Економија
(Видео) Георгиевска: Многубројни показатели потврдуваат дека македонската економија е стабилна

Многуројни показатели потврдуваат дека македонската економија е стабилна и е подготвена за справување со сите глобални предизвици што претстојат. Потврда за тоа е и растот на БДП во третото тримесечје од 3 отсто. Покрај домашниот бруто-производ, расте и извозот кој во првите 10 месеци од годинава е зголемен 29 отсто во однос на минатата година. Ова се показатели дека Владата предводена од СДСМ, институциите, преземаат соодветни и ефикасни економски мерки и политики, изјави пратеничка на СДСМ, Марија Георгиевска.
Дополнително, рече таа, Народната банка официјално потврди дека денарот е стабилен и дека граѓаните не треба да се вознемируваат од информациите што тенденциозно се појавија на одредени медиуми.
„СДСМ како одговорна, социјалдемократска партија во континуитет презема мерки, што значат вистинска грижа за граѓаните и заштита на нивниот економски стандард.
Во таа насока е и одлуката на Владата за замрзнување на цените на основните продукти до 31 јануари 2022 година, кои нема да смее да бидат повисоки од цените што биле на 1 декември оваа година“, истакна пратеничката од СДСМ.
Најави дека и во 2022 година ќе продолжи растот на платите и на пензиите.
„Веќе од јануари минималната плата ќе изнесува 18.000 денари, а со новата методологија за законско усогласување, пензиите двапати во годината ќе растат помеѓу 400 и 600 денари, во зависност од висината на конкретната пензија. Буџетот е ликвиден, државата има доволно пари за помош на граѓаните и компаниите за надминување на претстојните предизвици“, додаде Георгиевска.
Најави дека ќе следува субвенционирање на трошоците за електрична енергија за ранливите категории граѓани и семејства.
Сето ова, како што рече, е во насока на зајакнување на економскиот стандард на граѓаните во време кога целиот свет се соочува со енергетска и економска криза.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Аргентина е на раб од банкрот, проценува агенцијата Фич

Статистичката рејтинг агенција Фич го намали рејтингот на аргентинскиот долг во странска валута за два степена, оставајќи ја земјата едно ниво над банкрот.
Намалувањето на рејтингот на долгот сугерира дека агенцијата верува дека неплаќањето на долгот е „неизбежно“ и доаѓа набргу по декретот на аргентинската влада со кој локалните организации од јавниот сектор се принудени да го заменат својот долг деноминиран во странска валута со долг деноминиран во националната валута – пезоси.
Според податоците на Централната банка, Аргентина има бруто меѓународни резерви од нешто повеќе од 37,5 милијарди долари, но аналитичарите велат дека нето вредноста е значително помала.
Економија
Бугарските овчари и козари на протест против македонските јагниња

Националната асоцијација на одгледувачи на овци и кози од Бугарија најавува протест поради неконтролираниот увоз на јагнешко месо од Северна Македонија, се вели во дописот што го испратиле до тамошното Министерство за земјоделство.
Тие во протестно писмо до бугарскиот министер за земјоделство Јавор Генчев велат дека властите воопшто не се грижат за заштитата на бугарското јагне, како и за безбедноста на храната, а со тоа ја загрозуваат и безбедноста на нацијата.
„Две недели пред Велигден трговската мрежа е преполнета со јагнешко месо увезено од Северна Македонија. Тоа е производ што не е регулиран според европските барања за безбедност на храната. Ако до 28 март не се издаде наредба за построга контрола од бугарската Агенција за храна и ако увозот на јагнешко месо не биде вршен со почитување на европските критериуми за безбедност на храната (салмонела, неовластени фуржани компоненти, неовластени антибиотици, вакцинација), на 30 март бугарските одгледувачи на овци и кози ќе го блокираат граничниот премин Кулата со цел да ги заштитиме нашите интереси и нашата егзистенција“, пишува во протестното писмо во кое се предупредува на драстичното намалување на бројот на овци и кози што се одгледуваат.
Според претседателот на Асоцијацијата, Симеон Караколев, бугарскиот пазар е нарушен со увозот на 200 тони јагнешко месо од Македонија со цена под седум евра за килограм.
„Ако тоа продолжи, над 50 илјади бугарски јагниња ќе останат непродадени, а тоа ќе биде нов удар за бугарската сточарска индустрија“, вели Караколев.
В понеделник тие ќе имаат средба во ресорното министерство, а доколку не добијат цврсто ветување за итни мерки ќе ја реализираат својата најава за блокада на еден од граничните премини.
Економија
РЕС одбележува една година постоење – компанијата донесе најповолно снабдување со електрична енергија во кризата

Фирмата за трговија со електрична енергија РЕС одбележа една година постоење и за тој период се позиционира како лидер во снабдувањето со електрична енергија на слободниот пазар.
РЕС моментално ја формира најголемата балансна група кај нас, со 270 компании од приватниот сектор кои ги снабдува и годишна потрошувачка од 250 GWh, со што значително ги надмина првичните проекции за развој.
РЕС на македонското стопанство му овозможи снабдување со електрична енергија, но и откуп на електричната енергија од производителите од обновливи извори.
РЕС им понуди на македонските фирми повеќе модели на снабдување со струја, кои се движеа од целосно берзански најниски цени до целосно фиксни и гарантирани цени, како и комбинации од двата модела во различен сооднос. Благодарение на можноста да изберат модел според своите потреби, компаниите во текот на енергетска криза, особено во втората половина на 2022 година, имаа предвидливост на издатоците за електрична енергија и таа калкулација можеа да ја вградат во цената на нивните производи и услуги, задржувајќи ја ликвидноста и остварувајќи значајна конкурентска предност на пазарот.
РЕС (Reneweble Energy Supply) е сопственост на македонската фирма Централ Инвест на Кочо Анѓушев и на бугарската фирма Кер Токи на Иво Прокопиев.
(ПР текст)