Економија
Бесими: 2022 година ја завршивме со јавен долг на ниво од 57,1 проценти, намалување за 3,9-процентни поени

Јавен долг од 57,1 %, што е за 3,9-процентни поени понизок во однос на нивото од 2021 година, буџетски дефицит понизок за 1-процентен поен во однос на планот за 2022 година и 8,7 % понизок во однос на 2021 година.
Тоа се фактите што се неоспорно постигнати со политиките што ги спроведуваме и најзначајно што се постигнати во услови на криза. Ова го истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими, на конференцијата „Година на нови можности“ говорејќи на тема „Фискални, монетарни и даночни политики во време на криза“.
„Управувањето со јавни финансии е особен предизвик во услови на турбулентно економско окружување. Експанзивната фискална политика, која беше водена во периодот на пандемијата преку таргетирана поддршка за одржување на ликвидноста на компаниите, зачувување на работните места и социјална помош за невработените и ранливите категории граѓани, резултира со пораст на буџетскиот дефицит на 8,1 % од БДП во 2020 година придонесувајќи за нагло зголемување на јавниот долг на 59,7 % од БДП достигнувајќи рекорден јавен долг од 61 % во 2021 година, која со континуирана заложба за фискална консолидација можеме да се пофалиме дека заклучно со 31.12.2022 година се спушти на ниво од 57,1 % од БДП,“, рече Бесими.
Тој потенцира дека значајно е тоа што нивото на јавниот долг се намали во услови на криза и дека тоа е под Мастришкиот критериум (60 %).
„Буџетскиот дефицит исто така може да кажеме дека се движи во рамките на Мастришките критериуми (3 % од БДП). Ако се земе предвид дека од остварениот дефицит од 4,3 % речиси 2 % отпаѓа на справување со кризата, ние сме постигнале дефицит што е во рамките на европските правила“, истакна Бесими и додаде дека тој тренд на намалување на дефицитот продолжува и од почетокот на оваа година, а бројките покажуваат дека е 35 % понизок од остварениот дефицит во тој период од 2022 година.
Оцени дека ова беше навистина специфична година во која требаше да се преземат политики со кои требаше да се обезбедат стабилни, ефикасни и одржливи јавни приходи, а тие политики добија потврда и од меѓународните институции.
ММФ врз основа на одржливите економски политики и здравата основа го одобри пристапот на земјата до средства од Инструментот за претпазливост и ликвидност, инвеститорите исто така во текот на 2022 година ги препознаа политиките и обезбедивме средства за буџетскиот дефицит и отплата на стари обврски по поповолни и пониски цени, а последната потврда на политиките се и од агенцијата „Стандард и Пурс“.
„Со напорите за фискална консолидација ќе продолжиме и од реформите не отстапуваме. Го донесовме Законот за буџетите, поставивме фискални правила. Почнавме реформа за воспоставување современ модерен даночен систем, кој ќе значи праведност, ефикасност, транспарентност и ќе се темели на современи дигитални технологии и иновации, а сето тоа во функција на постигнување забрзан, инклузивен и одржлив економски раст. Даночната реформа, која како концепт ја воспоставивме, не значи зголемување даноци, туку е во насока на проширување на даночната база и ревидирање на даночните ослободувања, а кои создаваат нееднаков третман на даночните обврзници“, рече Бесими.
На панелот учествуваа гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, академик Абдулменаф Беџети и Глигор Бишев, советник на премиерот.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска се осврна и на улогата на координацијата на макроекономските политики во одржување на стабилноста на економијата, особено во услови на криза.
„Во периодот на пандемијата монетарната политика обезбедуваше поддршка на фискалната политика. Сега за справување со инфлацијата и одржување на стабилноста на девизниот пазар на монетарната политика ѝ е потребна поддршка од фискалната политика. Оттаму, од исклучителна важност е да се продолжи со прудентна монетарна политика и фискална политика, втемелени на добро таргетирани и временски ограничени мерки насочени кон најранливите сектори за краткорочно ублажување на ефектите, но уште поважно и на капитални инвестиции, кои ќе го зголемат долгорочниот потенцијал за раст и заедно со структурните реформи ќе ја поддржат трансформацијата на економијата“, рече Ангеловска-Бежоска.
