Економија
Битиќи: Јавниот долг веќе изнесува 70 проценти од БДП

Пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи од собраниската говорница истакна дека предлог законот за изменување и дополнување на Законот за јавен долг, по скратена постапка, е обид на Владата на мала врата да изврши импровизации и да ги коригира сопствените пропусти и грешки поврзани со реализацијата на кредитот од Унгарија.
Парите се повлекоа, провизиите се платија, каматата почна да тече. 500 и повеќе милиони евра стојат на сметка. Се изнаслушавме за историски најниска камата, но реалноста е поинаква, таа не функционира. Не постои институционален капацитет за нивно ефектуирање, ниту кон стопанството, ниту кон било кој друг. Постои само капацитет за ефектуирање на провизии. Дозволете ми да бидам и малку саркастичен, оваа задолжување е спроведено како некој на кредит да купил луксузен автомобил без да знае да вози. Го плативме автомобилот, плаќаме и за гаражата, но тој стои неподвижен, истакна Битиќи.
Тој рече дека кога беше изгласан законот за задолжувањето претставниците на Владата, како и пратениците од владејачкото мнозинство емотивно зборуваа и аргументираа дека овие пари ќе бидат насочени кон инфраструктурен развој на општините, развој на стопанството итн.
„Но, до ден денес банкарските критериуми за пласирање не само што не се објавени, туку се чини дека не се ни дефинирани, оставајќи го стопанството во состојба на неизвесност и финансиска нестабилност. Компаниите, кои се двигател на економијата, се оставени на милост и немилост, без јасна поддршка од институциите кои треба да ги штитат нивните интереси. Доцнењето на повратот на ДДВ, кое сега достигнува рекордни суми, е само врвот на ледениот брег. Средствата предвидени со Законот за финансиска поддршка на инвестициите се намалија“, нагласи Битиќи, додавајќи дека Владата најавуваше дека средствата од првата транша од 250 милиони евра ќе бидат ефектуирани до крајот на 2024 година.
„Ќе потсетам на еден став на Владата од 25 ноември 2024 година, кога самоуверено најави дека „до крајот на неделата“ 250-те милиони евра од унгарскиот заем ќе бидат достапни на стопанството. Денес е 17 јануари 2025 година, и парите сè уште се мистерија. Очигледно, во Владата календарите функционираат по некоја друга временска зона или можеби овие 250 милиони евра се само мит, приказна“, рече Битиќи.
Тој нагласи дека со предложените измени, владејачкото мнозинство, решило да разоткрие уште една „историска“ димензија поврзана со овој кредит, а тоа е воведувањето на механизмот препозајмување, како нов законски инструмент за финансирање на долгот на јавните претпријатија и на трговските друштва кои се во целосна или во доминантна сопственост на државата, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје.
„Она што не се зборува во образложението, а што е прикриена намера со овие измени, е создавање на можност дел од долговите на јавните претпријатија, кои се проценуваат на околу една милијарда евра, да се покријат со нереализираните средства од унгарскиот кредит. Се отвора пат за Владата само да ги префрла долговите од една каса во друга. Оваа политика не е ништо друго освен „финансиско перење раце“ на грбот на граѓаните, кои на крајот ќе го сносат товарот на каматите и скриените трошоци“, порача Битиќи.
Битиќи истакна дека додека парите од унгарскиот кредит стојат, Владата не стои, туку неодамна се задолжи со 128 милиони евра преку државни записи и обврзници, претходно кон крајот на октомври 2024 година, кај домашните кредитори се задолжи со 73,7 милиони евра.
Овде се отвора прашањето за финансиската транспарентност и капацитетот на Владата за управување со јавните пари. Сега е јасно зошто веб страницата „Отворени финансии“, која функционираше како алатка за транспарентност, сега е со нарушена функционалност. Уште поскандалозно е што делот за Јавниот долг – клучен елемент за јавен увид – е целосно исклучен. Овие технички проблеми не се ништо друго освен обид да се сокрие вистината: јавниот долг веќе изнесува над 70% од БДП, со тенденција за дополнително зголемување, рече Битиќи.
Тој нагласи дека ако вратата за влез на корозивен капитал беше подотворена, сега со овие измени таа е ширум отворена.
„Пред нас е обид да се легитимира задолжувањето кое беше извршено во „четири очи“ со Унгарија, без јавна дебата, и да се создаде дополнителна законска рамка која нема да го заштити јавниот интерес, туку ќе штити странските влијанија. Парите од унгарскиот кредит, стануваат алатка за подлабока институционална зависност. Ова е класичен пример за корозивен капитал – финансиски средства кои на површината изгледаат како помош, но всушност создаваат институционална ерозија. Корозивниот капитал е тивок напаѓач на демократските институции, и неговото присуство во економијата значи дека секој граѓанин ќе ја плаќа цената на коруптивните зделки. Но, очигледно, оваа Влада реши да ни покаже како изгледа „одржлив ризик“ – ризик кој ќе го плаќаат идните генерации, истакна пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи од собраниската говорница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Англиска компанија бара партнери за соработка од Македонија

