Економија
Висококвалитетните вина на малите винарници се перспективата на македонското лозарство
Сојузот на стопанските комори на Македонија и здружението „Тиквешки семејни винарници“ од Кавадарци потпишаа меморандум за соработка со цел воспоставување меѓусебна тесна координација, планирање и реализација на активности за застапување на интересите на малите винарници, нивно позиционирање на извозните пазари и промоција. Во име на двете институции меморандумот го потпишаа претседателот на Сојузот, Трајан Ангелоски, и претседателот на здружението „Тиквешки семејни винарници“, Горан Јаковлевски.
Ангелоски истакна дека малите семејни винарници произведуваат вино со врвен квалитет од избрани сорти грозје, што нивниот краен производ го прави уникатен и посебен.
„Поддршката на малите и микрокомпании е важен аспект од работењето на Сојузот бидејќи тие се оние што вработуваат голем број луѓе и ја движат економијата. Малите семејни винарници треба да имаат посебно место на пазарот, кое ќе им дозволи да го истакнат високиот квалитет на производите што ги создаваат. Со овој меморандум ја формализираме нашата заложба да им дадеме целосна и безрезервна поддршка преку нивна застапување, промоција, вмрежување и разни други форми на активности, кои ќе се наметнат како потребни“, изјави Ангелоски.
Меморандумот предвидува соработка за лобирање и застапување на интересите на малите семејни винарници пред сите домашни и меѓународни организации и институции; поддршка во развојот на вина од македонски автохтони сорти и унапредување на извозот на вино во шишиња; заеднички настап на извозните пазари; поддршка во градење препознатливост на вината на малите семејни винарници на регионалните и меѓународните пазари, активности за промоција и развој на вински туризам.
Во рамките на соработката оваа година Сојузот се јавува како поддржувач на настанот „Тиквешки вински салон“, кој ќе се одржи на 17 декември во „Ангро палас“ во Кавадарци. На манифестацијата ќе се претстават 35 мали семејни винарници, над 200 етикети на вино и 5 дестилерии со вињак и ракија.
Во земјата има регистрирано 76 мали семејни винарници, кои годишно произведуваат околу 500 илјади литри вино. Во Здружението „Тиквешки семејни винарници“ иднината на лозарството и винарството ја гледаат во отворање стотици мали винарски визби, но и во развој на винскиот туризам за кој има голем интерес не само кај домашните туку и кај странските гости.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
СДСМ: „Мој ДДВ“ не работи затоа што нема пари во буџетот
СДСМ обвини дека апликацијата „Мој ДДВ“ веќе неколку дена не функционира, поради што граѓаните имаат проблеми со скенирање фискални сметки и поврат на дел од платениот ДДВ.
Во соопштение од партијата се наведува дека системот бил нефункционален околу пет дена, иако денеска бил најавен како повторно ставен во функција, но граѓаните и натаму пријавуваат потешкотии во користењето.
Од СДСМ тврдат дека ваквата состојба ги спречува граѓаните да го остварат правото на поврат на ДДВ во период кога најмногу се користи апликацијата.
„Ова не е случајно. Ова е директна последица од празната државна каса. Кога нема пари во буџетот, државата нема ниту намера да им ги врати парите на граѓаните. Со тоа што системот не работи, Владата едноставно нема да исплати дел од ДДВ-то што инаку би требало да им го врати на граѓаните. Ова е уште еден доказ за тоа како функционира оваа власт. Наместо да се грижи за граѓаните и да обезбеди нормално функционирање на институциите, Мицковски и неговата банда ја доведоа државата до ситуација во која дури и основните услуги за враќање на пари на граѓаните се блокирани. Наместо реформи и одговорно управување со јавните финансии, добиваме нефункционални системи и празни ветувања. Граѓаните плаќаат ДДВ, но сега и тоа што им припаѓа назад – нема да го добијат. Ова е дел од истата политика што ја доведе Македонија до економски колапс. Кога нема пари затоа што се трошат на клиентелизам и корупција, тогаш не функционира ништо – ниту економијата, ниту услугите за граѓаните. Доста е со прикривање на вистината“, стои во соопштението на СДСМ.
