Економија
Вицегувернерот Бајрами: Еврото има длабоко влијание и надвор од границите на ЕУ

„Сè поголемата меѓународна улога на еврото, вклучувајќи го и неговиот голем придонес за поголема трговска и финансиска интеграција, се чувствува во еврозоната и Европската Унија, но и надвор од границите на ЕУ“, пишува вицегувернерот Фадил Бајрами во својот осврт за значењето на европската единствена валута во магазинот „Дипломатски летопис“.
Во текстот вицегувернерот дава широк приказ од раѓањето на еврото до очекувањата за неговата иднина. Тој се осврнува и на проектот за дигиталното евро, кој е стратегиски важен за еврозоната и има потенцијал да го зајакне финансискиот и монетарниот суверенитет и да го подобри функционирањето на еврозоната. Бајрами истакнува дека тоа ќе биде привлечно средство за плаќање, кое ќе ги поддржи иновациите во дигитализираната економија, ќе ја надополни готовината, но нема да ја замени.
„ЕУ и натаму работи на зајакнување на меѓународната улога на еврото и на нејзиното приспособување кон новите предизвици, вклучително и брзата дигитализација на економијата и развојот на виртуелните валути, така што во јули 2021 година Управниот совет на ЕЦБ го потврди почнувањето на двегодишната фаза на истражување на проектот за дигиталното евро, која има цел да ги испита можностите за издавање дигитално евро и да ги одговори клучните прашања: како би изгледало дигиталното евро; за што би се користело; и кога би било достапно. Врз основа на наодите од истражувањето се очекува дека во 2023 година ќе се донесе одлука дали проектот ќе премине во фаза на спроведување. Доколку се донесе успешен заклучок и спроведувањето се одобри, ќе се донесе одлука за издавање дигитално евро, што би било достапно за корисниците до крајот на 2025 година или на почетокот на 2026 година“, пишува Бајрами.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
(Видео) Ковачевски на тркалезна маса за енергетика: Македонија станува зелен енергетски центар

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, придружуван од заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денеска учествуваше на тркалезната маса на тема енергетика во рамки на вториот Самит на Европската политичка заедница, кој се одржува во Кишињев, Молдавија.
На тркалезната маса се зборуваше за предизвиците поврзани со енергетската криза и енергетската отпорност во рамките на глобалните предизвици со кои се соочуваат земјите во Европа, а лидерите се осврнаа на енергетската безбедност која мора да се овозможи од сите земји кои учествуваат во Европската политичка заедница. Констатирана е потреба од активно вклучување на земјите од Западен Балкан во енергетската поврзаност. Лидерите говореа и за конечно разгледување на можноста за создавање на нов механизам за финансирање на земјите кои не се членки на ЕУ.
Како што наведуваат од кабинетот на Ковачевски, тој ги истакнал чекорите кои Македонија ги има преземено за обезбедување на енергетска транзиција и диверзификација, како најважниот придонес кон регионалниот пристап и градењето на отпорност на регионот.
Премиерот Ковачевски истакна дека Северна Македонија е посветена на енергетската диверзификација, и кризата ја претвори во можност, и токму затоа во кратки 15 месеци во Северна Македонија има инсталиран капацитет од околу 200 MW енергија од обновливи извори и тоа претежно фотоволтаични централи но и ветерни и биогасни капацитети. Со ова Северна Македонија станува регионален центар на зелена енергија.
Во рамките на овој Самит, се одржаа три тркалезни маси насочени кон три главни теми, а тоа се заеднички напори за мир и безбедност, енергетската отпорност и климатска акција и меѓусебните врски во Европа за подобро поврзан и постабилен континент. Европската политичка заедница е платформа за политичка координација меѓу европските земји. Платформата има за цел промоција на политичкиот дијалог и соработка со цел адресирање на темите од заеднички интерес и зајакнување на безбедноста, стабилноста и просперитетот на европскиот континент.
Економија
Од денеска нови летови од Охрид кон Лондон и Манчестер

