструктурата и унапредување на пристапот до финансии за деловните субјекти и поединците. Овие достигнувања ја одразуваат силата на нашите партнерства со локалните чинители, донаторите и приватниот сектор. Ново усвоената Стратегија на ЕБОР за земјата за 2025 – 2030 година се темели врз овој напредок, со јасни приоритети околу регионалната интеграција, одржливата инфраструктура и поттикнувањето на поконкурентна и инклузивна економија. Како што е наведено во Извештајот за транзиција на ЕБОР за 2024 -2025 година, „Управување на индустриската политика“, индустриската политика може да одигра клучна улога во обликувањето на долгорочната конкурентност и отпорност на земјата. Нашето инвестирање во Северна Македонија е насочено кон создавање значајни можности што ќе ги охрабрат граѓаните да ја градат својата иднина дома – поддржувајќи инклузивен раст и помагајќи во справувањето со демографските предизвици. Оптимист сум за патот што претстои и посветен сум на остварување на уште поголемо влијание во наредните години“, истакна Туркменоглу, шефот на Канцеларијата на ЕБОР во земјава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Министерството за енергетика го поздрави стартот на најголемиот ветерен парк во Македонија: Силен сигнал за стабилни инвестиции и зелена транзиција

Министерството за енергетика со задоволство ја поздравува денешната официјална промоција на почетокот на изградбата на ветерниот парк кај Штип, поддржан со инвестиција од 500 милиони долари од страна на „Алказар енерџи партнерс“. Со 55 ветерници на површина од 326 хектари, со капацитет да снабдува околу 100.000 домаќинства – проектот е најголемата регионална инвестиција во обновливи извори на енергија во Западен Балкан.
Министерството нагласува дека секоја ваква инвестиција ги потврдува нашите институции како стабилен и предвидлив партнер за вложувања, поткрепена со дисциплиниран пристап и фер регулаторна рамка.
Министерката за енергетика, во своето видеообраќање по повод стартот на проектот, потенцираше:
„Оваа Влада ја постави енергетиката како столб на развој. И нема да застанеме додека не ја трансформираме Македонија во регионален центар за обновлива енергија. Како министерка за енергетика, со гордост го поддржувам секој чекор кој води кон оваа цел. Инвестициите во ветер, сонце, вода се мостови кон економска стабилност, зелена транзиција и нови работни места за македонските граѓани. Со оваа инвестиција се градат можности за младите, се градат индустриски капацитети за целата држава и енергетска сигурност за многу домаќинства“, истакна Божиновска.
Министерката, при тоа, им се заблагодари и на меѓународните партнери:
„Вашата верба во нашите институции е доказ дека Македонија веќе се гледа како стабилна и предвидлива држава за долгорочни вложувања, почитуван партнер и домаќин на инвеститори кои работат според правилата и веруваат во иднината на оваа земја. “
Од аспект на Министерството, оваа инвестиција носи повеќекратна корист: чиста и стабилна енергија, намалени емисии на јаглерод, пониски сметки за струја и отворање на педесетина нови работни места во фаза на изградба и уште повеќе во функционирањето. Министерството за енергетика останува посветено на поддршката на слични проекти и очекува дополнителни инвестициски шанси за зелена и иновативна енергетика, кои ќе донесат долгорочна корист за граѓаните, економијата и идните генерации.
Економија
Народната банка со одлука за намалување и поедноставување на надоместоците за извршување на плаќањата во земјата и во СЕПА

