Економија
Битиќи на СЕФФ 2023: Конкурентна економија е патот кон единствениот пазар на Европската Унија

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, учествуваше на третиот Скопски економски и финансиски форум (СЕФФ), на тема „Европа – ДА, Европа – СЕГА“, во организација на Министерството за финансии.
Битиќи го водеше вториот Панел, „Пазари, институции и економски просперитет“, на кој учествуваа и Крешник Бектеши, министер за економија, Благој Бочварски, министер за транспорт и врски, Томаш Бочек, вицегувернер на Банката за развој на Советот на Европа, Матео Коланџели, директор на ЕБОР за Западен Балкан, Жак Минијане, шеф на мисијата на Меѓународен монетарен фонд, Иваило Изворски, главен економист на Светска банка за Регионот на Европа и Централна Азија, Живко Мукаетов, извршен директор на Алкалоид АД Скопје, и Бјорн Габриел, претставник на ЕИБ во Република Северна Македонија.
Во продолжение интергрално го проследуваме излгањето на вицепремиерот Битиќи на тема „Пазари, институции и економски просперитет“.
„Искрено верувајќи дека сега е времето за преземање акции и цврсто чекорење со конкретни и храбри чекори кон Европската Унија е СЕГА, сакам да ја отворам оваа панел дискусија со тоа кој е клучот за отклучување нашиот целосен потенцијал, како земја и регион.
Цврсто стојам на ставот дека просперитетот, растот, развојот и издржливоста може да се постигнат само преку создавање силни меѓузависности. Мора да го напуштиме веќе воспоставениот економски пристап на создавање зависности и да се фокусираме на меѓузависностите како победнички пристап на среден и долг рок.
Во пракса, ова е – Европа ДА, затоа што се темели на принципите на ЕУ за соработка и заедничко дејствување за да се обезбеди стабилност, а во исто време и просперитет и раст, проводен амбиент со цел да се постигнат живи економии со високи перформанси.
Ова исто така е и Европа сега, затоа што само жива економија со високи перформанси ќе им донесе можности на нашите граѓани, особено на нашите млади, да останат тука, градејќи ја својата иднина, нивните семејства во земјата. Така, градиме капацитети и создаваме можности во земјата, ја зајакнуваме нашата конкурентност, а во исто време чекориме по интегративниот пат кон ЕУ.
Како регион, треба да се фокусираме на една единствена агенда, заедничка регионална акција кон создавање конкурентни и еластични економии, засновани на четирите основни слободи кои се суштината на создавањето на ЕУ: слобода на движење на стоки, работници, обезбедување услуги, и капитал.
Само преку зајакнување на нашата заедничка конкурентност можеме да обезбедиме повисоки стапки на развој на нашите економии и да ги направиме подготвени за поголеми предизвици, во нашата потрага да бидеме дел од единствениот пазар на ЕУ. Нашето делување треба да биде насочено кон градење силни институции, поддршка и промоција на МСП и, создавање поквалификуван човечки капитал. Морам дополнително да ја нагласам важноста од поддршката на Истражувањата и иновациите и пристапот до финансии кои се неизбежни на нашиот пат кон интеграција во глобалните синџири на вредности.
Искрено кажано, постигнувањето на овие цели, а во исто време и меѓусебно натпреварување во регионот на Западен Балкан е тешко да се постигне, затоа мораме да се фокусираме на соработка на целиот регион за да ја достигнеме нашата цел, целосна економска интеграција во единствениот ЕУ пазар.
Така, за време на ова патување ние како креатори на политики треба да се водиме од визијата за да не се фокусираме само на економскиот раст како епицентар на нашите економски политики, бидејќи сите ние во салата сме свесни дека економскиот раст е апстрактно, а не кохерентна цел или мисија.
