Економија
(Видео) Трипуновски: Владата да интервенира со 40.000 тони пченица од стоковите резерви, за лебот да не стане луксуз

Брашното и лебот како основни намирници достигнаа високи цени како никогаш до сега. Килограм брашно и една векна леб се продаваат и по 60 денари.
Високата цена на брашното и лебот пред сè е предизвикана од неспособноста и криминогеноста на владата предводена од СДСМ. Од почетокот на кризата до денес владата не интервенираше ниту еднаш на пазарот со пуштање во оптек на дел од државните резерви. И второ, 5 години по ред производството на пченица во Република Македонија паѓа. Па така ако во 2016 година се произвеле над 310.000 тони пченица, што е доволно за задоволување на домашните потреби, сега се произведуваат помалку од 250.000 тони, тоа е за 60.000 тони помалку производство, изјави на денешната прес-конференција Цветан Трипуновски, претседател на Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Тој додаде дека погрешните политики на СДСМ ја направија Македонија увозно зависна на храна и поранлива на ценовни шокови.
Трипуновски истакна доколку продолжи ова темпо на негрижа на власта, ни се заканува глад.
ВМРО-ДПМНЕ предлага Владата да интервенира со 40.000 тони пченица од стоковите резерви, за лебот да не стане луксуз.
Со ослободување на 40.000 тони пченица до почетокот на жетвата ќе се спречи зголемување на цената на брашното и лебот, воедно и ќе влијае на намалување на истата цена.
Ваквиот потег беше преземан во 2011 година од ВМРО-ДПМНЕ како тогашна власт кога имаше ценовен шок во светот, но ние тогаш не дозволивме народот да го почувствува тоа. За разлика од тогаш, сега СДСМ е на власт и затоа лебот и брашното се плаќаат по цена и од 60 денари.
СДСМ нема капацитет да се справи со кризата, и затоа подобро и за нив и за државата е да има предвремени парламентарни избори час поскоро, за да се формира нова влада којашто ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ и која ќе ја извлече државата од оваа тешка криза, изјави Трипуновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Ковачевски: Со ребалансот се обезбедуваат средства за антикризни мерки

Премиерот Димитар Ковачевски на денешните пратенички прашања истакна дека со ребалансот на Буџетот за 2022 година кој очекува наскоро да го изгласа Собранието се обезбедуваат дополнителни скоро 80 милиони евра за брза реакција и нови мерки за заштита стабилноста на граѓаните и компаниите во услови на економската криза.
„Со оглед на тоа дека ефектот на кризата е пролонгиран заради војната во Украина и со оглед на тоа што цените на светските берзи и на енергенсите и на нафтените деривати и на храната и суровините постојано растат тоа беше една од претпоставките при конципирањето на ребалансот на Буџетот за 2022 година. Буџет којшто обезбедува стабилност и поддршка на граѓаните и компаниите и одржување на стандардот и ликвидноста на компаниите. Овие пари се да се поддржат граѓаните, компаниите кои што средства ќе бидат насочени за подготовка на мерки кои што ќе бидат таргетирани кон овие категории на граѓани и компаниите. Во самиот ребаланс на Буџет предвидени се и 52 милиони евра за земјоделците а обезбедени се и финансиски средства за покачување и исплата на пензиите, и на платите во образованието и детската заштита како и субвенции за покачување на минималната плата. Сето ова во моментот се наоѓа на гласање пред пратениците“ – рече Ковачевски.
Тој истакна дека вкупните приходи на Буџетот се зголемени заради добрата наплата на изворните приходи на Буџетот и приходите на фондовите а исто така и зголемени се вкупните расходи со цел финансирање на антикризните мерки до крајот на годината. Врз основа на планирани приходи и расходи дефицитот е планиран да биде поголем во однос на оригинално планираниот меѓутоа помал од она што се претпоставуваше и шпекулираше и дефицитот е проектирана на 5,3% од БДП во којшто нормално влегува и отплатата на долгот кон странство од минатото и исплатата на каматата по основ на тие задолжувања.
Премиерот Ковачевски посочи дека одговорноста во вакви услови за секоја Влада е огромна затоа што мора да се мисли на граѓаните, мора да се мисли на компаниите. Прво на најранливите категории на граѓани со цел да се заштити нивниот животен стандард, а од друга страна да се обезбеди ликвидност на компаниите со цел да може да функционираат и да се обезбеди понатамошен економски развој на истите.
„За таа цел, беа донесени 26 анти кризни мерки коишто тежеа 400 милиони евра и дополнително субвенционирање на електрична енергија што севкупно значеше таргетирани издатоци од 610 милиони евра, коишто издатоци обезбедија мерки да немаме ценовни шокови за граѓаните и да имаме најниски цени на енергенсите и особено на електрична енергија во целиот регион“ – рече Ковачевски.
Економија
Дизелот поевтинува, бензините остануваат со иста цена

Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,83 % во однос на одлуката од 27.6.2022 година.
Малопродажните цени на бензините „евросупер БС-95“ и „евросупер БС-98“ и на „мазутот М-1 НС“ не се менуваат и со тоа малопродажната цена на „евросуперот БС-95“ изнесува 109,00 денати/л, малопродажната цена на „евросуперот БС-98“ изнесува 111,50 денари/л, а малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ изнесува 53,305 денари/кг.
Малопродажната цена на „евродизелот“ (Д-Е V), се намалува 2,50 денара/л и со тоа малопродажната цена на „евродизелот (Д-Е V)“ изнесува 106,50 денари/литар.
Малопродажната цена на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1 ) се намалува 2,00 денара/л и со тоа малопродажната цена на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) изнесува 105,00 денари/литар.
Од 30.6.2022 година од 00.01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– моторен бензин – „евросупер БС-95“ – 109,00 (денари/литар)
– моторен бензин – „евросупер БС-98“ – 111,50 (денари/литар)
– дизел-гориво – „евродизел БС (Д-Е V)“ – 106,50 (денари/литар)
– Масло за горење – екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 105,00 (денари/литар)
– мазут М-1 НС – 53,305 (денари/килограм)
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 0,460 %, кај дизелот намалување во просек за 2,480 %, кај екстра-лесното масло намалување во просек за 2,201 % и кај мазутот зголемување во просек за речиси 0,032 % поради што во структурата на цените на нафтените деривати е извршено соодветно приспособување.
Економија
Ковачевски: Навремените антикризни мерки ги спречија ценовните шокови

Премиерот Димитар Ковачевски денеска во одговор на пратеничко прашање истакна дека навремените антикризни мерки ги спречија ценовните шокови и го заштитија стандардот на граѓаните.
„Како одговор Владата уште од почетокот на својот мандат носеше антикризни пакети и мерки, кои беа оценети како позитивни и успешни надвор од меѓународните институции и тоа стои во извештајот. Само да ве потсетам, во време на ковид-кризата беа донесени 6 пакети антикризни мерки од 1,2 милијарда евра, а сега за време на војната во Украина нови пакети антикризни мерки во вредност од 400 милиони евра, дополнително не дозволивме ценовен шок за граѓаните во однос на електричната енергија со оглед на тоа што електричната енергија за сите граѓани беше субвенционирана со 80 проценти од страна на државата, државата треба да им се најде на граѓаните тогаш кога им е најтешко“, рече Ковачевски.
Истакна дека се презедоа мерки и во однос на ограничувањето на цените и во однос на ригорозните и неселективните контроли во малопродажбата и големопродажбата.
„Имаше уште една многу значајна работа, а тоа е зголемувањето на пензиите, порано пензионерите беа користени пред избори за еднократно зголемување на нивните пензии. Она што го ветив кога станав премиер е дека пензионерите нема да бидат ставени во позиција пред избори да им се зголемуваат пензиите, туку ќе воведеме методологија, која ќе даде вистинско зголемување тогаш кога податоците од Државниот завод за статистика за зголемување на просечната плата и за зголемување на инфлацијата и затоа оваа година, која не е и нема да биде изборна година, имаме историски најголеми зголемувања на пензиите. Тоа се работи што во време на најголема криза, со домаќинско работење, овозможија првин да обезбедиме зголемена минимална плата, зголемена просечна плата, зголемени социјални додатоци и зголемени додатоци за електрична енергија и зголемени субвенции за инвестиции“, рече Ковачевски.
Премиерот истакна дека и во услови на криза продолжуваат странските инвестиции, а младинската невработеност, која беше 48 %, сега е сведена на 28 % затоа што сите активности што се направени и во однос на гаранции и во однос на вработување и обуки на младите се во таа насока и тоа сега го гледаме.