Економија
(Видео) Арсовски: Не треба да се создава паника со најави за високи поскапувања

Портпаролите на Владата на прашање на новинарите за евентуално планирано покачување на струјата истакнаа дека цената на енергенсите се во постојан пораст на светските берзи и постои недостиг на електрична енергија и дека сите аспекти ќе се имаат предвид кога на некоја од наредните седници ќе се разговара за оваа состојба.
„Фокусот на АД ЕСМ е на зголемувањето на домашното производство на електрична енергија и ги презема сите чекори за продолжување на континуираното производство на електрична енергија во текот на грејната сезона. Во РЕК Битола е засилен ископот на јаглен за потребите на стабилно обезбедување електрична енергија за домаќинствата и за малите потрошувачи. Обезбедени се дополнителни 90.000 тони јаглен од Албанија за почеток на производство на струја за стопанството по подостапни цени од моменталните на берзите. За истата намена, последниот јавен повик кој се објави деновиве за набавка на 810.000 тони јаглен ќе биде отворен во текот на целата 2022 година. По едномесечниот ремонт денеска почна со работа и РЕК Осломеј и за таму се обезбедува дополнителен јаглен“, информираа портпаролите.
Владините портпароли информираа дека дел од стратегијата за надминување на енергетската криза е и активирањето на ТЕЦ Неготино за што е распишан е јавен оглас за набавка на мазут. Понудите се очекуваат до денеска, по што ќе бидат отворени и по набавката и доставата на мазутот, и ТЕЦ Неготино ќе се вклучи во производството.
„ Државата ги следи состојбите во сите сектори, вклучително и во преработувачката и во прехранбената индустрија. Владата е во постојан отворен дијалог со сите засегнати страни во стопанството. Една таква комуникација се одвива преку платформата за социјално-економски дијалог која ги опфаќа социјалните партнери и четирите најголеми комори, преку која се одржуваат редовни состаноци и секако тој не е прекинат. Она што може да се каже е дека не треба да се создава паника со најави за високи поскапувања. Постојат механизми, Владата ги уверува граѓаните и стопанствениците дека и натаму ќе продолжи да биде партнер со сите засегнати страни за соодветно да се реагира на секој предизвик“, беше одговорено на прашањето за планираните политики во врска со поскапувањата на прехранбените производи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Од денеска нови летови од Охрид кон Лондон и Манчестер

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, денеска, на Меѓународниот аеродром „Св. апостол Павле“ во Охрид присуствуваше на воспоставување две нови авиолинии од охридскиот аеродром, и тоа кон Лондон и Манчестер.
„Задоволство ми е што сум присутен на аеродромот ‘Св. апостол Павле’ во Охрид, каде што од денеска воспоставуваме две нови авиолинии, односно го поврзуваме Охрид со две нови дестинации во Англија, и тоа до аеродромите во Лондон и Манчестер. За нас, Охрид, како најголем туристички центар на Северна Македонија, ни е многу важен и затоа нашите политики се токму во насока на обезбедување негов забрзан развој. Убеден сум дека овие нови дестинации значително ќе придонесат за развој на целиот регион, развој на авиосообраќајот, бидејќи нови авиолинии значат зголемен број туристи, а тоа е значаен чекор кон обезбедување економски и туристички развој. Ова е само уште една потврда на заедничките заложби на Владата и на ТАВ да ги развиваме капацитетите на двата наши аеродрома, притоа да создаваме услови за нови авиолинии и, генерално, да го развиеме авиосообраќајот во земјата“, изјави министерот Бочварски.
Тој исто така истакна дека и оваа година, како и минатата 2022, забележан е позитивен тренд на раст на авиосообраќајот во земјава.
„Во првите четири месеци од годинава имаме раст на бројот на патници за 44% повеќе во споредба со минатата година или раст од 11% во споредба со 2019 година кога беше најдобра година со најголем број на превезени патници. Конкретно за охридскиот аеродром Св. Апостол Павле имаме раст на бројот на патници од преку 30% во споредба со минатата година. Продолжуваме да ги реализираме нашите успешни политики за обезбедување на квалитетни услови во авиосообраќајот, за нови дестинации за граѓаните и зголемен број туристи во нашата земја“ потенцираше министерот Бочварски.
Економија
Ковачевски и во Братислава зборуваше за стандардот во Југославија

