Економија
Влада: Исплата на пензиите од 26 овој месец

На денешната седница Владата ја разгледа и усвои информацијата за исплата на пензии за месец ноември 2021 година и го задолжи Фондот за пензиско и инвалидско осигурување да ги достави податоците за пензиите до деловните банки најдоцна до 25.11.2021 година, врз основа на што деловните банки ќе можат да обезбедат пензионерите да може да располагаат со ноемвриските пензии преку мрежата на банкомати и во трговската мрежа од 26.11.2021 година, соопштија владините прес-служби.
Владата им препорачува на деловните банки преку филијалите и експозитурите на банките да обезбедат готовинска исплата на пензии за клиентите кои не користат картички, во четири групи според следниот распоред составен според висината на пензијата:
– За пензии со висина до 11.000 денари, исплатата да се изврши на 26.11.2021 година (петок);
– За пензии со висина 11.001-14.000 денари, исплатата да се изврши на 29.11.2021 година (понеделник);
– За пензии со висина 14.001-18.000 денари, исплатата да се изврши на 30.11.2021 година (вторник); и
– За пензии со висина над 18.001 денари, исплата да се изврши на 1.12.2021 година (среда).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Намалување на цените на горивата

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,60 % во однос на одлуката од 17.3.2023 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 0,541 %, кај дизелот 1,152 %, кај екстра-лесното масло 1,318 % и кај мазутот има намалување од 2,660 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок 0,077 %.
Малопродажната цена на „евродизелот (Д-Е V)“ се намалува 1,50 денар/л, а малопродажните цени на бензините „евросупер БС-95“ и „евросупер БС-98“, како и на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалуваат 0,50 денари/л.
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се намалува 1,649 денар/кг и сега ќе изнесува 38,130 денари/кг.
Од 21.3.2023 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 81,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 83,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 74,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 73,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 38,130 (денари/килограм)
Економија
Бектеши: Дизелот ќе падне под 75 денари, се враќаме на цената од ланскиот февруари

Само за една недела цената на дизелот бележи намалување од 4,5 денари. Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека трендот на намалување ќе продолжи и оваа недела.
„ Се враќаме на цената од февруари минатата година, цената на дизелот ќе биде под 75 денари“, вели министерот Бектеши.
Намалените цени на горивата Бектеши очекува да ја намалат и инфлацијата.
Економија
Почнува Глобалната недела на парите 2023: „Планирајте си ги парите, засадете ја иднината!“

Финансиските регулатори во соработка со асоцијациите и институциите од приватниот и граѓанскиот сектор, кои се активни во доменот на финансиската едукација, единаесетта година по ред ја одбележуваат Глобалната недела на парите, што оваа година ќе се одржи од 20 до 26 март 2023 година.
Годинешнава тема „Планирајте си ги парите, засадете ја иднината“ (Plan your money, plant your future) е посветена на одржливоста и подигнувањето на свеста од последиците на индивидуалното финансиско однесување не само врз финансиската иднина туку и врз животната средина и општеството. Учесниците на Глобалната недела на парите може на оваа тема да учествуваат во активности преку кои ќе се нагласи важноста на финансиските одлуки за социјалната, економската и за финансиската одржливост. Оваа тема ги поттикнува младите луѓе при носењето на своите финансиски одлуки да гледаат долгорочно и да го имаат предвид влијанието врз животната средина и општеството.
Активностите за време на Глобалната недела на парите годинава главно ќе се одвиваат преку предавања и објави на едукативни материјали на интернет-страниците на институциите и социјалните мрежи. Предавањата ќе бидат наменети за учениците од основните и од средните училишта од нашата земја, како и за факултетите, на теми од областите што ги покриваат одделните институции, поврзани со функционирањето на финансискиот систем.
Народната банка ќе организира едукативен караван за учениците од основните училишта од руралните средини преку виртуелни предавања, едукативен квиз за учениците од едно средно економско училиште и виртуелно предавање за студенти од еден факултет. За време на Глобалната недела на парите, ќе се одржи и националниот натпревар „Европскиот квиз на парите 2023 година“, во чија организација е вклучена и Народната банка. Исто така, ќе бидат споделени објави за остварените активности на социјалните мрежи.
На светско ниво Глобалната недела на парите се одбележува од 2012 година, со единствен прекин во 2020 година поради пандемијата, во организација на Организацијата за економската соработка и развој (ОЕЦД). Оваа глобална иницијатива, која досега се одбележува во повеќе од 176 земји во светот, во која се опфатени 53 милиони деца и млади, ја подигнува свеста кај младите за финансиската едукација и ги зголемува нивните знаења за парите, штедењето, вработувањето и претприемаштвото. Секоја година младите луѓе разговараат, читаат и учат за економските и за финансиските системи преку разни активности што ги спроведуваат финансиските и образовните институции.