Економија
Битиќи на средба со Асоцијацијата на странски компании: Се отвораат и решаваат долгогодишни проблеми

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, и директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, Јован Деспотовски, денес остварија редовна квартална работна средба, со Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство, која е дел од Советот на странски инвеститори во рамките на Стопанската комора.
Вицепремиерот Битиќи ги информирал присутните за неколку позначајни активности, кои беа донесени неодамна.
„Во декември, за првпат по 10 години, а по повеќе од 8-месечна дискусија, Владата усвои измени на Законот за царинска тарифа, со кои ќе се овозможи усогласување на царинскиот тарифник со европските норми за 258 царински шифри, со што се овозможува поголема конкурентност на компаниите кои работат во земјата и предвидливост за реализација на процесите“, посочил Битиќи.
Додал и дека на последната владина седница се усвоени измените во Законот за вршење на сметководствени работи, на кој се работи речиси 5 години, а со кои ќе се изврши усогласување на нашиот закон со меѓународните стандарди, со што дополнително ќе се олеснат сметководствените процедури и ќе се олеснат активностите на компаниите.
Директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, Јован Деспотовски, посочил дека најголем број од компаниите кои имаат технолошки напредно производство работат токму во зоните, а во насока на обезбедување на подобри услови за нивно функционирање, најавил дека во наредниот период за реализација на инфраструктурни проекти во повеќе ТИР зони во земјата се планирани околу 15 милиони евра, а со овие проекти ќе им се излезе во пресрет на барањата на компаниите.
На средбата, на која присуствувале претставници на 25 компании со технолошко напредно производство се дискутирало и за измените на Законот за работни односи кои се однесуваат за недела неработен ден, при што било јасно соопштено дека наскоро ќе биде донесено подзаконското решение со кое точно се дефинираат исклучоците на компании кои може да функционираат во недела и под кои услови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Аргентина е на раб од банкрот, проценува агенцијата Фич

Статистичката рејтинг агенција Фич го намали рејтингот на аргентинскиот долг во странска валута за два степена, оставајќи ја земјата едно ниво над банкрот.
Намалувањето на рејтингот на долгот сугерира дека агенцијата верува дека неплаќањето на долгот е „неизбежно“ и доаѓа набргу по декретот на аргентинската влада со кој локалните организации од јавниот сектор се принудени да го заменат својот долг деноминиран во странска валута со долг деноминиран во националната валута – пезоси.
Според податоците на Централната банка, Аргентина има бруто меѓународни резерви од нешто повеќе од 37,5 милијарди долари, но аналитичарите велат дека нето вредноста е значително помала.
Економија
Бугарските овчари и козари на протест против македонските јагниња

Националната асоцијација на одгледувачи на овци и кози од Бугарија најавува протест поради неконтролираниот увоз на јагнешко месо од Северна Македонија, се вели во дописот што го испратиле до тамошното Министерство за земјоделство.
Тие во протестно писмо до бугарскиот министер за земјоделство Јавор Генчев велат дека властите воопшто не се грижат за заштитата на бугарското јагне, како и за безбедноста на храната, а со тоа ја загрозуваат и безбедноста на нацијата.
„Две недели пред Велигден трговската мрежа е преполнета со јагнешко месо увезено од Северна Македонија. Тоа е производ што не е регулиран според европските барања за безбедност на храната. Ако до 28 март не се издаде наредба за построга контрола од бугарската Агенција за храна и ако увозот на јагнешко месо не биде вршен со почитување на европските критериуми за безбедност на храната (салмонела, неовластени фуржани компоненти, неовластени антибиотици, вакцинација), на 30 март бугарските одгледувачи на овци и кози ќе го блокираат граничниот премин Кулата со цел да ги заштитиме нашите интереси и нашата егзистенција“, пишува во протестното писмо во кое се предупредува на драстичното намалување на бројот на овци и кози што се одгледуваат.
Според претседателот на Асоцијацијата, Симеон Караколев, бугарскиот пазар е нарушен со увозот на 200 тони јагнешко месо од Македонија со цена под седум евра за килограм.
„Ако тоа продолжи, над 50 илјади бугарски јагниња ќе останат непродадени, а тоа ќе биде нов удар за бугарската сточарска индустрија“, вели Караколев.
В понеделник тие ќе имаат средба во ресорното министерство, а доколку не добијат цврсто ветување за итни мерки ќе ја реализираат својата најава за блокада на еден од граничните премини.
Економија
РЕС одбележува една година постоење – компанијата донесе најповолно снабдување со електрична енергија во кризата

Фирмата за трговија со електрична енергија РЕС одбележа една година постоење и за тој период се позиционира како лидер во снабдувањето со електрична енергија на слободниот пазар.
РЕС моментално ја формира најголемата балансна група кај нас, со 270 компании од приватниот сектор кои ги снабдува и годишна потрошувачка од 250 GWh, со што значително ги надмина првичните проекции за развој.
РЕС на македонското стопанство му овозможи снабдување со електрична енергија, но и откуп на електричната енергија од производителите од обновливи извори.
РЕС им понуди на македонските фирми повеќе модели на снабдување со струја, кои се движеа од целосно берзански најниски цени до целосно фиксни и гарантирани цени, како и комбинации од двата модела во различен сооднос. Благодарение на можноста да изберат модел според своите потреби, компаниите во текот на енергетска криза, особено во втората половина на 2022 година, имаа предвидливост на издатоците за електрична енергија и таа калкулација можеа да ја вградат во цената на нивните производи и услуги, задржувајќи ја ликвидноста и остварувајќи значајна конкурентска предност на пазарот.
РЕС (Reneweble Energy Supply) е сопственост на македонската фирма Централ Инвест на Кочо Анѓушев и на бугарската фирма Кер Токи на Иво Прокопиев.
(ПР текст)