Економија
Битиќи: 31 мај е крајниот рок за аплицирање на компаниите за склучување на договори за финансиска поддршка на инвестиции

Преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции, владата дава поддршка за инвестиции на компаниите кои ја зголемуваат нивната конкурентност преку нови производствени процеси, воведување на нови технологии и креирање на подобро платени работни места.
Поддршката, довербата и партнерскиот однос од година во година расте, што го покажува и бројот на потпишани договори за државна помош, информираат од кабинетот на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Појаснуваат дека во Законот за финансиска поддршка на инвестиции се воведени нови, афирмативни мерки. Првата е за поддршка на рамномерниот регионален развој, со која компаниите добиваат дополнителен стимул за инвестирање во помалку развиените региони. А втората е мерка која ги поттикнува и поддржува компаниите да инвестираат во истражување и развој.
„Ги избришавме разликите помеѓу домашни и странски компании, денес сите компании кои работат во нашата земја се наши, домашни компании, со исти услови и можности да добијат поддршка од државата.
Субјекти кои можат да бидат корисници на финансиска поддршка се деловни субјекти:
· кои започнале продуктивна почетна инвестиција и
· кои оствариле пораст на вкупни приходи од работењето во последната година во однос на просекот од претходните три години или за пократок период доколку деловниот субјект е регистриран и започнал со дејност во период пократок од четири години сметано од денот на доставување на барање за доделување на финансиска поддршка и
· кај кои просечниот број на вработени во последната година во однос на просекот од претходните три години не бил намален за повеќе од 5% или за пократок период доколку деловниот субјект е регистриран и започнал со дејност во период пократок од четири години сметано од денот на доставување на барање за доделување на финансиска поддршка.
Рокови
• за склучување на договори за финансиска поддршка за инвестиции – најдоцна до 31 мај 2023 година
• за поднесување на барања за исплата на финансиска поддршка за реализирани инвестиции во претходната година – најдоцна до 31 август 2023 година
Видови на финансиска поддршка за кои деловниот субјект може да аплицира:
· Поддршка за нови вработувања;
· Поддршка за воспоставување и унапредување на соработка со добавувачи од Република Северна Македонија;
· Поддршка за воспоставување на организациони облици за технолошки развој и истражување;
· Поддршка за инвестициски проекти од значаен економски интерес;
· Поддршка за пораст на капитални инвестиции и приходи;
· Поддршка за преземање на деловни субјекти во потешкотии;
· Поддршка за зголемување на конкурентност на пазарот;
· Поддршка за инвестиции во помалку развиените региони за поттикнување на рамномерниот регионален развој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Ангеловска-Бежоска на Конституенцата на ММФ и СБ: Носителите на политиките може да ги ублажат последиците од миграциите