Стандардот на Југославија беше 10 пати поголем од стандардот на некои сегашни членки на ЕУ, рече премиерот Димитар Ковачевски на форумот на „Глобсек 2023“: „Економски силен Балкан само со членство во ЕУ“.
„Стандардот на Југославија беше 10 пати поголем од стандардот на Словачка, Полска, Унгарија, Бугарија и Романија заедно. А стандардот на вашите земји, затоа што тука гледам луѓе од Словачка, Чешка, сега е подобар само поради тоа што сте членки на ЕУ. Патот на напредување на Западен Балкан, како што велите вие, е членство во ЕУ. Дали ќе дојде тоа одеднаш или секторски, зависи од начинот на кој ќе се спроведува“, рече Ковачевски.
Премиерот рече дека поддршката од европските фондови е клучна за развојот на земјите од Балканот, а членството во ЕУ е единствениот пат за нивен напредок.
Премиерот и пред неколку дена во Скопје говореше за југословенскиот стандард кажувајќи дека ќе им го врати на граѓаните.
По средбата со сенаторот Крис Марфи пред неколку дена Ковачевски рече: „Нашата држава потекнува од поранешната југословенска федерација. Во тоа време имавме поголем стандард и од Словачка, и од Чешка, и од Романија, и од Полска, и од Бугарија и од сите земји што станаа членки на Европската Унија. Јас ќе ги донесам и ќе ги предводам сите потребни одлуки што ќе обезбедат граѓаните на Северна Македонија повторно да имаат поголем стандард од сите граѓани од кои порано сме имале поголем стандард. Тоа нашите граѓани го заслужуваат. На тој пат сметам и на поддршката од нашите стратешки партнери, пред сè, САД и земјите членки на ЕУ“.
На форумот Ковачевски заклучи дека стратешката грешка што ЕУ ја направила пред пет години со ветото не може да се реши за 5 минути.
Економија
Бектеши: И покрај енергетската криза засилено инвестираме во енергетска транзиција и регионално енергетско поврзување

Македонија, исто како и остатокот од Европа го почуствува силно негативното влијание од војната во Украина врз енергетскиот сектор, што предизвика пораст на цените на природниот гас поради нарушувањето на снабдувањето со природен гас од Русија. Но, и покрај енергетската криза ние засилено работевме на трансформација на енергетскиот систем во земјата, кажа министерот за економија Крешник Бектеши на панелот „Политики и технологии кон декарбонизација“ на годинешниот МЕФ 2023 форум.
„Во последните години работиме на реформи за зголемување на инвестиции во обновливи извори на енергија. Само во последните години имаме инсталиран капацитетет од обновливи извори на енергија, од фотонапонски централи од 110 мегавати што е за скоро 100% повеќе споредено со тоа што е направено од осамостојувањето на земјата. Врз основа на побарувачката од компаниите и од инвестициите на државната компанија ЕСМ до крајот на годината ќе имаме повеќе од 350 мегавати инсталиран капацитет од фотонапонски централи. На барање на Стопанските комори се размислува на опцијата производството на електрична енергија од обновливи извори од приватни инвеститори да биде откупено од државната компанија ЕСМ со цел да е зачува хидропотенцијалот и другите извори на обезбедување на енергија, како што се термоелекртани. Така ќе бидеме подготвени за следната зима и во наредниот период што е во согласност со нашата стартегија за развој на енргетиката“ кажа министерот Бектеши.
Министерот потенцираше дека Северна македонија е целосно зависна од рускиот гас но со поддршка на нашите партнери САД и ЕУ минатата година државата успеа да обезбеди дополнителни капацитети во гасоводот со Бугарија со што се диверзифицираа снабдувањето со гас за земјата.
„Успеавме да ослободиме дел од капацитетите на единствениот гасовод кој го имаме со Бугарија кој е целосно закупен од руски Гаспром, односно успеавме да го зголемиме капацитетиот на гасоводот за да ја диверзифицираме набавката на гас за нашите енергетски капацитети и секако да обезбедиме греење на граѓаните. Од сега почнуваме со подготовки за следната зима, се со цел да имаме уште поголема независност од руски гас. До крајот на годината ќе започне изградбата на интерконекторот со Грција кој ќе овозможи да набавуваме гас од ТАП и од други извори“ кажа Бектеши.
Министерот најави дека Македонија работи на реализација на проект за инвестиција во изградба на гасна централа од 600 до 800 мегавати која според првичниот план би се градела во нашата земја, но во чија изградба би учествувале со дел од инвестицијата сите земји во регионот.
„Нашиот план е да ги поканиме нашите соседи да учествуваат во реализација на овој енергетски проект, кој ќе биде на регионално ниво. Нашиот предлог е да биде во Северна Македонија на место на ТЕЦ Неготино и сите земји кои имаат интерес во овој проект кој планираме да почнеме со реализација следната година да учествуваат како стејкхолдери“ потенцираше Бектеши.