Економија
Владата ќе обезбеди дополнителна субвенција за лозарите
Владата ќе обезбеди дополнителна субвенција од 1 денар за килограм предадено грозје за сортите вранец и смедеревка, информираа од владината прес-служба.
На овој начин, како што се посочува во соопштението, ќе се придонесе за зголемување на рентабилноста на производството на овие две најзастапени сорти, а одлуката, велат од Владата, ќе биде донесена на следната владина седница.
Освен оваа дополнителна субвенција, со цел создавање рентабилно производство, Владата, како што информираат оттаму, ќе обезбеди и финансиски средства за Здружението на лозари, за да можат да обезбедат дополнителни контроли на мерењето на шеќерните единици, а сè со цел да нема манипулации и да бидат сигурни во проценките од страна на винариите.
„Дополнително, со годинешната Програма за финансиска поддршка во земјоделството, лозарите кои имаат од 1 до 10 хектари лозје, ќе добијат наместо 40 000 денари, 48 000 денари по хектар за одржување насади. Претворена во килограми, оваа субвенција изнесува половина денар по килограм, што значи дека вкупната финансиска поддршка заедно со дополнителната субвенција ќе изнесува 1,5 денари за килограм. Со цел да се слушнат сите предлози на лозарите и на винариите и да се обезбедат услови за непречен откуп по рентабилни цени, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство уште неколку месеци пред почетокот на бербата на годинешното грозје одржа повеќе состаноци со двете страни“, стои во соопштението.
Конкретно, грозјето коешто лани се откупувало по 12 денари за килограм во готово, а 13 денари за килограм на одложено, оваа година се откупува по 13 денари во готово, а 14 денари за килограм на одложено, соопштуваат од Владата и додаваат со цел покривање на дисбалансот во цените, Владата одлучила да им помогне на лозарите што имаат смедеревка и вранец со дополнителна субвенција од еден денари за килограм предадено грозје. Од МЗШВ информираат дека тие континуирано ќе го следат откупот на грозјето, со цел да се гарантира непречен откуп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Авиосообраќајот расте: македонските аеродроми со 30 проценти повеќе патници
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски соопшти дека Меѓународен аеродром Скопје останува лидер во регионот, со раст од 32 проценти во споредба со истиот период лани.
„Меѓународниот аеродром Скопје останува лидер во регионот со раст од 32 % споредбено со истиот период минатата година“, напиша Николоски, повикувајќи се на податоци пренесени од специјализираниот авио-портал EX-YU Aviation News.
Тој посочи дека во првите месеци од годинава македонските аеродроми бележат раст од 30 проценти по број на патници и околу 20 проценти по број на операции, што, според него, ги потврдува политиките на Владата за развој на авиосообраќајот.
Во објавата се наведува дека годинава се воведени нови авиолинии од Скопје кон Неапол и Будимпешта, како и од Охрид кон Милано и Братислава, додека во јули се најавуваат линии од Охрид кон Катовице и Вроцлав, како и од Скопје кон Палермо и Алгеро.
„За речиси две години од работа на оваа Влада се воведоа 24 нови авиолинии кон европските центри, што е рекордна бројка“, наведува Николоски.
Тој информира дека во тек е проект за реконструкција, надградба и проширување на Аеродром Св. Апостол Павле во Охрид, со цел зголемување на капацитетите за патници и операции.
Николоски најави дека годинава се очекува бројот на патници да надмине 3,5 милиони, а следната година да достигне и до 4 милиони.
Во однос на состојбата со горивата, тој посочи дека таа е стабилна и дека авиосообраќајот се одвива непречено.
Економија
ММФ: Народната банка со нови достигнувања во статистиката
Народната банка остварува континуиран напредок во областа на статистиката, со висока усогласеност со меѓународните стандарди и засилена транспарентност. Ова беше истакнато на средбата на гувернерот Трајко Славески и делегацијата на Народната банка со претставници на Одделот за статистика на Меѓународниот монетарен фонд, одржана на маргините на Пролетните средби на ММФ и Светската банка.
На средбата беше нагласено дека Народната банка активно придонесува кон иницијативата на ММФ за проширување на СДДС плус стандардот. Во таа насока, од јануари 2026 година започна редовна дисеминација на дополнителен индикатор, кој се однесува на показателот за нето-отворена девизна позиција во однос на капиталот, на Националната страница за стандардни податоци (NSDP).
Значаен напредок е постигнат и во областа на финансиските сметки, со објавување на кварталните податоци за трансакции. Со тоа, Народната банка целосно ги имплементира препораките на ММФ, во однос на опфатот на податоците, со што се постигна усогласување со најновите меѓународни стандарди во оваа област.
Во доменот на екстерните статистики се преземаат активности за натамошно подобрување на квалитетот и деталноста на податоците. Во овој контекст, се реализира и проектот за воспоставување единствен склад на статистички податоци, финансиран од Европската комисија преку ИПА 2021.
Во доменот на монетарната статистика, продолжуваат активностите за воспоставување интегриран систем за известување за статистички и супервизорски потреби. Подзаконските акти донесени во 2025 и 2026 година воспоставуваат сеопфатна рамка за усогласено известување од банките и штедилниците, при што новиот систем ќе започне со примена од септември 2026 година, а известувачите веќе активно го тестираат.
Соговорниците ја истакнаа важноста на досегашната соработка и изразија подготвеност за нејзино понатамошно продлабочување, со фокус на унапредување на статистичките практики и усогласувањето со меѓународните стандарди.
Економија
Цените на нафтата паѓаат, берзите растат по отворањето на Ормускиот теснец
Цените на нафтата паднаа, а берзите забележаа раст откако иранскиот министер за надворешни работи соопшти дека Ормускиот теснец ќе остане целосно отворен за комерцијален сообраќај во преостанатиот период од примирјето.
Цената на нафтата Брент, глобален репер, падна за 9 отсто на 90 долари за барел. Американската WTI нафта, која служи како репер за САД, се намали за 9,5 отсто на 82,60 долари за барел.
Истовремено, на американските берзи пораснаа терминските договори. Dow Jones фјучерсите скокнаа за 560 поени, односно за 1,16 отсто. Терминските договори на индексот S&P 500 зајакнаа за 0,8 отсто, додека оние поврзани со Nasdaq 100 пораснаа за 0,9 отсто.
Директорот на Меѓународна агенција за енергија, Фатих Бирол, предупреди дека светот треба да се подготви за „значително повисоки“ цени на енергијата доколку Ормускиот теснец не се отвори.
Тој додаде дека дури и со неговото повторно отворање, цените на енергијата нема веднаш да се „вратат во нормала“.
„Треба да се подготвиме на нестабилни пазари во подолг период“, изјави Бирол за швајцарскиот весник Neue Zürcher Zeitung.
Според него, растот на цените ќе се почувствува на глобално ниво, а досегашното влијание на војната било делумно ублажено бидејќи танкерите со нафта и гас што веќе биле на пат пристигнале на своите дестинации. Сепак, во март не биле натоварени нови танкери.
Бирол посочи дека ќе бидат потребни околу две години за да се обнови производството на енергија изгубено на Блискиот Исток по конфликтот со Иран, при што темпото на опоравување ќе варира од земја до земја.
