Економија
Битиќи во посета на „Пејпер мил“ во Кочани: Фабриката го рестартира производството по инсталирање на еколошки филтер

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, и градоначалникот на Кочани, Николајчо Илијев, присуствуваа на настанот за рестартирање на производството на фабриката за хартија „Пејпер мил“ во Кочани, кој се случува по инсталирањето на вреќест филтер со кој значително се намалени емисиите на штетни честички во водухот, за кои во минатото, имаше реакции од граѓаните.
Битиќи потсети дека „Пејпер мил“, при своето работење во минатото, емитираше повисоко ниво од дозволеното на штетни честички во воздухот, на што граѓаните од Кочани со право реагираа, државните институции и сопствениците на фабриката седнаа, ги разгледаа сите аргументи и потоа менаџментот на фабриката одлучи привремено да запре со производството, а притоа ги задржаа вработените со намалени приходи од 70%, како што предвидува Законот.
„Здравјето на граѓаните е врвен приоритет на оваа Влада, а тоа секојдневно го покажуваме и докажуваме. Мене ми претставува задоволство што и сопствениците на компанијата покажаа разбирање и брзо реагираа, вложија дополнителни средства во системот за отпрашување и последните мерења, направени од независна лабараторија и потврдени од државните институции покажуваат дека емисиите на штетни честички се далеку под дозволените, односно до 40 пати помалку од пропишаните вредности“, нагласи Битиќи и посочи дека воведувањето стандарди за заштита на животната средина не доближуваат до европспките стандарди и вредности.
Со инвестицијата во инсталирање на вреќестиот филтер, овозможен е рестарт на оваа компанија и враќање на работа на сите 120 вработени, рече Битиќи и посочи дека „Пејпер мил“ најавува дополнителни вложувања во овој капацитет, со кои ќе се модернизираат процесите и дополнително ќе се влијае на заштитата на животната средина, со што го покажуваат својот искрен интерес да бидат општествено одговорна компанија.
„ ‘Пејпер мил’ е значајна компанија, освен направените инвестиции и бројот на вработени, оваа компанија има големо значење за локалниот економски развој, но и за циркуларната економија во земјата. Имено, треба да се знае дека оваа компанија има капацитет за рециклирање на картонска хартија за потребите на цела земја, што изнесува околу 14.400 тони. Тоа е навистина значајно и исто придонесува за заштита на животната средина, затоа што и хартијата е ресурс кој го добиваме од природата, а со рециклажа ја заштитуваме природата. Би сакал да посочам дека Владата има потпишано договор за финансиска поддршка на ‘Пејпер мил’, чијшто инвестициски проект е до крајот на 2022 година, а според договорот во овој капацитет се планирани дополнителни вложувања од околу 2 милиони евра, со што би се удвоило производството и капацитетот за рециклажа би достигнал до околу 30.000 тони отпадна хартија во Северна Македонија. Тоа е и можност за нови вработувања, но и зголемен извоз од нашата земја“, заврши вицепремиерот Битиќи.
На настанот, од страна на генералниот менаџер на „Пејпер мил“, Јулијан Даскалов, беа презентирани резултатите од последните мерења на акредитираната лабораторија SGS, која по инсталацијата на новиот вреќест филтер во фабриката, изврши мерења на квалитетот на воздухот според методите на мерење услогласени и одобрени од страна на Државниот инспекторат за животна средина.
