Економија
Вицегувернерката Нацевска: Со Единствениот регистар на сметки ќе изградиме поефикасен платен систем во земјата
„Со очекуваното воспоставување на Единствениот регистар на сметки, пропишан со Законот за платежни услуги и платни системи, покрај тоа што ќе се исполни едно од главните барања од Петтата директива на Европската Унија за борба против перење пари и финансирање на тероризмот, се преземаат и важни чекори за натамошниот развој на платниот систем на земјата и негова интеграција во платежната инфраструктура на Европската Унија. Воспоставувањето на овој регистар е значајно за приклучувањето во Единствената област за плаќања во евра ‒ СЕПА и за обезбедувањето на потребната регулативна и функционална еквивалентност, есенцијална за нашата позиција во европскиот економски простор“. Ова го порача вицегувернерката на Народната банка Емилија Нацевска во своето обраќање по повод одбележувањето на деновите на Централниот регистар, на кое присуствуваа и министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и директорката на Централниот регистар, Анита Стамнова.
Вицегувернерката истакна дека Народната банка, преку користење на податоците од овој регистар, ќе може да го подобри извршувањето на супервизорските задачи, како и да ги зголеми сигурноста, стабилноста и ефикасноста на платниот систем на земјата, а сето тоа во прилог на стабилноста на финансискиот систем на државата.
„Единствениот регистар на сметки ја овозможува правовременоста и достапноста на информациите до сите релевантни институции и засегнати страни. Овој регистар претставува важна основа за ефикасноста на плаќањата, за подобра финансиска контрола и спречување нелегални активности, но и за поголема ефикасност на процесите за присилната наплата, според најдобрите европски практики. Сето тоа, исто така, ќе овозможи и подобра заштита на правата на граѓаните и на деловните субјекти, овозможувајќи директен и транспарентен пристап до информациите за сметките“, нагласи Нацевска, при што додаде дека со оваа платформа, којашто е компатибилна со европските стандарди, не само што се зајакнува финансискиот систем, туку се создава и цврста основа за идната интеграција на нашата економија во европските пазари.
Вицегувернерката Емилија Нацевска рече дека регулаторните реформи направени во изминатиот период преку донесување нови закони и подзаконски акти во платежната сфера и во сферата на спречувањето перење пари и финансирањето тероризам, не само што ја приближуваат нашата земја кон стандардите на ЕУ, туку и создаваат услови за унапредување на конкуренцијата, поттикнување иновации и забрзана дигитализација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
„Зимата ќе биде предизвикувачка“ – Мицкоски нема информации за можно поскапување на струјата
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека до овој момент нема информација за евентуално поскапување на струјата. Состојбата ја оцени како стабилна и конслидирана, а Владата, и покрај сите предизвици, навреме преземала мерки за да нема ценовен шок и да има електрична енергија.
„До овој момент немам информација дека ќе има зголемување на цената на електричната енргија. Зимата ќе биде предизвикувачка, имајќи предвид со што се се соочува Европа и какви се временските прогнози. Затоа презедовме мерки за да не дојде до ценовен шок и до поскапување на струјата. Како тоа на крај ќе заврши, зависи и од Регулаторна комисја за енергетика“, истакна премирот.
Тој кажа дека оваа Влада го почна мандатот со одлуката од претходната, која обезбеди 85 отсто од потребите на граѓаните од 1 јули до 31 декември.
„Веќе сме средина на ноември, ние ја зголемивме количината на 100 проценти, а притоа не дојде до поскапување на струјата. Компанијата се консолидира, ја посетивме РЕК Битола, околу 200 – 250 илјади тони имаме на депонија, на греда, таа состојба беше на нула, имаме парче кое се ископува од 1,5 милиони, се увезува јаглен по 10, 15, 20 отсто пониски цени, режиските трошоци се намалени за 15 отсто. Заштедата ќе биде околу половина милијарда денари кога ќе заврши целиот процес“, подвлече тој.
Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања, за идната недела најави „пријатно изненадување“ поврзано со енергетиката и сигурноста во снабдувањето со енергенси.
Економија
Дефинирани се производите и цените опфатени со новогодишната кошничка
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека веќе се дефинирани производите и цените што ќе бидат вклучени во новогодишната кошничка.
„Како што сум информиран од министерот за економија, дефиниран е списокот на производи и артикли за пред Нова година, дефинирани се и цените“, изјави Мицкоски, додавајќи дека комуникацијата со коморите е веќе остварена.
Според премиерот, мерката „есенската кошничка“ покажа позитивни резултати, кои веќе се видливи во статистиките.
„Видовте дека по не знам колку време, месечната инфлација е во минус и изнесува -0,7 проценти, односно сме во дефлација кога ќе се споредат октомври и септември. Жал ми е што од опозицијата тоа беше критикувано, но бројките се немилосрдни. Ефектите од мерката граѓаните може да ги почувствуваат и се гледа во бројките, октомври има намалување, нема веќе инфлација, туку има дефлација од -0,7, а беше 0,3 отсто во септември во однос на август“, рече Мицкоски.
Тој кажа дека намалувањето на инфлацијата е од корист за граѓаните, кои сега можат да заштедат меѓу 1.000 и 1.300 денари месечно.
„Тоа не е доволно, ќе продолжиме да работиме. Не можеме се веднаш и преку ноќ, но важно е да се гледа дека работиме, граѓаните да сфатат дека има генерација политичари кои сакаат да работат, веќе петти месец правиме се што можеме за животот на граѓаните да им биде подобар“, додаде Мицкоски.
Есенската кошничка беше во сила еден месец, односно цел октомври.
Економија
МЕПСО: Интензивни работни активности за изградба на 400/110 kV трансформаторска станица Охрид
Интензивни градежни активности се вршат на градилиштето во близина на селото Мешеишта каде се гради новата 400/ 110 kV трансформаторска станица Охрид, велат од МЕПСО.
„Стабилните временски услови овозможуваат компанијата изведувач да работи согласно планираниот динамички план. На површина од 80 000 метри квадратни се изведуваат потпорни ѕидови и наклони, се гради командната зграда на станицата, се работи на изведба на фундаменти за монтирање на челични носачи на опрема во 400 kV постројка.
Членовите на Управниот Одбор на чело со генералниот директор Бурим Љатифи, ја потенцираа важноста на овој капитален инфраструктурен проект и за државата и за регионот бидејќи со инвестицирање во преносната мрежа градиме добрососедски односи и се поврзуваме со цел, поголем економски просперитет и повисок стандард за граѓаните.
Со проектот се заокружува електроенергетското поврзување со сите наши соседи, се овозможува поголема сигурност, стабилност и доверливост на нашиот електроенергетски систем, но и вклучување во сите регионални иницијативи за размена на енергија како и учество на пазарите на балансните и системски услуги.
Проектот за интерконективно поврзување со соседна Р. Албанија е најголемата инвестиција во преносната електроенергетска мрежа. Опфаќа две компоненти а тоа се 400 kV далекувод ТС Битола 2 – албанска граница и изградба на ТС Охрид која ќе има 400 kV влез и излез, и три излеза на 110 kV ниво кон Охрид, Струга и Ресен“, пишува во соопштението испратено од МЕПСО.