Економија
(Видео) Филипче помеѓу земјоделиците: Зголемени трошоци, намалени субвенции, ниски откупни цени, откуп нема
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска од Карбинци обвини дека земјоделството се соочува со сериозни проблеми и оцени дека состојбата во секторот е најлоша во последните три децении.
По средбите со земјоделци од различни гранки, Филипче изјави дека производителите се соочуваат со зголемени трошоци за производство, доцнење на субвенциите, ниски откупни цени и недостиг на организиран откуп.
Според него, цените на ѓубривата, водата и работната сила се зголемени, а дополнителен проблем претставуваат и неисчистените канали за наводнување. Тој посочи дека и покрај постоењето на систем поврзан со езерото Калиманци, дел од земјоделските површини немаат соодветно наводнување.
„Понатаму, немање доволна сума на пари за субвенции. Вкупната сума на субвенции е намалена за 40 милиони евра, освен што е намалена не се исплаќаат,, субвенциите доцнат. И тоа важи исто така за секој сектор во земјоделието како за производство на тутун, како за сточарите, млекопроизводителите, производителите на ориз. Ланската година го видовме, сега оваа година повторно исто ќе биде со лозарите. Луѓето не можат да врзат крај со крај“, рече Филипче.
Според него, освен што се доцни со исплата на субвенциите, откупните цени се ниски. Како пример го наведе млекото, за кое, како што рече, откупната цена паднала од 36 на 23 до 24 денари за литар, како и оризот, чија цена е речиси преполовена.
„Ниту оризoпроизводителите, ниту производителите на млеко немаат каде да го пласираат своето производство. Едноставно откупните центри се фокусирани затоа што тоа државата им го дозволува да купуваат евтини репро материјали од странство и на тој начин никако не се штити домашното производство. Значи ваков колапс и ваква негрижа немало никогаш во земјата. Огромни трошоци за производство, намалени субвенции, каснење на субвенциите, намалени откупни цени и немање откуп. Јас мислам дека оваа ситуација единствено нешто во однос на млекопроизводителите со што може да заврши, поради тоа што ќе останат тони и тони млеко кое што нема кај да се пласира, а државата не води сметка да им помогне на луѓето, едноставно да го истурат на улиците“, кажа лидерот на СДСМ, Филипче.
Економија
(Видео) Од есен би можела да почне изградбата на брзата пруга на Коридорот 10, најави Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека до јули треба да бидат завршени клучните студии за изградба на брзата пруга на Коридорот 10, по што проектот ќе влезе во собраниска процедура, а првите активности на терен би можеле да започнат уште наесен.
Одговарајќи на новинарско прашање за проектите што треба да се реализираат во рамки на Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство, Мицкоски рече дека во земјава веќе престојувале претставници на британската страна и на потенцијалниот заемодавател, а во тек е подготовката на физибилити студијата и студијата за влијанието врз животната средина.
Според него, доколку документите бидат готови во предвидениот рок и процедурите се одвиваат според планот, Владата ќе предложи закон во Собранието, по што би започнала реализацијата на проектот по принципот „жолт фидик“.
Мицкоски воедно ги отфрли обвинувањата на СДСМ дека со договорот со Обединетото Кралство се предвидува прифаќање мигранти во државата.
„И нема мигранти, и нема неуспешни баратели на азил како што гледате, и повторно се потврдија невистините коишто доаѓаат од СДСМ дека се невистини, и нема да има. Сакам ова да биде јасно кажано, јасно прецизирано бидејќи требаше во април да имаме бран на такви лица – еве средина на јуни е – нема, и нема ниту да има, а ќе има брза пруга којашто ќе биде Коридорот 10 и којашто ќе ги поврзе нашата северна граница и нашата јужна граница, изјави Мицкоски.
Премиерот се осврна и на критиките од опозициската СДСМ за економските показатели, оценувајќи дека партијата манипулира со податоците за бруто домашниот производ. Повикајќи се на податоци од Меѓународниот монетарен фонд, тој рече дека номиналната вредност на БДП во изминатите две години е повисока за 560 милиони долари во споредба со растот остварен во седумгодишниот период на претходната Влада.
Според Мицкоски, оваа економска вредност е постигната со значително помало задолжување во однос на претходната власт, додавајќи дека таквите оценки се потврдени и во последниот извештај на ММФ за македонската економија.