Во рамките на активностите за модернизација на платниот систем и за поттикнување на електронските плаќања, Советот на Народната банка на вчерашната седница донесе одлука за целосно нов модел за тарифирање на банките за извршување и порамнување на плаќањата во Македонскиот интербанкарски платен систем. Моделот се заснова на принципите и практиките на централните банки во евросистемот за фиксни и предвидливи надоместоци според обемот на трансакциите, со што се создава простор за поедноставување и намалување на надоместоците што банките ги наплаќаат од клиентите за извршување на електронските плаќања преку платните системи во земјата.
Советот на Народната банка воведе тарифа за плаќањата на државните органи во евра со земјите од СЕПА во фиксен износ од 3 евра по трансакција за електронски иницираните налози и 5 евра за налозите иницирани на хартија. Ниските и фиксни надоместоци по трансакција, во споредба со варијабилните надоместоци во зависност од износот на трансакцијата коишто ги налагаат сложените кореспондентски аранжмани со странските банки, ќе доведат до значителна заштеда за државата при извршувањето на плаќањата на државните органи со европските земји.
Одлуката, како што појаснуваат, се носи во контекст на приклучувањето на нашата земја кон СЕПА и фазата на усогласување со европските стандарди којашто е во тек, а со која се создава основа за пошироко намалување на трошоците за прекуграничните плаќања во евра, како од страна на Народната банка за државните органи, така и од страна на банките за своите клиенти.
Народната банка и натаму активно ќе работи на поедноставувањето и намалувањето на трошоците за плаќањата во земјава и кон земјите од СЕПА со крајна цел ‒ подобра услуга за граѓаните и поволна деловна средина за компаниите.
На истата седница Советот на Народната банка го усвои и Извештајот за ризиците во банкарскиот сектор за првиот квартал од 2025 година.
„Во услови на стабилен раст на економската активност, благо забрзана инфлација и зголемена неизвесност од надворешното окружување, банкарскиот сектор ja задржа стабилноста. Кредитната и депозитната активност бележат солиден годишен раст, а показателите за солвентноста, ликвидноста и квалитетот на кредитното портфолио и натаму се поволни. Растот на добивката на банкарскиот систем забавува во однос на истиот период лани, главно поради намалените каматни приходи. Народната банка и натаму ќе биде претпазлива во политиките, имајќи ги предвид светските ризици и ќе биде посветена на одржувањето на стабилноста на банкарскиот систем“.
Советот на Народната банка ја усвои и Одлуката за воведување нов систем за прибирање и доставување податоци од банките и штедилниците. Новиот систем ИСИДОРА ќе овозможи пообемни и поквалитетни податоци за монетарната статистика, супервизијата и финансиската стабилност, усогласени со европските и меѓународните стандарди. Со фазна примена, системот ќе ја замени досегашната практика и ќе придонесе за поефикасно, пофлексибилно и поедноставно известување.
Економија
Стан во центар или куќа за бегство од градот – инвестирајте во трајна вредност

Во време кога сигурноста и стабилноста се на врвот на приоритетите, вложувањето во сопствен дом претставува една од најпаметните и најдолгорочни одлуки. Без разлика дали се гледате во урбан стан блиску до сè, или во куќа со двор и мирно секојдневие надвор од градот, важно е да знаете дека изборот не мора да зависи од финансиските ограничувања. Халкбанк нуди станбени кредити со поволни услови, создадени да ви помогнат побрзо и полесно да го остварите вашиот план, да станете сопственик на недвижност со трајна вредност.
Финансиска поддршка за стан, куќа или рефинансирање
Станбениот кредит што го нуди Халкбанк е наменет за купување на стан или куќа, но и за рефинансирање на веќе постоечки станбен кредит. Дополнително, ако недвижноста која ја купувате е сè уште во фаза на градба, банката соработува со голем број градежни компании и ви овозможува организирана и безбедна процедура, со целосна поддршка низ целиот процес.
Флексибилни рокови, ниски трошоци
Халкбанк нуди станбени кредити со рок на отплата до 30 години и грејс период до 12 месеци. Она што го прави овој кредит посебно атрактивен е фиксната каматна стапка од 3% до 3,5% за првите 5 години или фиксна каматна стапка од 3,2% до 3,65% за првите 10 години. Нема провизија за обработка на кредитот и нема трошоци за предвремена отплата од сопствени средства.
Сигурност и заштита за вас и вашето семејство
Како дополнителен елемент на сигурност, кредитот е поврзан со полиса за животно осигурување издадена од Триглав Осигурување – Живот АД Скопје, која гарантира сигурност во отплатата и се грижи за добросостојбата на целото семејство, дури и во непредвидени околности.
Паметна инвестиција што добива на вредност со текот на времето
Недвижноста не е само простор за живеење, таа е капитал, стабилност и вредност што се зголемува. Во економска средина што се менува, сопствениот дом е најдобриот одговор на несигурноста. Сега е вистинскиот момент да направите паметен потег и да изградите иднина за себе и за вашите најблиски.
Халкбанк, стабилен партнер за големи животни одлуки
Изборот на стан или куќа е личен. Финансиската поддршка, пак, треба да биде сигурна и докажана. Халкбанк е институција што ве следи во клучните животни моменти, нудејќи не само кредит, туку и совет, поддршка и доверба. Без скриени трошоци, со јасни услови и професионален пристап.
ПР