Економија
Величковски од Народната банка: Со влезот во СЕПА трошоците за граѓаните и компаниите при прекуграничните плаќања значително ќе се намалат
„Со приклучувањето кон Единствената област за плаќањa во евра (СЕПА) прекуграничните плаќања ќе бидат многу побрзи, поедноставни и поевтини, значително ќе им се намалат трошоците на домашните банки, а тоа ќе значи и помали надоместоци за граѓаните и компаниите. Современите платни системи се клучни за јакнењето на економските врски, особено за микропретпријатијата и малите претпријатија за кои трошоците при прекуграничните трансакции ќе бидат помали за десетпати, а трансферот на средства ќе се извршува исто како меѓу земјите во ЕУ“, истакнува Игор Величковски, директор на Дирекцијата за платни системи во Народната банка, во интервју за „Само прашај“ на Институтот за комуникациски студии.
Величковски истакна дека покрај заштедата на трошоците, влезот во СЕПА ќе ја поттикне и конкуренцијата помеѓу домашните банки во делот на понудата на платежните услуги, а граѓаните или компаниите коишто ќе сакаат да пренесат парични средства во земјите членки на СЕПА, ќе може да го направат тоа со користење кредитни трансфери или директни задолжувања.
„За да може плаќачот успешно да го изврши плаќањето, ќе му достави на својот давател на платежни услуги број на својата платежна сметка, назив и број на платежната сметка на примачот, износот на плаќањето, како и причината за плаќањето. За повторливи плаќања, на пример кога плаќаме сметки за топлинска енергија, електрична енергија, за вода и сл., граѓаните може да го користат инструментот директно задолжување. Тоа му овозможува на давателот на услугата редовно да ги наплатува своите сметки коишто ги доставува до граѓаните и компаниите преку прибирање средства од нивната сметка независно дали плаќачот и примачот се наоѓаат во истата земја членка на СЕПА, или, пак во различна. За ова претходно плаќачот ѝ дал согласност на конкретната компанија давател на услугите“, објаснува Величковски. Тој додава дека со пристапот во СЕПА домашните банки ќе може да имаат директен пристап до странските банки во рамките на платните системи коишто ги обезбедуваат овие услуги во СЕПА, а не како досега само со банките со коишто имаат воспоставено кореспондентни аранжмани.
СЕПА брои 36 земји членки, меѓу кои 27 земји членки на Европската Унија, четирите земји членки на Европската асоцијација за слободна трговија (Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија) и Обединетото Кралство, како и неколку други држави (Андора, Монако, Сан Марино и Ватикан).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Банкарските системи во регионот имаат капацитет да поддржат забрзана конвергенција, порача Ангеловска-Бежоска на Конференција во Тирана
Во изминативе неколку години имаше доходовна конвергенција во регионот на Западен Балкан, но таа се одвиваше побавно. За нејзиното забрзување од особена важност е справувањето со структурните пречки, за што е важна и поддршката од финансискиот систем. Ова го истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на панел-дискусијата на гувернерите од регионот којашто се одржа во Тирана, Албанија, во организација на Централната банка на Албанија и Асоцијацијата на финансиски институции на Албанија, а на којашто присуствуваше и вицегувернерот Фадил Бајрами. Панел-дискусијата на која учествуваа и гувернерот на Албанија, гувернерот на Косово и вицегувернерот од Црна Гора, ја водеше Пол Томсен, поранешен директор на Одделот за Европа на Меѓународниот монетарен фонд.
Доходовната конвергенција во регионот, од 2019 година па досега, забрза просечно за околу 2,6 п.п., што е значително побавно во споредба со периодот пред глобалната финансиска криза. Сегашното нивото на доходот во регионот и натаму е ниско и изнесува околу 42% од доходот во ЕУ. Причините за бавната конвергенција се главно структурни и можат да се поврзат со трите долгорочни фактори за раст: човечкиот капитал, физичкиот капитал и продуктивноста. Оттаму, забрзувањето на конвергенцијата наметнува потреба од забрзување на структурните реформи, процес којшто е скап и за кој се потребни соодветни извори на финансирање.
