Економија
(Видео) Битиќи во посета на „Еуроникел индустри“: Владата ќе продолжи да ги поддржува компаниите во нови инвестициски потфати
Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денес ја посети компанијата „Еуроникел индустри“ во Кавадарци, каде што се сретна со генералните директори на компанија и се информира за тековните производни активности во комбинатот и нивните идни деловни планови.
По извршената обиколка на производните погони на „Еуроникел индустри“, вицепремиерот Битиќи во изјава за присутните медиуми посочи дека станува збор за еден од најголемите работодавци во Кавадарци и регионот, со речиси 1.000 вработени лица, која соработува со 70-80 транспортни компании од овој регион, ги поседува и сите еколошки дозволи за работа, а е четврта по вредност на извезени производи, со приближно 166 милиони евра извоз во 2019 година, и деветта по вредност во остварени приходи во земјата (169,5 милиони евра).
„Станува збор за целосно извозно ориентирана компанија, а дополнително е важно што производот што го извезуваат, тоа е фероникелот, дава дополнителна, додадена вредност на нашата економија, односно има додадена нето-вредност на направениот извоз. И оваа година, и покрај економската криза во целиот свет, успеале да го зголемат и производството и да го одржат на исто ниво извозот и бројот на вработени. Тоа е добро за локалната економија, за сите вработени, но и генерално за економијата на Северна Македонија, особено во ова време на светска криза. Владата ќе продолжи со поддршка на инвестициите во технолошки развој, унапредување на производството, набавка на нови машини, изградба на нови хали, отворање центри за развој и истражување и вработување нови лица. Владата ќе продолжи да ја дава оваа поддршка за стопанството преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите“, нагласи вицепремиерот Битиќи за време на посетата на „Еуроникел“.
Првиот генерален директор на „Еуроникел“, Герасим Кујунџиев, се осврна на активностите на компанијата, развојните планови и за значењето на компанијата за развојот на домашната економија.
„’Еуроникел индустри’ успеа и во време на пандемијата да воспостави безбеден и континуиран производен процес, што резултира со зголемено производство и извоз како продолжување на позитивниот тренд од 2019 година. Кај нас нема намалување на обемот на работа, ниту кратење на вработени или плати, но секако ова е постигнато со енормни напори на сите засегнати страни, од инвеститорите до работниците. Сепак, предизвиците се големи, при што најзначајна и најпотребна е поддршката од институциите и државните органи да му излезат пресрет на приватниот сектор со редовно и доследно исполнување на обврските затоа што нашиот придонес кон домашната економија е значаен во секој поглед“, посочи директорот на „Еуроникел индустри“, Кујунџиев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За универзален снабдувач на електрична енергија Владата ја прифати понудата на ЕВН Македонија
Владата, согласно Законот за енергетика, ја донесе и Одлуката за избор на универзален снабдувач.
За најповолна понуда за избор на универзален снабдувач, во соодветната постапка е избрана понудата доставена од групата понудувачи ЕВН Македонија електроснабдување ДООЕЛ Скопје – носител и ЕВН Македонија АД Скопје – член на групата.
За носител на набавката е избран економскиот оператор којшто има понудено најнизок процент на бруто маржа во текот на електронската аукција, а чијашто понуда претходно е оценета како прифатлива. Критериумот за доделување на договорот за универзален снабдувач, притоа, е бруто понудената маржа за снабдување.
Основата за пресметката на цената по којашто универзалниот снабдувач ќе ги снабдува малите потрошувачи и домаќинствата во којашто е вклучена и бруто маржа, е во согласност со Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 246/23), донесен од страна на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија, појаснуват од Владата.
Економија
Николовски од Свети Николе: потпишани првите договори за продолжување на закупот на земјоделско земјиште
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, денеска во Свети Николе оствари средба со земјоделците, на која што заедно со земјоделците ги потпишаа првите договори, за продолжување на закуп на земјоделско земјиште во Свети Николе.
„Денеска сме тука токму да го испорачаме и решението, односно на земјоделците да ги доделиме првите договори, кои што треба да ги потпишат. Во овој период службите на министерството интензивно работеа согласно нашиот договор, кој што го постигнаме во Свети Николе, да се направи се овие договори многу бргу да бидат продолжени. Зададовме рок заеднички од 2 ипол месеци, но еве ме за многу брзо време, со нови договори за продолжување на закупот на земјоделски површини токму во Свети Николе“, истакна министерот Николовски.
Минатата недела Владата даде согласност за продолжување на првите светиниколски договори за закуп на земјоделско земјиште, кои истекоа изминатиот период.
Постапката веќе започна и веќе на денешната владина седница, исто така имаме доставено нови согласности за продолжување на договорите.