„Чест ми е да ја информирам јавноста дека инвестицијата од 55 илјади евра во вреќест филтер навистина носи придобивки за животната средина. Пред неколку дена ги добивме резултатите од акредитираната лабораторијата SGS, која изврши мерења на квалитетот на воздухот според методите на мерење услогласени и одобрени од страна на Државниот инспекторат за животна средина.Мерењата покажуваат вредности на количество на прав во димните гасови по овој редослед: Мерење 1 – 3,61mg/Nm³; Мерење 2 – 88,2mg/Nm³; Мерење 3 – 19,7mg/Nm³ и Мерење 4 – 6,42mg/Nm³. Нормата за овој показател за фабриката е 150mg/Nm³, што значи дека резултатите се и до 40 (четириесет) пати пониски од пропишаното. Со ова речиси целосно е елиминирано влијанието на процесот на рециклирање и производство на хартија врз околината. Оваа инвестиција е трајно решение фабриката да работи непречено, а при тоа да обезбеди чиста и здрава средина. Со ова докажуваме дека нашите заложби за чиста и здрава животната средина не се само декларативни. Сериозно и систематски ја реализираме нашата намера да ги унапредиме процесите и средината во која работиме и живееме и континуирано вложуваме во тоа“, изјави Јулијан Даскалов, генералниот директор на „Пејпар мил“.
Од „Пејпар мил“ најавија дека инвестициите во фабриката продолжуваат и ги истакнаа приоритети за следниот период, третата и последна фаза за комплетирање на прочистителната станица за отпадни води која веќе е во тек и треба да заврши во текот на оваа година. Се работи за инвестиција во износ од 300.000 евра, а динамиката на реализација на овој проект е тесно поврзана со работењето на фабриката заради извршување на потребните тестирања и набавки на потребната опрема, па по времениот прекин на работењето овој проект продолжува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Анѓушев: Да се градат електрани од различни обновливи извори, а решение за вишоците струја се Чебрен, батерии и водород

Заинтересираните за изградба на електрани од обновливи извори треба да инвестираат во различни извори, а не само во фотоволтаици, порача претседателот на Македонската енергетска асоцијација, Кочо Анѓушев, на дебатата за енергетика што се одржа за време на годишната конференцијата во организација на Владата на Република Северна Македонија.
„Треба да се водиме според ,,Стратегијата за енергетика до 2040-та година”. Во неа стои дека во инвестирањето во обновливи извори треба да се оди плански и стратешки. Односно, да се инвестира и во електрани на сонце, но и во електрани на ветер, на биогас, вода итн. Причината е што обновливите извори, а пред се тука се мисли на ветерот и сонцето, произведуваат електрична енергија во ист временски период кај сите електрани и со тоа настанува наплив на енергија во системот. Затоа мора да има диверзификација, за да нема целосно производствено поклопување”- нагласи Анѓушев.
Според Анѓушев, проблемот со наглото зголемување на производство на електрична енергија од обновливи извори е прашањето како и кога таа енергија да се искористи, односно или веднаш да влезе на мрежа или да се складира за одложено користење. Државата мора да има спремен одговор, кој од сега треба да се подготвува.
„Добар одговор е Чебрен, кој е планиран да се изгради како реверзибилна хидроелектрана со повторно искористување на водата за балансирање на системот; потоа да се уреди можноста за користење батериски системи за складирање на електричната енергија и како најиновативен пристап – вишокот електрична енергија да се претвора во водород и како таков да се складира”- подвлече Анѓушев.
Економија
Битиќи: Развојната банка ја трансформиравме во најдобриот партнер за поддршка на економскиот развој

Во период на криза успеавме умешно Развојната банка да ја направиме најдобрата алатка во финансискиот систем, кој воведе нови механизми, инструменти за поддршка и развој на нашата економија, констатира заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, и главниот директор на Развојната банка, Кире Наумов, кои на владината конференција „Година на нови можности“ дискутираа за инвестициите и за економскиот развој во година на криза, при што се укажа дека во последните три години преку Развојната банка се пласирани речиси 300 милиони евра за поддршка на 7.500 проекти.
Битиќи укажа на важноста на креирањето на националната развојна стратегија како прв инклузивен процес со вклучување на сите засегнати страни бидејќи создава јасна визија на нашето општество за наредните 20 години каде треба да се одвиваме, визија во која Развојната банка ќе одигра многу важна улога во поддршка на развојот.
Тој истакна дека Владата креира механизми и инструменти за сето тоа да се поддржи бидејќи успеа умешно во период на криза Развојната банка да ја направи најдобрата алатка возможна во финансискиот систем за развојот на нашата земја.