Директорката Лукаревска истакна дека должност на УЈП е да воведе целосна дигитализација на процесите и модернизација на услугите кон даночните обврзници, да се намалат бирократските процедури, а да се зголемува ефективноста и ефикасноста на постапките. „Со тоа, рече Лукаревска, ќе го стегнеме обрачот за неформалната економија, а за формалните бизниси ќе обезбедиме фер пазар и конкуренција.
Електронска фактура е процес што оваа година го подготвуваме, ќе овозможи издавање, достава и прием на фактура во електронски формат преку единствениот систем на Управата за јавни приходи, во кој ќе се евидентираат сите фактури што произлегуваат од прометот помеѓу даночните обврзници, владините институции, крајните приматели на добра и услуги, како и интернет-продавниците.
Со е-фактура ќе се спречи непријавување данок при трансакции во е-трговијата, ќе се зголеми ефикасноста на контрола и сузбивање на измамите со ДДВ (фиктивни фактури), а контролите да ги насочиме кон високоризични обврзници“, рече Лукаревска.
Академик Беџети порача дека се неопходни даночните реформи во согласност со стратегијата донесена пред повеќе од една година.
„Имајќи ги предвид состојбите на постојниот даночен систем во РСМ, дека е многу регресивен, дека даночната база е со изразени условни олеснувања и ослободувања, дека е недоволно конвергентен со даночните системи на земјите членки на ЕУ, дека нема флексибилни решенија за даночење на растечките добивки како резултат на криза, дека изразито се даночи доходот од плати во однос на капиталните доходи и добивките, дека нема соодветни еколошки даночни решенија, дека сè уште степенот на даночна дигитализација не одговара на предизвиците на времето, дека онлајн-набавките не се ефикасно под контрола и како таков сè уште генерира висока стапка на неформална економија, неминовни се даночните реформи во согласност со новата концепција и стратегија донесена пред повеќе од една година.
Фискалната историја пред еден век па сè до денес, вклучувајќи ја и последната инфлациска и енергетска криза, ни покажува дека токму големите економски кризи се причина повеќе за забрзување на реформите, а не обратно“, наведе Беџети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Папата излезе од болница и се пошегува: се уште сум жив

Папата Франциск денеска ја напушти болницата Гемели во Рим, каде неколку дена беше лекуван од инфективен бронхитис.
-Сè уште сум жив, се пошегува папата (86) на излегување од болницата.
Ватикан вчера потврди дека папата Франциск ќе ја напушти болницата денеска а утре планира да ја предводи мисата за верскиот празник Цветници, на плоштадот Свети Петар.
Светиот Отец пред три дена беше примен во римската болница каде прими антибиотска терапија. Папата, кој има повеќе здравствени проблеми, беше примен во болница поради проблеми со дишењето. Претходно во петокот, извори од Ватикан соопштија дека Папата поминал втора мирна ноќ во болницата, што е уште еден знак дека добро закрепнува од бронхитисот.
Економија
Битиќи во компанијата ТЕЦУП во Тетово: Ги поддржуваме компаниите да го развиваат своето производство и конкурентноста на странските пазари

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, ја посети компанијата ТЕЦУП од Тетово, која се занимава со производство на хартија и картон, и која Владата ја поддржува преку законот за финансиска поддршка.
Во неговата изјава, вицепремиерот Битиќи рече дека се работи за компанија која работи со квалитативни и биоразградливи материјали, погодни за животната средина.
„Оваа компанијата произведува хартиени чаши за чај, кафе, сок и сладолед за еднократна употреба, производи кои се со квалитативни и биоразградливи материјали наменети за домашниот но и на странскиот пазар, поточно за пазарите во Србија и Италија“, изјави Битиќи.