Сојузот на стопанските комори на Македонија го споделува барањето на компанијата „Марион трејдинг“, со седиште во Обединетото Кралство, која е специјализирана за дистрибуција на источноевропски прехранбени производи.
Моментно бараат сигурен деловен партнер за набавка на производи од ферментирана зелка.
Нивниот годишен обем на набавки за овие производи е приближно 1.000 тони и сакаат да воспостават долгорочно партнерство со доверлив доставувач, велат од Стопанската комора.
Сите заинтересирани компании за соработка може да се пријават најдоцна до 20.2.2025 година до 14 часот на следниот имејл: [email protected]
Економија
Божиновска со претставници на германската банка КфВ: Поддршка за рентабилноста на ЕСМ и инвестиции во обновливи извори

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со претставници на германската банка КфВ, на која се разговараше за можностите за идни инвестиции во енергетскиот сектор, како и за поддршката на банката во процесот на трансформацијата на АД ЕСМ во рентабилна и модерна компанија.
На состанокот претставниците на КфВ ја потврдија својата посветеност за соработка со Македонија во областа на одржливата енергетика. Тие ја истакнаа важноста на стратешките инвестиции, кои ќе придонесат за модернизација на енергетската инфраструктура и забрзана транзиција кон обновливи извори на енергија.
Банката КфВ веќе учествува во значајни енергетски проекти во земјата, како што се финансирањето на втората фаза од ветерниот парк во Богданци и изградбата на фотонапонската електрана „Битола 2“. Овие инвестиции, вредни 55 милиони евра, ќе обезбедат дополнителни капацитети за обновлива енергија зајакнувајќи ја енергетската независност на земјата.
Ветерниот парк во Богданци, со новите турбини, ќе го зголеми своето производство на електрична енергија, а фотонапонската централа „Битола 2“, која ќе биде завршена во 2027 година, ќе произведува до 90 GWh годишно – доволно за снабдување 20.000 домаќинства.
Од банката КфВ ја нагласија заложбата за поддршка на македонската влада во исполнување на климатските и енергетските цели усогласени со европските стандарди.
Средбата заврши со согласност за продолжување на соработката, особено во делот на инвестиции во обновливи извори и подобрување на енергетската ефикасност на национално ниво.
Економија
Трипуновски: Визионерски се работи да се зголеми сточниот фонд, во новата програма предвидени се зголемени субвенции

„Ако пред десетина години сточниот фонд на крупна стока во државата изнесуваше околу 260.000 грла, денес по седум години погубни политики на минатата власт сточниот фонд изнесува нешто помалку од 140.000 грла“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски од собраниска говорница одговарајќи на пратеничко прашање.
„Имаме сериозен пад на млекопроизводство, тоа е се резултат на погрешни политики, лоша земјишна политика, неисплата на субвенциите, без конкретни мерки и програми. Но, тоа време заврши и изминатите 6-7 месеци како власт работиме интензивно како да го вратиме сточарството во Република Македонија и млекопроизводството меѓудругото како еден од најважните производи“, појасни министерот.
Трипуновски додаде дека субвенциите не се намалени туку напротив се зголемени.
„Во минатогодишната Програма субвенцијата за грло крупна стока изнесуваше 12.000 денари за крава и 5 денари за литар млеко предадено во преработувачки капацитет. Оваа година во Програмата за 2025 година поддршката изнесува за грло 8.000 денари и 6 денари за литар предадено млеко во преработувачки капацитети“, истакна тој.
Посочи дека ако една крава има просечно лактација од 6.000 литри во текот на годината, ако се помножи 6.000 литри со 6 денари субвенција која што е предвидена во Програмата за 2025 година тоа се 36.000 денари. И кога на тие 36.000 денари се додадат и дополнителните 8.000 денари за грло крава се добива сума од 44.000 денари.
Министерот додаде дека според старата Програма субвенцијата изнесуваше 12.000 денари по грло и субвенција од 5 денари за предадено литар млеко, тогаш сточарите земале само 42.000 денари.
„Оваа година за првпат ја воведуваме мерката за оставено женско теле, односно можност за зголемување на основното стадо на секој еден фармер. Сумата која што ќе ја добие секој еден фармер за оставено женско теле е 3.000 денари дополнителна субвенција“, најави Трипуновски.
Тој нагласи дека Министерството визионерски работи на зголемување на сточниот фонд во Република Македонија.