„Владата продолжува со носење на нови согласности, министерството продолжува со склучување на сите договори каде што земјоделците имаат поднесено барања, каде што постапките се завршуваат и од тука повторно порачувам нема отстапки ниту еден милиметар, сите земјоделци кои што имаат поденсено барање во законскиот рок ќе добијат продолжување на договорите за нови 15 години“, истакна Николовски.
Економија
Работилници за одржлив туризам оваа недела во Скопје и Крушево
Одржливиот туризам се смета за суштинска и долгорочна економска исплатливост на дестинациите. Со заштита на природните и културните добра, дестинациите можат да привлечат посетители на долг рок, да ги диверзифицираат нивните туристички понуди и да ги поддржат локалните економии без да ги деградираат нивните ресурси или да го загрозат квалитетот на животот на жителите.
Градење на капацитите и зголемување на свеста за одржлив туризам со цел да се обезбедат насоки за туристичкиот сектор во нашата земја за да се зголеми нивната подготвеност за дојдовен туризам преку усвојување на одржливи практики во туризмот, е целта на трите работилници кои се организираат оваа недела во Скопје и Крушево.
Работилниците се во организација на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Стопанската комора на Северна Македонија и Националната асоцијација за дојдовен туризам – НАИТМ, со поддршка од Владата на Швајцарија преку Програмата за промоција на увозот (SIPPO) и Програмата за зголемување на пазарната вработливост (IME).
Со овие активности фокусирани на одржливиот туризам, со интернационална експертиза и ресурси ќе им се помогне на бизнис организациите од областа на туризмот и приватниот туристички сектор во нашата земја, да го подобрат нивното разбирање за практиките за одржлив туризам со цел да ги интегрираат во нивните операции, преку пристап до релевантни алатки и најдобри практики од регионот и светот.
„Oдржливиот туризам е важен за одржување на деликатната рамнотежа помеѓу економскиот развој, зачувувањето на животната средина и социјалната еднаквост, поттикнувајќи одговорно патување кое им користи и на сегашните и на идните генерации. Со сѐ поголемиот притисок и новите регулаторни барања на ЕУ како и барањата од здруженијата за туризам во Европската Унија – бизнисите да усвојат одговорни практики, да се усогласат со прописите за животната средина и да се придржуваат до етичките стандарди, засегнатите страни во туристичката индустрија во сите земји сѐ повеќе ја препознаваат важноста на одржливоста во развојот на туризмот.“, изјави Даниела Михајловска Василевска, координатор на угостителство и туризам при Стопанска Комора на Северна Македонија
„Трендовите на пазарот и преференците на потрошувачите растат сѐ повеќе во делот на одржлив туризам бидејќи туристите бараат автентични, значајни искуства кои се усогласуваат со нивните вредности. Странските туристи се спремни да поддржат бизниси и дестинации кои покажуваат посветеност на одржливост, поттикнувајќи промена кон одговорни туристички практики. Одржливиот туризам може да биде и најдобрата компаративна предност на македонските дестинации во иднина, но потребна е заедничка напорна работа од страна на сите чинители во секторот и државата., истакна Влатко Сулев, претседател на здружението НАИТМ.
„Значајно е да се напомене дека неопходно е да се преземат мерки и активности кои го намалуваат загадувањето на природата, но секако и спроведување на стандарди за заштита на биодиверзитетот, животната средина и културното наследство. Особено доколку знаеме дека масовноста во туризмот носи зголемени негативни влијанија пред сѐ на животната средина. Затоа овие форми на туризам велимедека се посеопфатни, посовесни и поодговорни бидејќи нивна основна цел е да се одржи баланс помеѓу масовноста во туризмот и намалување на загадувањето и заштитата на животната средина. Токму затоа активностите на Агенцијата за туризам и во наредниот период ќе бидат насочени кон организирање на низа обуки и работилници пред сѐ наменети за туристичкото стопанство, а ќе бидат во насока на подигнување на свеста за значајноста, придобивкитеи спроведувањетона мерки за одржливост во туризмот, како и промоција на одговорното патување. Реализирањето на дополнителните работилници во текот на годината се планира да биде во рамките на дестинациите во нашата земја, но и ќе останеме отворени за соработка со странските програми, фондови и амбасади за реализација на проекти во насока на градење на одржливи дестинации.“
„За следната година се разгледуваат можностите во соработка со странските партнери за имплементација на ЕСГ стандардите во рамките на хотелиерството, која ќе овозмозможи нивна поголема конкурентност, препознатливост, транспарентност, економски развој, но и привлекување на одржливо финансирање и инвестиции.”- изјави м-р Јасмина Лескаровска, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
Преку заеднички напори, бизнис организациите, приватниот сектор и државните институции е потребно да работат заеднички за промовирање на одржливиот туризам како двигател на економскиот раст, општествениотразвој и зачувувањето на животната средина во земјата.