„Не само што ја докапитализиравме Развојната банка, тие успешно и умешно креираа механизми заедно со Владата, во кои пилотираа и беа пионери во финансискиот пазар во нашата земја. Во секоја развиена земја токму Развојната банка ја има таа улога и се гордеам дека и во период на криза тоа го направивме и сметам дека имаме партнер што го немавме пред 5 години“, рече Битиќи.
Извршниот директор на Развојната банка, Кире Наумов, во делот на вкупно пласирани средства во домашните компании за изминатите три години и ефектите од нив, изјави дека за три години пласиравме речиси 300 милиони евра за поддршка на 7.500 проекти.
„Само во 2022 година пласирани се средства во износ од 107 милиони евра. Пласманите на кредитите се во разни дејности, а најголем процент, околу 40 %, се за поддршка на микро, мали и средни компании во производствената дејност.
Кредитните линии беа насочени кон поддржување на ликвидноста на компаниите, инвестиции во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, зачувување и отворање нови работни места, со што во изминатите три години се зачуваа околу 40.800 и се отворија речиси 1.500 нови работни места“, укажа Наумов.
Во текот на 2022 година за поддршка на компаниите во услови на енергетска, економска и ценовна криза Развојната банка ги воведе следните кредитни линии:
1. Кредитна линија за обртни средства за компании погодени од енергетската и од економската криза преку директно кредитирање од РБСМ (бескаматна) во износ од 5,5 милиони евра;
2. Кредитна линија за обртни средства за зголемени цени на енергентите преку банки учеснички во износ од 10 милиони евра (бескаматна);
3. Кредитна линија за енергетска ефикасност (ЕЕ) и обновливи извори на енергија (ОИЕ) преку банки учеснички во износ од 10 милиони евра (камата до крајните корисници до 1,6 %);
4. Олеснување на условите на кредитирање на кредитната линија за производство, преработка и извоз на земјоделски производи во износ од 7 милиони евра (камата 1 %);
5. Субвенционирање камата по кредити дадени од деловните банки на компании, кои ја реинвестирале добивката во износ од 2 милиона евра;
6. Кредитна линија за обртни средства за компаниите погодени од енергетската и ценовната криза со директно кредитирање преку РБСМ во износ од 5 милиони евра со камата 2 % (со можност на обезбедување дополнителни средства во износ од 3,2 милиони евра).
Како што информира Наумов, во 2022 година РБСМ им даваше поддршка на компаниите и преку гарантната шема, која им овозможува на компаниите обезбедување дел од колатералот за одобрени кредити.
Користењето на овој продукт е во постојан раст и со состојба 31.12.2022 година износот на гарантирани кредити изнесува 9,8 милиони евра за 110 компании, потоа царинските гаранции за царински долг при увоз за облагородување, за поддршка на извозот.
„Развојната банка на домашните компании, покрај кредитите, им нуди уште два производа, осигурување извозни и домашни побарувања и факторинг (откуп на побарувања од странски и домашни купувачи). Интересот за овие два производа континуирано расте, особено во услови на криза кога ризиците од наплата се поголеми и потребата од тековна ликвидност е поголема. Компаниите може да си ги осигурат своите побарувања од комерцијални и политички ризици преку производот кредитно осигурување.
Во моментот имаме 80 осигуреници од разни индустриски гранки, со над 500 купувачи во 33 земји. Обемот на кредитно осигурување во 2022 година е на ниво од 100 милиони евра“, истакна Наумов.
Економија
ЕСМ: Произведени 19.626 MWh електрична енергија, домаќинствата и дополнителните снабдувања се целосно задоволени

АД ЕСМ на 31.1.2023 година произведе 19.626 MWh електрична енергија, со што целосно со сопствена произведена енергија ги задоволи потребите на домаќинствата и малите потрошувачи, како и потребите за дополнителни снабдувања за училишта, прехранбена индустрија и други витални држави субјекти.
Во термоелектраните произведени се 15.351 MWh, а во хидроелектраните и во ветерниот парк во Богданци произведени се 4.275 MWh.