Економија
(Видео) Арсовски: Инфлацијата двоцифрена, по ребалансот, кризата ќе биде продлабочена

Навистина е трагично со каков курс и знаење се управуваат финансиите на Република Македонија. Пред само шест месеци од истата оваа говорница, апелиравме, најавувавме, предупредувавме дека Буџетот за 2022 година кој го предложи и донесе Владата е тотално неразвоен и за жал, луксузирачки за власта, а воопшто не е од корист за граѓаните стопанството и државата, рече на прес-конференцијата Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Она што е уште потрагично, како што оценува, е што истиот економски тим што го носеше Буџетот и тогаш пред само 6 месеци, го крои и ребалансот на истиот Буџет сега. „Со нивната ароганција и самоувереност тогаш не убедуваа дека тогашниот предложен Буџет е најразвојниот и ќе ги санира сите проблеми, а гледајќи го сегашниот ребаланс, кој што треба да се дебатира во Собрание и да се гласа, сите ќе се согласиме дека Владата на чело со Ковачевски и Бесими ги лажела граѓаните и стопанството и ги потврдија нашите тврдења дека целиот проектиран Буџет за 2022 година им е промашен“.
„Навистина е нејасно и навистина е срамно, како во ек на економска криза која ја зафати светот и кога знаеле целата Влада дека ќе има криза, тие испланирале стотици уште минатата година кога се носеше Буџетот за целата 2022 година, испланирале милиони евра непродуктивни трошоци, кои сега наводно ќе ги кратат. Верувам дека и во иднина нив поважен ќе им е луксузот, како што им беше поважен во планирањето на годишниот буџет, така ќе биде и сега. Наместо на самиот почеток кога се планирал годишниот Буџет тие средства да бидат искористени, практично непродуктивните трошоци кои гледаме дека се огромна бројка стотици милиони евра, наместо да бидат искористени за стабилизација на економијата и стопанството во пресрет на кризата која гледаме дека нема да заврши набрзо и истите да влијаат во заштита на стандардот на граѓаните, тие испланирале стотици милиони евра за непродуктивни трошоци. Практично уште повеќе да ја заглават економијата и да ја потонат“, посочи Арсовски.
Самото ова кратење, како што потенцира сега е задоцнето и носи ненадоместливи штети.
„Вистинските непродуктивни трошоци лежат во одржувањето веб страни на министерство за политички систем, во ставката за перење на коли на одредени министерства кои се и тоа како големи, за пиењето и плаќање над 1200 кафиња дневно во Влада, изградба на милионски згради на институции токму сега на институции кои можат да почекаат подобри времиња итн итн. Ова се вистинските непродуктивни трошоци. Се во оваа Влада е вештачко. Дури ниту тие самите не се сигурни во себе и не знаат што прават и што ќе прават. Сето ова е купи ден, продади политика, која ја наследија од Зоран Заев и успешно продолжуваат да ја спроведуваат и да ја надградуваат“, истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Предупреди, дека кризата во Република Македонија со ваквата безидејност, со ваквата неспособност, како што рече, само повеќе ќе се продлабочи со овие необмислени потези и безидејноста на економскиот тим на Владата, само повеќе ќе трпат штети граѓаните и стопанството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Германците прават планови за зима, доколку снема гас, Хамбург ќе воведе ограничувања за топла вода и греење

Градските власти на Хамбург ќе воведат контролирана дистрибуција на топла вода за приватните домаќинства и ограничување на максималната температура за греење на становите, во случај на акутен недостиг на гас, изјави денеска локален претставник задолжен за животна средина.
Откако Русија го прекина снабдувањето со гас преку гасоводот Северен тек 1, германската влада минатиот месец го активира второто од трите нивоа на итни мерки во случај на недостиг на гас, а третото ниво воведува ограничувања за потрошувачката на гориво, објави Ројтерс.
Германската влада апелираше до граѓаните и компаниите да ја намалат потрошувачката на енергија и да помогнат да се наполнат складиштата и да се соберат резерви на гас до зима, додека германските градови размислуваат да воведат дополнителни мерки во случај на недостиг на гас.
„Во случај на акутен недостиг на гас, топлата вода може да биде достапна само во одредени периоди од денот, во итен случај“, изјави денеска Јенс Керстан, функционер за животна средина во Хамбург, според весникот „Велт ам Зонтаг“.
Керстан рече дека градот може да размисли и за општо намалување на максималната собна температура во мрежата за топла вода, а според федералниот план за итни случаи, домаќинствата и критичните институции како што се болниците во третото ниво на мерки предвидени во планот за итни случаи ќе имаат индустриски приоритет, иако тоа можеби нема да биде возможно во цел Хамбург од технички причини.
Економија
Николовска: За три години преку мерката Мој ДДВ кај граѓаните се вратени околу 68,3 милиони евра

„Мерката Мој ДДВ е една од најуспешните мерки од концептот парите назад кај граѓаните што го реализира Владата предводена од СДСМ. За три години преку оваа мерка кај граѓаните се вратени 4,2 милијарди денари или околу 68,3 милиони евра, односно над 22 милиони евра кај граѓаните секоја година. За успешноста на овој проект кој освен повеќе пари кај граѓаните, ја јакне и даночната дисциплина говори и фактот дека денес има регистрирано над 460.000 корисници и овој број постојано расте“ рече на денешната прес-конференција Фаница Николовска, пратеничка на СДСМ.
Таа смета дека „она што е важно да се истакне е дека наскоро ќе започне процес на законски измени со кој тримесечниот лимит од 1.800 денари, ќе се зголеми на 2.100 денари, што значи дека еден корисник за една година може да добие максимален поврат од 8.400 денари, наместо досегашните 7.200 денари“
„Мерката Мој ДДВ е првиот проект со кој државата враќа пари директно на трансакциските сметки на граѓаните и пример за проект кој функционира беспрекорно. СДСМ како одговорна партија продолжува со реализација на мерки и политики кои обезбедуваат повеќе пари во секое семејство“ порача Николовска.
Економија
Васко Ковачевски: ЕСМ паралелно функционира на две траси – обезбедување електрична енергија во криза и инвестирање во обновливи извори

Европската енергетска криза ги остежнува активностите од зеленото сценарио, и во Европа и кај нас, изјави генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, на енергетската конференцијата МЕФ 2022 во Охрид.
Говорејќи на панелот „Нови пристапи во постигнувањето на целта за нет-зеро”, Ковачевски порача дека АД ЕСМ паралелно функционира на две траси, односно работи на стабилно обезбедување и испорачување електрична енергија за граѓаните, и истовремено работи на изградба на електрани на обновливи извори и спроведување на зелената агенда.
„АД ЕСМ продолжи со инвестициите во обновливи извори и покрај енергетската криза. Токму првата фотонапонска електрана Осломеј-1 е изградена во текот на ковид кризата и енергетската криза, во исклучително тешки услови за работење, и таа електрана веќе произведува електрична енергија од сонце. Обезбедивме финансирање и за ФЕ Битола-1 од 20MW и ФЕ Осломеј-2 од 10MW. Имаме и други проекти за обновливи извори во подготовка, со кои имаме намера да со замениме производството од јаглен, додека базната енергија би се обезбедувала од електрани на гас, и од хидроелектраната Чебрен, кој проект исто така посветено го водиме”- изјави директорот Ковачевски.
Ковачевски потенцира дека сите држави доживеаја последици од енергетската криза врз нивните програми за намалување на емисиите во атмосферата и спроведувањето на активности кон зеленото сценарио, а причините за тоа се големите финансиски средства кои енергетската криза ги побаруваше од државните буџети.