Економија
Битиќи: Циркуларната економија носи развој за секоја економија и заштита на животната средина

„Вложувањето кое го правиме во енергетска ефикасност со производство на енергија од обновливи ресурси и забрзаното напуштање на фосилните горива е клучниот и највиталниот аспект на зелената транзиција“, рече заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи на конференцијата „Недела на циркуларна економија на Западен Балкан“ во организација на Цивил што го спроведува регионалната мрежа ЛогЕкс, на иницијатива на угледната тинк-тенк организација Балкан Форум од Косово, а со поддршка од Rockefeller Brothers Fund од САД.
Во неговото обраќање, вицепремиерот Битиќи рече дека да се зборува за циркуларна економија, значи да се зборува за ефикасноста и ефективноста на економските активности, за тоа како продуктивноста, конкурентноста и економскиот раст добиваат нови развојни патеки кои се одржливи.
„Глобализацијата и економскиот модел на зголемување на потрошувачката и само црпење од природата и природните ресурси во последните декади е драстично зголемен. Следствено на ова, на планетата Земја и се потребни година и пол за да го обнови она што го користиме, односно го трошиме за една година. Како цивилизација се соочуваме со овој дисбаланс, кој се испречува и пред одржливоста на нашата економија“, рече Битиќи.
Jа подвлече важноста за развивање на свеста за потребата од усвојувањето на циркуларниот пристап во економијата, кој веќе не е спореден аспект, туку централна тема која треба да насочува во сè што правиме.
„Првата, можеби и најважна перспектива во трансформацијата на економиите е тие да вложуваат во креирање на производи кои имаат поголема долготрајност и истовремено да можат да се рециклираат за целиот циклус да биде одржлив. Клучен момент во овој процес е и нашето вложување во енергетска ефикасност и производство на енергија од обновливи ресурси. Забрзаното напуштање на фосилните горива е клучниот и највиталниот аспект на зелената транзиција. Ова вклучува проширување на употребата на соларна, ветерна и хидро енергија, како и инвестирање во енергетски ефикасни технологии и инфраструктура“, рече Битиќи.
Подвлече дека национална економија која транзитира кон циркуларна не може да го заобиколи развојот на зелената инфраструктура.
„Ова вклучува инвестирање во одржливи транспортни системи, како што се електрични возила, јавен превоз и велосипедска инфраструктура, вклучувајќи и промовирање на енергетски ефикасни згради, зелени површини и одржливо урбанистичко планирање. Промовирањето на локално и одржливо производство на храна и поттикнувањето на здрава исхрана е од витално значење за градење на еко-пријателски систем во земјоделство, кое вклучува поддршка на практиките за органско земјоделство, односно намалување на употребата на хемиски препарати во производството на храна“, посочи Битиќи и додаде дека најзначајните позитивни аспекти кои со себе ги носи транзицијата кон зелена економија е тоа што таа нуди можности за отворање на работни места и социјална вклученост.
„Меѓународната организација на трудот проценува дека глобалната вработеност би можела да порасне за шест милиони работни места преку зелена транзиција. Ова вклучува промовирање на развој на зелени вештини, преквалификација на работниците за зелените индустрии, но и обезбедување на праведна транзиција кон новите работни места. Транзицијата кон зелена економија бара меѓународна соработка и партнерства. Соработката со други земји, споделувањето на најдобрите практики и размената на знаења и технологии може да ја забрза зелената трансформација и да одговори на глобалните еколошки предизвици“, рече Битиќи.
.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Битиќи: Имаме поддршка од европските пријатели, да донесеме државничка одлука, Европа е нашиот дом

Енергетските предизвици се заеднички – наши, на регионот, на Европа, а нивното решавање бара заеднички пристап, заедничко планирање и заеднички акции, порача денеска вицепремиерот Фатмир Битиќи преку видео порака.
Тој ги пренесе импресиите од Самитот на европската политичка заедница кој се одржа во Кишињев, Молдавија, но и очекувањата на главните политички чинители во ЕУ, кои, како што вели, од Северна Македонија очекуваат максимална одговорност за државничката одлука што треба да ја донесеме во наредниот период со измените на нашиот Устав како значаен чекор за просперитет и за европска иднина на сите македонски граѓани.
-Токму затоа се обединуваме низ механизмите како што е Европската политичка заедница – сите заедно, за да постигнеме енергетска транзиција, за да обезбедиме проширување на Унијата, за да ги одбраниме европските демократии од агресиите со кои се соочуваат. По тој повод, чест ми е што заедно со премиерот Ковачевски учествував на Самитот на шефови на држави и влади на Европска политичка заедница која што се одржа во Кишињев во Молдавија, посочува Битиќи.
Тој средбите во Кишињев ги оценува како можност за окрупнување и засилување на поддршката од цела Европа за следни чекори за членство на државава во Европската Унија
-Макрон, Шолц, Фон Дер Лајен, Мишел, Мецола, Зеленски, Рама, Вучиќ, Милатовиќ и многу други. Сите нѝ оддаваат признание за постигнатото досега и за тоа што сме пример за земја која изолацијата ја замени со напредок. И сега, сите наши европски пријатели очекуваат од нас максимална одговорност за државничката одлука што треба да ја донесеме во наредниот период со измените на нашиот Устав. Заеднички е ставот на сите наши пријатели дека со тоа ќе направиме уште еден значаен чекор за просперитет и за европска иднина на сите македонски граѓани, вели Битиќи и порачува дека нема други алтернативи за просперитетна и сигурна иднина.
Економија
Исплатени речиси 290 милиони денари дополнителни субвенции за овоштарство кон 10.604 корисници

