Економија
(Видео) Николоски: Струјата во Македонија поскапува заради недомаќинското работење и криминалот во ЕЛЕМ и во РЕК Битола

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски за време на неговата посета на Битола одговарајќи на новинарско прашање за поскапувањето на електричната енергија истакна дека основната причина заради која поскапува електричната енергија е недомаќинското менаџирање на најголемите енергетски капацитети во државата.
„Поскапувањето на струјата секако дека се должи и на светската криза и на она што се случува во Украина, но да не заборави јавноста дека струјата почна да поскапува пред да почне војната во Украина. Војната во Украина почна во февруари месец оваа година, а струјата во Македонија почна да поскапува во 2020 година, што значи пред две ипол години. Ние уште тогаш излегувавме на протести против поскапувањето на електричната енергија. Основна причина зошто поскапува електричната енергија во Македонија е затоа што недомаќински се оперираат најголемите енергетски капацитети. Тука најголем е секако РЕК Битола кој што е во овој крај, тука е и РЕК Осломеј, тука се и хидроакумулациите секако“, истакна Николоски.
Тој додаде дека само за две години заради недомаќинското работење на власта се произведени еден милион мегават часови помалку електрична енергија, која во вакви услови мора да се увезува, а според цените на светската берза тоа ги коштало граѓаните 250 до 260 милиони евра.
„Македонија не произведува доволно електрична енергија. Само за две години, од 2019-та до 2021 година се произведени за еден милион мегават часови помалку електрична енергија. Значи зборуваме за период во кој што целосно е на власт СДСМ и ДУИ. За две години нивна власт произвеле за еден милион мегават часови помалку и електрична енергија. Ако еден мегават час на светските берзи е од 250 до 260 евра тоа значи дека само за увоз Македонија за две години дала 250 до 260 милиони евра, а 250 до 260 милиони евра се еден најмодерен автопат во Македонија на пример од Градско до Битола или е возобновување на електрификацијата на пругата или изградба на нова пруга или ако сакате изградба на две-три поголеми брани во Македонија чисто за компарација. Во такви услови, недомаќински да се фрлаат во воздух 260 милиони евра е целосно неодговорно. Во исто време електричната енергија за граѓаните поскапе два пати по 10%, а сега ќе поскапи веројатно за дополнителни 30%, но она што е уште позначајно е што за компаниите, за фирмите е поскапена 500 до 600%, а во исти процент е поскапена и за институциите и за општините. Значи 5 до 6 пати е поскапена цената на електричната енергија затоа што Македонија не произведува доволно, заради недомаќинското работење и криминалот кој што се случува во ЕЛЕМ и во РЕК Битола и таа струја мора да се увезува“ додаде Николоски.
Тој како пример за тоа колку ги кошта граѓаните недомаќинското работење на власта ја наведе Општина Битола која во споредба со изминатите години оваа година за електрична енергија ќе плати 1,8 до 2 милиони евра повеќе, пари на граѓаните со кои би можеле да се решат бројни проблеми на општината.
„Општина Битола во текот на оваа година споредено со претходните години ќе плати за еден милион и 800 илјади до 2 милиони евра повисока цена за електрична енергија. Значи, битолчани за една година ќе платат 1,8 до 2 милиони евра повеќе за електрична енергија. Тоа се пари на битолчани. Со тие пари можат да се изградат неколку модерни булевари во градот, можат да се решат бројни водоводни иканализациони системи, да се изгради нов парк во градот и бројни други проекти. Значи само за недомаќинското работење на Зоран Заев, на Васко Ковачевски, на Крешник Бектеши, на Бислимоски и на Ковачевски, ние сме доведени во ситуација само во Битола граѓаните преку општината да платат 1,8 до 2 милиони евра повеќе за електрична енергија. Ова е ништо друго освен еден државен криминал на кој што мора да му дојде крајот пред сѐ со предвремени избори, потенцираше Николоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
(Видео) Маричиќ: ИПАРД 3 ветува многу, со поддршката од ЕУ македонското земјоделство се развива по европски терк