Пред да се посветиме на одредени цели (било да е тоа раст на БДП, севкупно производство, намалување на индексот Џини и слично), ние како влади треба да се фокусираме на економскиот развој. Бидејќи економскиот развој се однесува на економската благосостојба и квалитетот на животот на една нација во поширока перспектива, затоа мора постојано да работиме на социјалната благосостојба на сите наши граѓани. Обезбедувањето еднаков пристап до образование, здравство и вработување е почетна точка за сите земји од Западен Балкан, со цел да продолжат по нивниот пат за максимизирање на нашиот потенцијал.
Сега доаѓаме до клучната состојка на економскиот развој, а тоа е финансирањето. Меѓународното финансирање е камен-темелник во потрагата на Западен Балкан за интеграција во Европската унија (ЕУ). Како што понатаму ќе разговараме со панелистите, меѓународните фондови од институциите како Европската инвестициска банка, ЕБРД и Светската банка се од суштинско значење повеќе од кога било за стимулирање: економски развој, институционално зајакнување, унапредување на инфраструктурата, правни и судски реформи, еколошка и енергетска транзиција, социјален развој и благосостојба, прекугранична соработка, отпорност и стабилност при кризи.
Вистинскиот моментум на МФИ е да го сменат курсот, од пополнување на празнините во економиите кон поддршка на планираните и буџетските инвестиции во земјите. Овој пристап ќе биде покорисен за нашите економии бидејќи тоа ќе биде додадена вредност во јавното финансирање кое ќе го максимизира импактот.
Со поддршка на Светската банка, земјата успеа да создаде Стратегија за паметна специјализација, која ќе биде многу корисна алатка во создавањето поефикасно и поефективно користење на јавните фондови. Британската амбасада и Словачка се наши поддржувачи во креирањето на нашата Национална стратегија за развој 2023-2043, која треба да биде финализирана до крајот на оваа година, како долгорочна развојна стратегија каде четирикратниот хеликс (влада, бизнис, граѓанско општество, академија) вложуваат напори да ги дефинираат најголемите приоритети на земјата што треба да се постигнат во следните 20 години. Различни други МФИ финансираат неколку проекти во нашата земја во рамките на нивните мисии за постигнување на Целите за одржлив развој од ОН, кои исто така се дел од нашата владина агенда.
Сите финансирања, јавни и финансии кои доаѓаат од МФИ треба да се насочат кон постигнување на нашите стратешки цели, со цел да се постигне посакуваниот исход, економски развој кој ќе обезбеди еластични и конкурентни економии, поддржани со човечки капитал кој е подготвен да преземе развојниот пат за постигнување конкурентност за приклучување кон единствениот европски пазар без да се предизвикуваат огромни нарушувања на нашиот национален или на пазарите од регионот на Западен Балкан.
Европа ДА, за поконкурентен регион со другите 27 земји-членки на ЕУ СЕГА.
Затоа што Европа СЕГА не е целосна, без Европа да каже ДА на сите земји кандидати кои се обидуваат да ги исполнат критериумите за членство“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Бектеши: Граѓаните да бидат спокојни, мерките се почитуваат, утре одлука за намалување на цените на пијалоците

„Граѓаните да бидат спокојни. Мерките кои ги носи Владата со цел заштита на стандародт на граѓаните ќе се реализираат во целина. На следната седница на Владата ќе биде донесена одлука за намалување на цените на алкохолните и безалкохолните пијалоци, a се прави и анализа за намалување на цените на хигенските производи“, кажа министерот за економија Крешник Бектеши при денешната посета на „Алма М“, компанија од дистрибутивниот бизнис, кои дистрибуираат производи по маркетите опфатени со мерката „гарантирана цена“
Министерот Бектеши кој во посета на „Алма М“ беше заедно со премиерот Димитар Ковачевски и директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски, кажа дека компаниите имаа рок да се усогласат со новите одлуки и со новите Законски решенија кои треба да се почитуваат од сите трговци.
„Имаме ново законско решение во делот на Заштина на потрошувачите и по барање на Стопанска комора на компаниите им дадовме определен рок да се усогласат со измените барањата на Законот. Овој законско решение целосно се применува во најразвиените европски земји и треба целосно да биде почитувано. Во однос на одлуката која веќе ја донесовме, тоа што знаеме точно е дека утре ќе има одлука за намалување на цените на безалкохолните и алкохолните пијалоци. За хигиенските производи најверојатно во текот на оваа недела ќе бидат завршени сите консултации и ќе видиме дали има простор да се донесат одредени мерки“ кажа министерот Бектеши.