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, денеска, на Меѓународниот аеродром „Св. апостол Павле“ во Охрид присуствуваше на воспоставување две нови авиолинии од охридскиот аеродром, и тоа кон Лондон и Манчестер.
„Задоволство ми е што сум присутен на аеродромот ‘Св. апостол Павле’ во Охрид, каде што од денеска воспоставуваме две нови авиолинии, односно го поврзуваме Охрид со две нови дестинации во Англија, и тоа до аеродромите во Лондон и Манчестер. За нас, Охрид, како најголем туристички центар на Северна Македонија, ни е многу важен и затоа нашите политики се токму во насока на обезбедување негов забрзан развој. Убеден сум дека овие нови дестинации значително ќе придонесат за развој на целиот регион, развој на авиосообраќајот, бидејќи нови авиолинии значат зголемен број туристи, а тоа е значаен чекор кон обезбедување економски и туристички развој. Ова е само уште една потврда на заедничките заложби на Владата и на ТАВ да ги развиваме капацитетите на двата наши аеродрома, притоа да создаваме услови за нови авиолинии и, генерално, да го развиеме авиосообраќајот во земјата“, изјави министерот Бочварски.
Тој исто така истакна дека и оваа година, како и минатата 2022, забележан е позитивен тренд на раст на авиосообраќајот во земјава.
„Во првите четири месеци од годинава имаме раст на бројот на патници за 44% повеќе во споредба со минатата година или раст од 11% во споредба со 2019 година кога беше најдобра година со најголем број на превезени патници. Конкретно за охридскиот аеродром Св. Апостол Павле имаме раст на бројот на патници од преку 30% во споредба со минатата година. Продолжуваме да ги реализираме нашите успешни политики за обезбедување на квалитетни услови во авиосообраќајот, за нови дестинации за граѓаните и зголемен број туристи во нашата земја“ потенцираше министерот Бочварски.
Економија
Ковачевски и во Братислава зборуваше за стандардот во Југославија

Стандардот на Југославија беше 10 пати поголем од стандардот на некои сегашни членки на ЕУ, рече премиерот Димитар Ковачевски на форумот на „Глобсек 2023“: „Економски силен Балкан само со членство во ЕУ“.
„Стандардот на Југославија беше 10 пати поголем од стандардот на Словачка, Полска, Унгарија, Бугарија и Романија заедно. А стандардот на вашите земји, затоа што тука гледам луѓе од Словачка, Чешка, сега е подобар само поради тоа што сте членки на ЕУ. Патот на напредување на Западен Балкан, како што велите вие, е членство во ЕУ. Дали ќе дојде тоа одеднаш или секторски, зависи од начинот на кој ќе се спроведува“, рече Ковачевски.
Премиерот рече дека поддршката од европските фондови е клучна за развојот на земјите од Балканот, а членството во ЕУ е единствениот пат за нивен напредок.
Премиерот и пред неколку дена во Скопје говореше за југословенскиот стандард кажувајќи дека ќе им го врати на граѓаните.
По средбата со сенаторот Крис Марфи пред неколку дена Ковачевски рече: „Нашата држава потекнува од поранешната југословенска федерација. Во тоа време имавме поголем стандард и од Словачка, и од Чешка, и од Романија, и од Полска, и од Бугарија и од сите земји што станаа членки на Европската Унија. Јас ќе ги донесам и ќе ги предводам сите потребни одлуки што ќе обезбедат граѓаните на Северна Македонија повторно да имаат поголем стандард од сите граѓани од кои порано сме имале поголем стандард. Тоа нашите граѓани го заслужуваат. На тој пат сметам и на поддршката од нашите стратешки партнери, пред сè, САД и земјите членки на ЕУ“.
На форумот Ковачевски заклучи дека стратешката грешка што ЕУ ја направила пред пет години со ветото не може да се реши за 5 минути.