Вицепремиерот за европски прашања и Национален ИПА координатор, Бојан Маричиќ, денеска ја потпиша Финансиската спогодба за ИПАРД 3 програмата и во своето излагање рече дека суштинска за македонското земјоделство.
ИПАРД е успешна приказна која веќе подолго време ја имаме и дека потпишувањето на оваа спогодба е само нејзино продолжување и уште поголемо развивање.
– ИПАРД 2 беше доволно силна и успешна приказна, а ИПАРД 3 ќе биде ветувачка приказна, приказна што ветува многу за македонскиот земјоделец и гаранција дека Северна Македонија ќе продолжи да биде најдобар корисник на ИПАРД програмите во регионот, рече Маричиќ.
Покрај на Секретаријатот за европски прашања, вицепремиерот им честита на сите засегнати страни во спроведувањето на ИПАРД програмата, на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за финансии и на Платежната агенција која има клучна улога во спроведувањето на овие европски неповратни средства, преку кои се зајакнува земјоделскиот сектор и се приближуваме кон стандардите утврдени со заедничката земјоделска политика на ЕУ.
– Со финансиската спогодба се обезбедија 97 милиони евра за македонското земјоделство за мерки од ИПАРД III програмата и тоа за: Инвестиции во физички средства на земјоделски стопанства, за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, за диверзификација на фармите и развој на бизнисот и за техничка помош, објасни вицепремиерот Маричиќ.
Економија
Економистите со предупредување за Германија: „Недостигот од работници е голем, ова е сериозно“

Недостигот на работна сила и преминот кон обновливи извори на енергија долгорочно ќе биде товар за германската економија, предупреди шефот на економскиот Институт „Ифо“ оценувајќи дека цената на струјата во Германија во иднина ќе биде повисока отколку во другите земји. Германската економија во иднина ќе расте побавно, предупреди Клеменс Фуест во интервју за новинската агенција ДПА.
„Недостигот во снабдувањето со електрична енергија во Германија беше грешка“, рече Фуест мислејќи на затворањето на нуклеарните централи и намаленото снабдување со руски гас поради војната во Украина. Хемиските компании сè почесто предупредуваат дека поради високите трошоци за енергија, може да бидат принудени да преселат дел од своето производство во странство.
„Овие планови треба да се сфатат сериозно“, рече Фуест додавајќи дека подоброто снабдување со енергија ќе го ублажи проблемот. Тој, сепак, смета дека владата не треба да ги ограничува цените на струјата. „Очекувам дека цената на струјата во Германија во иднина да биде повисока отколку во другите земји“, рече Фуест.
Според него, најголем товар за економијата е недостигот на работна сила во многу сектори, што ќе го попречи растот во наредните години. Можни решенија се новиот закон за привлекување квалификувана работна сила од странство и подобрена грижа за децата, предлага тој.
Економија
Ангел Анѓушев од Грин Машинс на Бизнис форум во Тирана: на команиите од регионот им треба државна поддршка за технолошки напредок и јавни набавки кои се транспарентни и конкурентни

Оперативниот директор на Грин Машинс, ќерка фирма на велешки БРАКО, Ангел Анѓушев, на бизнис форумот кој се одржа во Тирана во рамките на Берлинскиот процес, порача дека државите од Западен Балкан очекуваат економска помош и поддршка од ЕУ, но нагласи и дека самите земји треба да вложат во зајакнување на сопствениот економски сектор.
„Сите ние, властите и стопанството, во секоја од земјите, треба да погледнеме прво во нашата сопствена земја, што можеме ние самите да направиме за себе пред да погледнеме што ЕУ би можела да ни помогне.
Компании во регионот, немаат добра средина за раст, немаат доволно буџетска поддршка за инвестирање во технолошки напредни производи и постои реален недостаток на транспарентни и конкурентни процедури за јавни набавки од државните и локалните институции.
Да го дадеме приоритетот на локалниот развој и да создадеме погодна средина за раст токму овде во Западен Балкан“, потенцираше Анѓушев во своето излагање пред присутните министри за економија и финансии од регионот на Западен Балкан.
Во рамките на Берлинскиот процес, со кој оваа година претседава Република Албанија, Министерството за финансии и економија на земјата домаќин, заедно со Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан (КИФ), беа домаќини на бизнис форумот кој се одржа во Тирана и ги претстави достигнувањата и предизвиците на патот на регионот кон единствениот пазар на ЕУ.
(ПР)