Вицепремиерот информираше дека компанијата ТЕЦУП е поддржана преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции, бидејќи се работи за компанија чии производи се во согласност со ISO стандардите во хармонија со Европскиот зелен договор на кој Владата е сериозно посветена.
„Партнерски ќе ја следиме компанијата во нејзината инвестиција во нов објект со вкупна површина од 400м2 каде што се планирани нови производствени капацитети. Токму ова е и целта на планот за економски раст за поддршка на компаниите, да ги поддржи компаниите како ТЕЦУП, партнерски да ги поддржи, и да ги помогне да инвестираат и да се развиваат“, изјави Битиќи.
Шуиб Весели еден од сопствениците на компанијата ТЕЦУП се заблагодари за финансиската поддршка за која рече дека е добредојдена за изградбата на новите производствени капацитети, кои ќе допринесат за додадена вредност на компанијата.
Економија
Преку супервизорски циркулар ќе се јакне заштитата на потрошувачите на банкарските услуги

На одржаната редовна седница на Советот на Народната банка беше донесен Циркулар за финансиските институции за следење и примена на препораките и добрите практики за заштита на правата и интересите на потрошувачите при користењето финансиски услуги од банкарскиот сектор на Македонија.
Имено, Народната банка преку донесениот циркулар воспоставува добри практики во поглед на заштитата на потрошувачите корисници, залагајќи се за правични и транспарентни односи, врз основа на јасни и лесно разбирливи информации за производите и услугите што ги даваат. При изготвувањето на овој циркулар се користени меѓународни стандарди, европски директиви и практики во овој домен, имајќи ги предвид карактеристиките на банкарскиот систем и банкарската регулатива кај нас.
Циркуларот предвидува одредби за понатамошно подигнување на корпоративната култура и вредности кај банките коишто се фокусираат на правичен и еднаков третман кон клиентите. Исто така, предвидени се одредби и за воспоставување практики за обезбедување соодветни совети и препораки за потрошувачите, засновани на финансиските цели, потребите и знаењето на секој потрошувач, земајќи ја предвид сложеноста на финансиската услуга или производ и ризиците поврзани со нив. Значаен аспект на заштитата на потрошувачите е и достапноста до јасни, релевантни и навремени информации за финансиските услуги и производи, па со Циркуларот се дефинираат и практиките во овој домен. Значајни одредби во Циркуларот се посветени и на поставувањето добри практики поврзани со ракувањето со поплаките од клиентите, при што се очекува дека финансиските институции ќе го унапредат системот за ефективно ракување, како и дека навремено и праведно ќе постапуваат во врска со поплаките на потрошувачите.
Практиките опфатени во Циркуларот имаат за цел да поттикнат воспоставување високи стандарди на одговорно и професионално однесување во финансиските институции кон клиентите и градење култура каде што интересите на потрошувачите се составен дел од деловните стратегии и работењето на финансиските институции.
На истата седница, Советот ја потврди висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките кон клиенти од земјата во висина од 0,75%, којашто ќе се применува и во вториот квартал од 2024 година. Одлуката се темели на редовната квартална оцена на системските ризици за четвртиот квартал на 2022 година, којашто потврди дека банкарскиот сектор е здрав и стабилен и отпорен на шокови. Истовремено, се задржани и оцените за постепено зголемување на цикличните системски ризици, во услови на продолжена неизвесност, вклучително и на пазарот на недвижности. Во вакви услови, кога ризиците сѐ уште не се одразиле врз билансите на домашните банки, со противцикличниот заштитен слој на капиталот се придонесува за јакнење на капиталната сила на домашните банки, со што се јакне и стабилноста и отпорноста на банкарскиот систем, а со тоа и на севкупната финансиска стабилност.
На седницата на Советот беше усвоен и Извештајот за управувањето со оперативните ризици на Народната банка на Република Северна Македонија за 2022 година. Основната цел на овој извештај е да се презентираат резултатите од длабинската процена на оперативните ризици за 2022 година. Управувањето со ризиците е неопходен елемент на доброто корпоративно управување коешто придонесува за ефикасно и ефективно остварување на поставените стратегиски цели, мандат и визија.