Бектеши потенцираше дека Министерството за економија и сите надлежни институции прават анализи на неделна основа и врз основа на сите влезни
податоци ќе се донесат одлуки кои што ќе бидат во интерес на заштита на стандардот на граѓаните.
Економија
Ковачевски: Со мерката „гарантирана цена“ овозможуваме поевтини производи од 10 до 40 отсто за заштита на стандардот на граѓаните

Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со министерот за економија, Крешник Бектеши, и в.д. директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, денеска ја посети компанијата „Алма М“. Ковачевски, Бектеши и Трајковски со менаџментот на компанијата разговараа за новите владини одлуки за намалување на цените на над 50 призводи.
„Како Влада овозможуваме услови за подобра бизнис-клима, за поголема ликвидност на компаниите и конкурентен пазар, како и за подобри услови за работа во државата. Со новата мерка на Владата на над 50 производи во 24 категории од пекарската, млечната и од месната индустрија им ја намаливме цената за 10 проценти во однос на цената што ја имале на 1 август. Со оваа одлука и мерка кај одредени категории и производи веќе има намалување на производите над 10 %, а кај некои намалувањето е од 30 до 40 %. Во маркетите веќе овие производи добија ознака ‘гарантирана цена’, со оваа мерка придонесуваме и покрај инфлациските притисоци, заеднички и солидарно им даваме поддршка на нашите граѓани“, рече Ковачевски.
Апелира да се почитува мерката.
„Единствено, со високо ниво на социјален дијалог за приоритетни теми ќе одговориме соодветно на намалување на инфлацијата и до крајот на годината се стремиме таа да не биде повисока од 5 % во делот на основните производи што граѓаните ги користат. Зошто го велам ова? Зголемувањето на платите од јули оваа година го надминува зголемувањето на инфлацијата, но со сите овие мерки што ги правиме, со зголемување на минималната плата за најмалку 10 % веќе од почетокот на наредната година, генерално, инфлацијата ќе биде на ниво од 8 %, а платите ќе пораснат за процент поголем од нивото на инфлацијата. И оваа есен и зима ќе продолжиме во оваа насока, не се откажуваме од зголемување на платите, не се откажуваме од инвестициите во енергетиката и во инфраструктурата“, рече Ковачевски.
Увери дека нема да има никаков ценовен шок за граѓаните во делот на снабдувањето со електричната енергија.
„Веќе правиме напори да се обезбеди сè што е потребно и за непречено снабдување со топлинска енергија за градот Скопје со оглед на хаваријата што се случи на мостот ‘Беласица’ во текот на минатите месеци и на која во моментот се работи. Сè додека јас сум премиер, како Влада нема да престанеме да работиме на подобрување на егзистенцијалното прашање на граѓаните во Северна Македонија, како и на економскиот раст на државата“, порача Ковачевски.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,05 % во однос на одлуката од 18.9.2023 година.
Од 26.9.2023 година од 00.01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
моторен бензин „евросупер БС-95“ – 89,00 (денари/литар)
моторен бензин евросупер БС-98“ – 91,00 (денар/литар)
дизел-гориво „евродизел БС (Д-Е V)“ – 85,50 (денари/литар)
масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 85,00 (денари/литар)
„мазут М-1 НС“ – 48,715 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините „евросупер БС-95“ и „евросупер БС-98“ и на „евродизелот (Д-Е V)“ се намалуваат 1,50 денар/л, а малопродажната цена на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалува 1,00 денар/л.
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се зголемува 0,447 денари/кг и ќе изнесува 48,715 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 3,198 %, кај дизелот 3,096 %, кај екстра-лесното масло 1,768 % и кај мазутот зголемувањето е 0,699 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 0,389 %.