Економија
Битиќи: Преземаме сериозни чекори за поефикасна администрација и намалување на бирократските процедури

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, денеска, на покана на организацијата „Macedonia 2025“, се обрати на настанот на кој се презентираше Индексот за бирократија за 2020 година, истражување кое се спроведува во неколку европски земји, помеѓу кои е и Северна Македонија. На настанот зборуваа и извршната директорка на организацијата „Macedonia 2025“, Никица Мојсоска Блажевски и аналитичарите Сашо Клековски и Антонио Николоски.
Вицепремиерот Битиќи посочи дека резултатите од спроведеното истражување, од кое се произлезени препораки, укажуваат на тоа дека Северна Македонија, во споредба со останатите земји кои се опфатени, има најмало бирократско оптоварување во однос на бројот на процедури и бројот на часови кои компаниите ги поминуваат за да ги завршат сите обврски кон државата и додаде дека Владата реализира голем број активности и прави напори и уште повеќе да се поедностават бирократските обврски на фирмите, како и да се создаде поефикасна и поефективна администрацијата, уште подобар сервис за граѓаните и за стопанството.
„Во овој меѓупериод од една година, помеѓу двата настани преземени се навистина сериозни чекори токму во насока на поефикасна и поефективна администрација и намалување на обврските на бирократските процедури. Тоа го правиме и на оперативно и на стратешко ниво. Направивме многу за една година, но треба уште многу да изодиме. Граѓаните и компаниите заслужуваат ефикасен и ефективен државен апарат, модерни и современи услуги, едноставни бирократски процедури, а својот потенцијал, потенцијалот на своите луѓе да го насочат кон развој“, потенцираше Битиќи.
„Работевме на законски решенија со кои ќе се поедностават многу административни процедури. Во овој момент се работи и на дигитален асистент за државна помош, со чие воспоставување го адресираме делот во извештајот од Стејт департментот кој укажува за можни коруптивни моменти при доделување државна помош. Тоа ќе биде прв пример на земја во Југоисточна Европа, за дигитален асистент, кој ќе дава изворни информации на сите подеднакво за тоа што треба и може да очекуваат како поддршка од државата“, нагласи вицепремиерот Битиќи за време на презентацијата на Индексот на бирократија за 2020 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
ЕСМ склучи договор со „Балкан јутилитис“ за набавка на гас за февруари

„ЕСМ продажба“ потпиша договор за набавка на природен гас за февруари 2023 за свои потреби, како и за потребите на други стопански субјекти во државата со фирмата „Балкан јутилитис“.
Како што информираат од ЕСМ, на јавниот повик, кој беше достапен за сите домашни и странски компании, пристигнале две понуди – фирмата „Актаел“ со понуда од 99,83 eвра/MWh, а фирмата „Балкан јутилитис“ со понуда од 98,71 евра/MWh.
„Понудените цени на гасот од страна на двете фирми ги опфаќаат сите трошоци за набавка на енергентот, како што се закуп на преносни капацитети, разни такси и маржа. Овој факт го потенцираме со цел да се избегнат евентуални шпекулации што би произлегле од цената на гасот на берзите во моментот, но во берзанската цена не се пресметани сите споменати дополнителни трошоци што произлегуваат од набавката, како што се закуп на преносни капацитети, разни такси и маржа.
Со понудувачот, кој имаше понудено пониска цена во моментот на носење на одлуката за избор, во случајот „Балкан јутилитис“, склучен е валиден деловен договор, кој ги содржи сите параметри од јавниот повик, односно количина, цена, динамика и гаранција за испорака“, соопштија од компанијата.
Со оваа набавка, како што појаснуваат, во целост ќе се задоволат потребите од природен гас за производство на топлинска енергија за топланите „Исток“, „Запад“, „Енергетика“ и „Скопје Север“, како и за други потрошувачи на природен гас во Македонија. Граѓаните да бидат сигурни и спокојни дека и во февруари ќе продолжи континуираното снабдување со топлинска енергија, додаваат од ЕСМ.
Јавен повик за набавка на природен гас за март 2023 година ќе биде спроведен во текот на февруари.
Економија
Нов салон на „Прима“ во Ѓорче Петров – нов центар за модерен и квалитетен мебел

Со новиот салон на „Прима“, населбата Ѓорче Петров станува нова дестинација за модерен и квалитетен мебел во Скопје и пошироко.
Познавајќи ја досегашната работа на „Прима“ како најголем производител на мебел на овие простори, новиот салон ќе биде место во кое се прикажуваат сите новитети во делот на нивниот оригинално дизајниран мебел, како и сите вредности кон кои се стремат во „Прима“: извонреден квалитет, модуларност, модерен дизајн, како и ред други услуги, со што се блиску до сите оние што сакаат модерен, едноставен и практичен начин на уредување на домот.
„Прима“ во своето портфолио нуди мебел за секоја просторија во домот: претсобје, дневен престој, трпезарии, кујни, детски и спални соби, како и целосна програма за спиење, со што, според зборовите на менаџерскиот тим, ја покажува својата цел да им излезе во пресрет на потребите и желбите на своите купувачи, особено на оние од помладата популација.
Дополнителна вредност на ребрендираната „Прима“ е најновата услуга што ја нуди, а тоа е дизајнирање на ентериерот, што секој заинтересиран купувач може да ја добие во најблискиот салон добивајќи решенија што одговараат на просторот и индивидуалните идеи на клиентите.
ПР
Економија
Во Швајцарија нагло забави извозот на накит, зголемен извозот на часовници

Трговскиот биланс на Швајцарија за 2022 година покажа четвртина помал суфицит од претходната година бидејќи увозот пораснал многу повеќе од извозот, покажаа денеска податоците на Федералната царинска управа.
Трговскиот суфицит од размената на Швајцарија со светот минатата година изнесувала 43,5 милијарди швајцарски франци (47,3 милијарди долари) и бил 25,6 отсто помал од 2021 година.
Извозот реално пораснал само 0,1 отсто по скокот од 9,5 отсто во 2021 година.
Номинално, извозот е зголемен 7,2 отсто, поддржан од постојано зголемување на цените, а увозот дури 16,8 отсто, покажуваат податоците на Царинската управа. Послабиот раст на извозот во 2022 година во голема мера го одразува падот на извозот на возила од 6,9 проценти. Намалени се и испораките на хемикалии и лекови, и тоа 4,4 отсто.
Растот на извозот на накит нагло забави, на 21,3 отсто, од 38 отсто во претходната година, што значително се одрази на вкупните извозни резултати во 2022 година.
Во последните три месеци од минатата година вкупниот трговски суфицит е намален 11,3 отсто во однос на претходните три месеци и се лизна на 7,1 милијарди франци. Истовремено, извозот е намален реално 1,8 отсто, а увозот 0,4 отсто.
На самиот крај на годината закрепна извозот и бележи пораст од 5,7 отсто во однос на ноември кога бележи пад од 2,7 отсто. Увозот, пак, е зголемен за првпат по три месеци и е за 0,3 отсто поголем во однос на ноември.
Извозот на часовници скокна 5,8 отсто на годишно ниво во декември и ја скрши границата од две милијарди франци, што никогаш претходно не се случило на крајот на годината, покажаа податоците од Швајцарската асоцијација за индустрија на часовници.
Во 2022 година Швајцарија извезла часовници во вредност од 24,8 милијарди франци, што е 11,4 отсто повеќе од претходната година, објави здружението.