Економија
Битиќи: Владата внимателно ја следи енергетската криза, навремено се носат мерки за ублажување и надминување на состојбите

Во рамките на континуираниот процес на дијалог и дискусија помеѓу Владата и другите органи на државна управа со претставниците на бизнис-секторот, во Владата се одржа редовна седница на Комисијата за јавно-приватен дијалог со која копретседаваше заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, а присуствуваа и заменик-министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски, државната секретарка во Министерството за економија, Размена Чекиќ-Дуровиќ, директорот на Бирото за јавни набавки, Борче Хаџиев, советникот на претседателот на Владата, Милан Живковиќ, претставници од Министерството за труд и социјална политика, како и претседателите на стопанските комори, членки на платформата за јавно-приватен дијалог, Трајан Ангелоски (Сојузот на стопанските комори), Неби Хоџа (Стопанската комора на северозападна Македонија), Анета Антова-Пешева (МАСИТ) и претставникот на Стопанската комора на Северна Македонија, Зоран Јовановски.
На седница се дискутира за повеќе актуелни теми поврзани со економијата, како што се активностите што ги презема Владата во однос на актуелната енергетска криза, за измените во однос на недела неработен ден и за статусот на подготовка на новиот системски Закон за работните односи, процесот на намалување на бројот и износот за парафискалните давачки, дигитализација во администрацијата и други теми што се во интерес на стопанството и економскиот развој на Република Северна Македонија.
Присутните беа известени дека Владата будно ја следи состојбата и редовно одржува состаноци на кои се дискутираат чекорите потребни да се амортизира состојбата која е предизвикана од енергетската криза во Европа, при што се ставени во функција термоелектраните во Битола, „Осломеј“ и „Неготино“, се следи операционализација на планот за набавка на ресурсите потребни овие капацитети да работат непречено, паралелно се работи на зголемување на производсвото на електрична енергија од обновливи извори, при што веќе се усвоени четири стратешки проекти за изградба на вакви големи капацитети (фотонапонски централи и ветерни електрани), а се планираат и други мерки со кои ќе се заштитат граѓаните, особено ранливите потрошувачи од евентуалните покачувања на цената на струјата.
Заменик-министерот за информатичко општество и администрација, Бајдевски, во однос на активностите за дигитализација на администрацијата, посочи дека во изминатиот период се направени сериозни чекори напред, а информира дека во 2022 година се планира во системот на интероперабилност од сегашните 30 државни институции да бидат поврзани 100 државни институции, а во системот за управување со документи од сегашните 20 институции да се поврзат околу 300, со што значително ќе се подобрат ефикасноста и ефективноста при постапувањето на државните органи.
Во однос на недела неработен ден, соопштено е дека се направени измени и се очекува Собранието набргу да ги усвои, при што законското решение би стапило во сила од 1 јануари 2022 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Папата излезе од болница и се пошегува: се уште сум жив

Папата Франциск денеска ја напушти болницата Гемели во Рим, каде неколку дена беше лекуван од инфективен бронхитис.
-Сè уште сум жив, се пошегува папата (86) на излегување од болницата.
Ватикан вчера потврди дека папата Франциск ќе ја напушти болницата денеска а утре планира да ја предводи мисата за верскиот празник Цветници, на плоштадот Свети Петар.
Светиот Отец пред три дена беше примен во римската болница каде прими антибиотска терапија. Папата, кој има повеќе здравствени проблеми, беше примен во болница поради проблеми со дишењето. Претходно во петокот, извори од Ватикан соопштија дека Папата поминал втора мирна ноќ во болницата, што е уште еден знак дека добро закрепнува од бронхитисот.
Економија
Битиќи во компанијата ТЕЦУП во Тетово: Ги поддржуваме компаниите да го развиваат своето производство и конкурентноста на странските пазари