Во овој контекст, од голема важност е што банкарскиот систем добро се справи со претходните шокови и успеа да го зајакне својот капацитет за обезбедување соодветна финансиска поддршка за раст на економијата. Кај нас адекватноста на капиталот оствари највисок раст во регионот и е највисока во последните две декади, ликвидноста традиционално е на високо ниво, а квалитетот на кредитното портфолио е значително подобар во однос на претпандемичниот период. Сепак, се очекува натамошно зголемување на степенот на финансиско посредување, но и негово унапредување преку поголема дигитализација. Значаен исчекор кон оваа цел може да биде и членството во Единствената област за плаќање во евра СЕПА, со што нашиот систем ќе биде поинтегриран во европскиот платежен систем, обезбедувајќи бројни придобивки за граѓаните и компаниите.
Економија
СДСМ со амандмани на Буџетот: 20 oтсто повисоки плати за МВР, образованието, здравството, прожарникарите
Опозициската СДСМ смета дека поднесениот Буџет за 2025 година е неразвоен и недомаќински.
Од партијата утрово потсетуваат дека поднесoa повеќе од 200 амандмани, предлагајќи зголемување на платите во полицијата за 20 отсто, во образованието, здравството, јавниот сектор, пожарникарите.
„Тоа значи повеќе пари во џебот на граѓаните, подобар животен стандард, мотивацијата на работниците а ќе овозможи и поквалитетни услуги. Браме поддршка за нивно усвојување од сите пратеници, бидејќи тие се во интерес на сите граѓани“, велат од СДСМ.
Според опозициската партија, нивните амандмани се конкретен план за Македонија којашто, како што велат, се грижи за своите граѓани, за нивните приходи и за нивниот животен стандард.
Економија
„Нептун Македонија“ по стапките на eвропските и светските малопродажни ланци – секој бренд што се осмелува да излезе од својата комфорна зона е храбар бренд
Водејќи се од светските трендови како и од постојаната заложба да се надградува асортиманот во насока на интересите на потрошувачите, компанијата „Нептун“ неодамна отвори нова категорија „Свет на страсти“ која е достапна за купување само преку онлајн нарачка.
Оваа селекција на производи не е достапна во ниту еден продажен салон, туку може да се разгледа и купи само преку веб-страната на „Нептун“, додека доставата е комплетно анонимна за да се задржи приватноста на секој клиент. Доставата е сигурна и брза, при што ниту курирската служба не е информирана за содржината на пратката. Овластен сервисер за овие производи е K13 Медиа ДОО Скопје.
Ваков тип на производи се секојдневие и во најголемите европски и светски малопродажни ланци како Wallmart, Media Markt и многу други, поради што и „Нептун“ го следи чекорот во поглед на понудата. Сметаме дека големиот асортиман е од огромно значење за секој од нашите потрошувачи, а нивниот избор е само нивен и апсолутно личен. Дискрецијата за секој купувач во оваа категорија е загарантирана, поради што и селекцијата е само преку онлајн нарачка – посочуваат од „Нептун“.
Од моментот на објавување на новата категорија, реакциите на потрошувачите беа исклучително позитивни, покажувајќи дека „Нептун“ успешно ги препознава и исполнува актуелните потреби и интереси на своите клиенти. Оваа иницијатива не само што доби поддршка од потрошувачите, туку и ги истакна нашите заложби за постојаното осовременување на асортиманот.
„Нептун“ генерално е насочен кон различни видови на електроника и бела техника, но иновацијата во поглед на асортиманот е постојана, поради што беше вметната и категоријата „Свет на страсти“.
Сите производи од категоријата „Свет на страсти“ се достапни да се погледнат и нарачаат на веб-страната на „Нептун“.
Нептун Македонија опстојува повеќе од три децении, нудејќи широк спектар на ексклузивни производи и услуги, гордо опстојувајќи на лидерската позиција на најголема технолошка оаза во регионот. Во моментов има 27 продавници, во 21 град во Македонија и несомнено силно онлајн присуство. Месецов овој технолошки гигант почна со продажбата на овој тип на производи на нивната онлајн продавница, што се чини како природна прогресија, имајќи предвид дека Нептун секогаш ги правел работите поинаку.
ПР