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира земјоделците дека Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурланиот развој изврши исплата за дополнителни директни плаќања од подмерка 1.7 по обработлива земјоделска површина за одделни овошни видови. Исплатата е реализирана кон 10.604 корисници во висина од 286.673.118,00 денари.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства што имаат засадени површини со следниве овошни видови: јаболко, слива, праска, круша, вишна,кајсија ,цреша, јагода на отворено, малина, капина, боровинка ,дуња,мушмула, актинидија, маслинка, калинка, јапонско јаболко,смоква, аронија, шип, рибизла, гоџи бери, барем, лешник, ореви и питоми костени, кои се корисници од подмерка 1.7 од оваа уредба и се регистрирани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства.
Висината на директните плаќања изнесуваат 29.000 денари по хектар, односно 38.000 денари по хектар за земјоделски стопанства со пријавена површина за финансиска поддршка од минимум 1 хектар до максимум 5 хектари јаболко.
За слива и праска висината на директните плаќања изнесува 24.000 денари по хектар односно 30.600 денари по хектар со пријавена површина за финансиска поддшка од минимум 1 хектар до максимум 5.
Кај овошните видови круша, вишна, кајсија , цреша, јагода на отворено, малина, капина и боровинка висината на плаќањата изнесува 21.000 денари по хектар, односно 27.600 денари по хектар за земјоделски стопанства со пријавена површина за финансиска подршка од минимум 1 до максимум 5 хектари.
Додека пак 13. 000 денари по хектар односно 18.000 денари по хектар, изнесува висината на директни плаќања за земјоделски стопанства со пријавена површина за финансиска поддршка од минимум 1 хектар до максимум 5 хектари за дуња, мушмула, актинидија, маслинка, калинка, јапонско јаболко, смоква, аронија, шип, рибизла, гоџи бери, бадем и лешник.
Економија
(Видео) Ковачевски на тркалезна маса за енергетика: Македонија станува зелен енергетски центар

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, придружуван од заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денеска учествуваше на тркалезната маса на тема енергетика во рамки на вториот Самит на Европската политичка заедница, кој се одржува во Кишињев, Молдавија.
На тркалезната маса се зборуваше за предизвиците поврзани со енергетската криза и енергетската отпорност во рамките на глобалните предизвици со кои се соочуваат земјите во Европа, а лидерите се осврнаа на енергетската безбедност која мора да се овозможи од сите земји кои учествуваат во Европската политичка заедница. Констатирана е потреба од активно вклучување на земјите од Западен Балкан во енергетската поврзаност. Лидерите говореа и за конечно разгледување на можноста за создавање на нов механизам за финансирање на земјите кои не се членки на ЕУ.
Како што наведуваат од кабинетот на Ковачевски, тој ги истакнал чекорите кои Македонија ги има преземено за обезбедување на енергетска транзиција и диверзификација, како најважниот придонес кон регионалниот пристап и градењето на отпорност на регионот.
Премиерот Ковачевски истакна дека Северна Македонија е посветена на енергетската диверзификација, и кризата ја претвори во можност, и токму затоа во кратки 15 месеци во Северна Македонија има инсталиран капацитет од околу 200 MW енергија од обновливи извори и тоа претежно фотоволтаични централи но и ветерни и биогасни капацитети. Со ова Северна Македонија станува регионален центар на зелена енергија.
Во рамките на овој Самит, се одржаа три тркалезни маси насочени кон три главни теми, а тоа се заеднички напори за мир и безбедност, енергетската отпорност и климатска акција и меѓусебните врски во Европа за подобро поврзан и постабилен континент. Европската политичка заедница е платформа за политичка координација меѓу европските земји. Платформата има за цел промоција на политичкиот дијалог и соработка со цел адресирање на темите од заеднички интерес и зајакнување на безбедноста, стабилноста и просперитетот на европскиот континент.