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, ја посети компанијата ТЕЦУП од Тетово, која се занимава со производство на хартија и картон, и која Владата ја поддржува преку законот за финансиска поддршка.
Во неговата изјава, вицепремиерот Битиќи рече дека се работи за компанија која работи со квалитативни и биоразградливи материјали, погодни за животната средина.
„Оваа компанијата произведува хартиени чаши за чај, кафе, сок и сладолед за еднократна употреба, производи кои се со квалитативни и биоразградливи материјали наменети за домашниот но и на странскиот пазар, поточно за пазарите во Србија и Италија“, изјави Битиќи.
Вицепремиерот информираше дека компанијата ТЕЦУП е поддржана преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции, бидејќи се работи за компанија чии производи се во согласност со ISO стандардите во хармонија со Европскиот зелен договор на кој Владата е сериозно посветена.
„Партнерски ќе ја следиме компанијата во нејзината инвестиција во нов објект со вкупна површина од 400м2 каде што се планирани нови производствени капацитети. Токму ова е и целта на планот за економски раст за поддршка на компаниите, да ги поддржи компаниите како ТЕЦУП, партнерски да ги поддржи, и да ги помогне да инвестираат и да се развиваат“, изјави Битиќи.
Шуиб Весели еден од сопствениците на компанијата ТЕЦУП се заблагодари за финансиската поддршка за која рече дека е добредојдена за изградбата на новите производствени капацитети, кои ќе допринесат за додадена вредност на компанијата.
Економија
Преку супервизорски циркулар ќе се јакне заштитата на потрошувачите на банкарските услуги

На одржаната редовна седница на Советот на Народната банка беше донесен Циркулар за финансиските институции за следење и примена на препораките и добрите практики за заштита на правата и интересите на потрошувачите при користењето финансиски услуги од банкарскиот сектор на Македонија.
Имено, Народната банка преку донесениот циркулар воспоставува добри практики во поглед на заштитата на потрошувачите корисници, залагајќи се за правични и транспарентни односи, врз основа на јасни и лесно разбирливи информации за производите и услугите што ги даваат. При изготвувањето на овој циркулар се користени меѓународни стандарди, европски директиви и практики во овој домен, имајќи ги предвид карактеристиките на банкарскиот систем и банкарската регулатива кај нас.
Циркуларот предвидува одредби за понатамошно подигнување на корпоративната култура и вредности кај банките коишто се фокусираат на правичен и еднаков третман кон клиентите. Исто така, предвидени се одредби и за воспоставување практики за обезбедување соодветни совети и препораки за потрошувачите, засновани на финансиските цели, потребите и знаењето на секој потрошувач, земајќи ја предвид сложеноста на финансиската услуга или производ и ризиците поврзани со нив. Значаен аспект на заштитата на потрошувачите е и достапноста до јасни, релевантни и навремени информации за финансиските услуги и производи, па со Циркуларот се дефинираат и практиките во овој домен. Значајни одредби во Циркуларот се посветени и на поставувањето добри практики поврзани со ракувањето со поплаките од клиентите, при што се очекува дека финансиските институции ќе го унапредат системот за ефективно ракување, како и дека навремено и праведно ќе постапуваат во врска со поплаките на потрошувачите.
Практиките опфатени во Циркуларот имаат за цел да поттикнат воспоставување високи стандарди на одговорно и професионално однесување во финансиските институции кон клиентите и градење култура каде што интересите на потрошувачите се составен дел од деловните стратегии и работењето на финансиските институции.
На истата седница, Советот ја потврди висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките кон клиенти од земјата во висина од 0,75%, којашто ќе се применува и во вториот квартал од 2024 година. Одлуката се темели на редовната квартална оцена на системските ризици за четвртиот квартал на 2022 година, којашто потврди дека банкарскиот сектор е здрав и стабилен и отпорен на шокови. Истовремено, се задржани и оцените за постепено зголемување на цикличните системски ризици, во услови на продолжена неизвесност, вклучително и на пазарот на недвижности. Во вакви услови, кога ризиците сѐ уште не се одразиле врз билансите на домашните банки, со противцикличниот заштитен слој на капиталот се придонесува за јакнење на капиталната сила на домашните банки, со што се јакне и стабилноста и отпорноста на банкарскиот систем, а со тоа и на севкупната финансиска стабилност.
На седницата на Советот беше усвоен и Извештајот за управувањето со оперативните ризици на Народната банка на Република Северна Македонија за 2022 година. Основната цел на овој извештај е да се презентираат резултатите од длабинската процена на оперативните ризици за 2022 година. Управувањето со ризиците е неопходен елемент на доброто корпоративно управување коешто придонесува за ефикасно и ефективно остварување на поставените стратегиски цели, мандат и визија.