Економија
Владата: Донесени 26 мерки за заштита на животниот стандард и за ликвидност на компаниите

Владата на денешната седница ја разгледа информацијата за економски мерки за справување на енергетската и на ценовната криза, во рамките на која се донесени 26 мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните и ликвидноста на компаниите, како и мерки за финансиска поддршка на деловните субјекти преку Развојната банка.
Пакет-мерките за заштита на животниот стандард и ликвидноста на компаниите опфаќаат:
1. Намалување на повластената стапка на ДДВ за основни производи за човечка исхрана од 5 на 0 %, и тоа од април до јуни;
2. Замрзнување на трговските маржи на основните производи за човечка исхрана;
3. Субвенции/ваучери за најранливите категории за основни производи за исхрана (по 1.000 ден за 3 месеци за 35.000 корисници), односно 105 милиони денари од Министерството за труд и социјална политика;
4. Автономна мерка за увоз на основни прехранбени производи и суровини што имаат царински давачки од сите земји, односно укинување на царинските стапки за овие производи и зголемување на квотите;
5. Продолжување на примената на повластена даночната стапка од 5 % за прометот со електричната енергија кон домаќинствата до крајот на годината наместо до 1 јули;
6. Препорака за менување на методологијата за утврдување цена за домаќинства и мали потрошувачи што се на регулираниот пазар за електрична енергија, што од 1 јули ќе почне со примена;
7. Продолжување на програмата за енергетска сиромаштија до јули 2022 година;
8. Субвенции за пензионерите (по 1.000 денари за 3 месеци за 326.840 пензионери);
9. Продолжува субвенционирањето на цената на електрична енергија на регулираниот пазар за домаќинствата и за малите потрошувачи до јуни 2022 година;
10. Субвенционирање на цената на топлинска енергија;
11. Финансирање на проектите за енергетска ефикасност за општините преку користење поволен кредит од Светската банка спроведен од Министерството за финансии за намалување на потрошувачката енергија во јавните објекти;
12. Поедноставување на постапката за поставување сончеви панели на објекти;
13. Препорака за менување на методологијата за усогласување на цените на дериватите врз основа на промената на берзанските цени од неделна на дневна основа, која ќе важи од март до јуни;
14. Одложување на воведувањето на зелените давачки за деривати, односно еколошката такса за енергентите;
15. Намалување на стапката на ДДВ од 18 на 10 % при промет на енергентите: безоловен бензин, гасно масло, течен нафтен гас (ТНГ) и метан, со што се намалува цената на овие горива;
16. Намалување на акциза врз основа на берзанските цени, за ублажување на влијанието на цените на берзата, со што ќе има директно влијание врз цената на горивата на бензинските пумпи;
17. Ослободување од ДДВ при увоз на електрична енергија да не се плати при увозот, туку во прометот;
18. Препорака за општините да го реорганизираат јавниот превоз да биде достапен во корист на сите граѓани;
Мерките за финансиска поддршка на деловните субјекти преку Развојната банка на Северна Македонија вклучуваат:
19. Субвенционирање договорна каматна стапка по кредити дадени од комерцијалните банки на деловни субјекти, кои ќе ја реинвестираат добивката за 2021 година;
20. Финансиска поддршка преку директно кредитирање од Развојната банка на Северна Македонија на компаниите;
21. Кредитирање преку комерцијалните банки со бескаматни кредити за обртни средства;
22. Користење на Гарантниот фонд на Развојната банка;
23. Кредити за инвестирање во проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија;
24. Се воведува нова поволна кредитна линија со поддршка на Европската инвестициона банка за зелена транзиција вредна 100 милиони евра;
25. Поволни кредити за зелено финансирање, обезбедени преку Европската банка за обнова и развој, преку УНДП и комерцијалните банки во земјата во висина од 45 милиони евра за физички и правни лица за инсталирање фотоволтаици и средства за енергетска ефикасност;
26. Препорака за рационално користење и штедење на електричната енергија и на другите енергенти со сет активности за спроведување на мерката.
За да се обезбеди законската основа за дел од мерките, Владата денеска ги утврди измените и дополнувањата на Законот за акцизите и на Законот за данокот на додадената вредност по скратена постапка, кои ќе бидат испратени на усвојување во Собранието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
„Твитер“ казнет со 150 милиони долари во тужба за заштита на приватноста

Американската компанија „Твитер“ се согласи да плати 150 милиони долари на тужба против таа социјална мрежа за заштита на приватноста, објави Федералната трговска комисија (ФТЦ). Социјалната мрежа ги прекрши регулативите на ФТЦ со тоа што ги измами корисниците до степен до кој „Твитер“ ги одржува и ги штити безбедноста и приватноста на своите информации за контакт на корисниците“, соопшти американското Министерство за правда (DoJ).
Во тужбата, поднесена пред судот во Калифорнија, се вели дека компанијата им кажала на корисниците дека собира лични информации за безбедносни цели на сметката, но не открива дека податоците ќе се користат и за насочено рекламирање. Во тужбата се наведува дека овие наводни прекршувања се случиле од мај 2013 до септември 2019 година.
Во тужбата исто така се наведува дека компанијата лажно тврдела дека нејзиниот бизнис е во согласност со регулативите на ЕУ и САД, како и со Швајцарија и САД, кои им забрануваат на компаниите да обработуваат кориснички податоци на начин што не го одобруваат корисниците, соопшти Министерството за правда.
Економија
Германскиот министер за енергетика: Г7 ќе го води патот до прекин на употребата на јаглен

Германскиот министер за енергетика и клима, Роберт Хабек, денеска изјави дека групата Г7 ќе го води патот кон ставање крај на употребата на јаглен.
Високите претставници на Г7 одржуваат тридневен состанок во Берлин, на кој ќе се обидат да се договорат за заедничките цели, а тоа е исклучување на фосилните горива и движење кон обновливите извори на енергија за која научниците велат дека е итно потребна за да се запрат климатските промени.
„Она што во моментот го гледаме како решение е да се забрза трансформацијата на животната средина“, рече Роберт Хабек, пренесе „Танјуг“.
Економија
Светската банка: Војната во Украина може да доведе до глобална рецесија

Шефот на Светската банка предупреди дека руската инвазија на Украина може да доведе до глобална рецесија со оглед на зголемените цени на храната, енергијата и ѓубривата.
Малпас наведува дека многу европски земји сè уште се премногу зависни од руските енергија, гас и нафта. Тој рече дека руското нарушување на снабдувањето со гас може да предизвика значително забавување на економската активност во регионот.
Тој додава дека повисоките цени на енергијата веќе се одразуваат на германската економија, една од најголемите во светот.
Русија и Украина се меѓу најголемите производители на ѓубрива и храна. Малпас, кој вчера зборуваше во САД, рече дека земјите во развој веќе чувствуваат недостиг, пренесуваат светските агенции.