Дваесет проценти од лицата родени во регионот на Западен Балкан живеат во странство, со што се намалува потенцијалот за раст на економиите во регионот. „Човечкиот капитал е предуслов за постигнување одржлив и инклузивен економски раст, додека миграцијата е еден од факторите коишто влијаат врз човечкиот капитал. Со намалувањето како на квантитетот, така и на квалитетот на работоспособното население, имајќи предвид дека една третина од емиграцијата во регионот е со високо образование, се намалува потенцијалот за раст на економиите и се забавува веќе ниската конвергенција на доходот ‒ доходот во регионот е само 40% од европскиот доход.
Носителите на политиките не можат да ја спречат емиграцијата целосно, но може да ги ублажат негативните последици“, порача гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, која говореше на панел-дискусијата „Миграции, бегалци и општества“, во рамките состанокот на Холандско-белгиската конституенца на ММФ и Светската банка, којашто годинава се одржува во Црна Гора. На панел-дискусијата на која учествуваше гувернерката на Народната банка, зборуваа и министерот за финансии на Грузија, министерот за финансии на Украина, заменик-министерот за финансии на Холандија и директорот во Светската банка, Хавиер Девиктор, додека претседавач беше министерката за финансии на Молдавија. На конституенцата учествува наша делегација, предводена од гувернерката и министерот за финансии, Фатмир Бесими, во чии рамки е и вицегувернерката Ана Митреска.
Во своето излагање гувернерката посочи на бавната конвергенција на регионот на Западен Балкан кон ЕУ, што главно може да им се припише на структурните прашања, при што потенцијалот за раст на регионот во изминатите две децении се намали од 5% на 2,5%, што е поостар пад во однос нa ЕУ. Ова се должи на неповолните трендови кај сите двигатели на економскиот раст, вклучително и кај човечкиот капитал. Квантитетот кај човечкиот капитал опаѓа, како резултат на демографските фактори, но и емиграцијата. Како резултат на тоа процентот на работноспособното население во регионот во изминатата декада се намали од 70% на 65%, додека очекувањата на Светската банка се дека во следните две и пол декади ќе се намали на 60%. Во моментов, секој петти граѓанин роден во регионот живее во странство, додека секој трети размислува да се исели.
Од аспект на квалитетот на човечкиот капитал, третина од работниците кои се иселуваат се високостручни кадри, што влијае неповолно како на сегашната состојба, така и на идните движења на пазарот на труд и уште повеќе ги нагласува постојните предизвици. Ова го покажува и индексот на човечкиот капитал на Светската банка, според кој и сега има голем јаз помеѓу земјите од регионот и напредните економии во ЕУ во овој домен. Севкупно, емиграцијата го забавува растот и развојот на регионот, за што зборуваат и некои анализи според кои доколку не постоел ефектот од емиграцијата, јазот на потенцијалот за раст во регионот би бил помал за 2 процентни поена во споредба со ЕУ.
За да се намали емиграцијата се потребни структурни и институционални политики за да се зголемат доходот и квалитетот на животот во регионот, бидејќи тоа е еден од клучните фактори за миграцијата. Истовремено, треба да се зголеми искористеноста на човечкиот потенцијал којшто го имаме со зголемување на животниот век на населението којшто заостанува зад европскиот просек, со зголемување на стапката на активност, особено на жените и младите, како и со подобрување на квалитетот на работната сила преку политики за унапредување на образовниот процес. Од друга страна, унапредувањето на институциите, водењето соодветни економски политики и зајакнувањето на врските со дијаспората, може да имаат позитивни ефекти и да придонесат за враќање на дел од иселените лица, како и за привлекување нови работници од други региони.
И покрај главно негативниот контекст на емиграцијата, таа носи и извесни придобивки, пред сѐ финансиски, имајќи ги предвид приливите на средства од дознаките од странство, коишто во регионот изнесуваат 10%, додека кај нас дури 15% од БДП.
Инаку на маргините на состанокот на Конституенцата, нашата делегација оствари билатерални средби со заменик-претседателката на Светската банка, Антонела Басани, регионалниот заменик-претседател во ИФЦ, Алфонсо Гарсија Мора, како и со директорот на Одделот за Европа во ММФ, Алфред Камер.
Економија
Поскапуваат бензините

Од полноќ малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V), Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) и на Мазутот М-1 НС остануваат непроменети.
Од 27.5.2023 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 80,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 82,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС
Економија
Требаше да се случи криза, за политичарите да сфатат колку е важно да се инвестира во енергетски капацитет, вели Бислимовски

Регионот ја преброди енергетската криза со капацитети изградени од времето на поранешната држава Југославија. Требаше да се случи криза, за политичарите да сфатат колку е важно да се инвестира во енергетски капацитет кои се дефинираат како стратешки истакна Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) на панелот „Како да се стигне до ветената земја на зелена енергија“ што е во рамките на меѓународниот настан „Лидерски дијалог во Југоисточна Европа “ 2023 Beyond International Expo, што се одржува во Солун, Грција.
„На крајот од кризата можеме да заклучиме дека стабилноста во испораката не беше доведена во прашање, туку цена која беше неколку кратно зголемена на берзите беше клучен тригер за компаниите да започнат со агресивното инвестирање во обновливи извори. За само една година, инсталираниот капацитет преку приватната иницијатива е зголемен за 8 %, а ова година очекуваме да стигне и до 15%. Елдорадото на инвестиции во обновливи извори ја намали увозната зависност на земјава која од 30 %, сега е намален на само 11 %“ изјави Бислимоски.
Соговорниците од енергетскиот сектор, меѓу кои и универзитетските професори како и високи политички претставници од земјите од регионот се сложија дека кризата ја „разбуди“ Европа која пак подготви економски – инвестициски план со фокус на енергетиката и финансиски пакет за поддршка за економиите за амортизација на ефектите од енергетската криза кои се директна последица од војната.
„ Ние, како држава имплементиравме се што бара Европската унија од нас кога е во прашање енергетиката, затоа верувам дека ЕУ драматично ќе ја зголеми финансиската поддршката кон земјите од Балканот.“ изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Меѓународниот настан „Лидерски дијалог во Југоисточна Европа “ 2023 Beyond International Expo, се одржува од 24 до 26 мај во Солун, Грција.