Економија
ВМРО-ДПМНЕ: Инфлацијата е двоцифрена, стандардот на граѓаните вртоглаво паѓа

Во април Македонија бележи двоцифрена инфлација, што покажува дека стандардот на граѓаните е во вртоглав пад. Државниот завод за статистика објави податоци дека индексот на трошоците на животот во април 2022 година, во однос на април 2021 година, бележи зголемување од 10,5 %, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 11,1 %. Патем, инфлацијата во Македонија во споредба со просечната инфлација во Европа е далеку поголема, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека ова е резултат на неспособноста и неодговорноста на власта на СДСМ. Секој месец инфлацијата расте и расте сè повеќе, што покажува дека мерките на власта не дале никакви резултати, туку, напротив, состојбите во економијата се влошуваат од ден на ден. Над 35 % од граѓаните живеат во ризик од сиромаштија, 7,000 компании ставија клуч на врата, 2021 година ја завршивме со најмал раст на БДП во споредба со земјите од регионот, долгот незапирливо расте, веќе е над 7 милијарди евра, а се најавува уште едно рекордно задолжување од 900 милиони евра, со што ќе дојде до 65 % од БДП. Ова се само дел од поразителните економски параметри, што се резултат на катастрофалните економски политики и мерки на Владата на СДСМ и ДУИ.
Затоа велиме дека најдобро за економијата во Македонија е промена на оваа криминална, неспособна и неодговорна власт. Ковачевски покажа дека има голем мерак на фотелјата и не го интересираат граѓаните. Ако сака, нека ја земе фотелјата дома, само нека ја спаси државата од својата неспособност, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Ковачевски: Носиме закон со кој граѓаните ќе можат да инсталираат фотоволтаични централи на крововите

Носиме законско решение со кое граѓаните ќе може да инсталираат фотоволтаични централи на крововите, истакна премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање за законските измени за енергетика.
„Тоа прво треба да ги олесни градежните процедури за изработка на централа и тоа законско решение ќе се најде пред пратениците во текот на следниот квартал”, рече Ковачевски.
Премиерот посочи дека правилата за приклучување кои исто така се во надлежност на Министерството за економија и на кои се работи, при што ќе се обезбеди електрична енергија за разлика од сега да биде преземена од дистрибутерот на електрична енергија и третото Министерството за финансии веќе работи на подзаконски акт за да може да се воведе категоријата на даночен застапник при што ќе се олесни на дистрибутерот на електрична енергија да може да ја презема и да издава фактура на домаќинството кое не е даночен обврзник.
Дополнително во Осломеј е пуштена првата фотоволтаична централа од 10 мегавати и таму веќе се во подготовка практично проектите за почеток на реализација на уште две од по 50 мегавати фотоволтаични централи и уште една од 10 мегавати која ќе биде во сопственост на АД ЕСМ, а другите две по 50 мегавати ќе бидат на приватни инвеститори едниот од Бугарија, другиот од Турција кои што на основ на јавно-приватно партнерство ќе ги изградат на старите наоѓалишта во Осломеј.
На аукции веќе се изработуваат фотоволтаични централи, во поголем капацитет бидејќи во неколку години наназад се избрани инвеститори кои инвестираат сопствени средства.
Со тие три решенија како и со зголемување на постојниот капацитет од 4 киловати на 6 киловати колку што е предлогот како и дуплирање на капацитетот за компаниите кои сакаат да стават на своите кровови ќе се олесни постапката односно ќе имаме постапка која ќе биде идентична со постапката и процедурите во западно европските држави каде најголемиот број од нас имале можност да видат дека во најголемиот дел од покривите се инсталирани фотоволтаични централи.
Економија
Катастрофалното менаџирање на енергетската криза ќе доведе до уште повисоки сметки, велат од опозицијата

Енергетската политика на СДСМ и ДУИ е еднаква на енергетска катастрофа, заради таа катастрофа следи ново покачување на електричната енергија, порача опозициската ВМРО-ДПМНЕ утрово преку соопштение.
Од партијата коментираат дека намаленото домашно производство на електрична енергија е рекордно најниско изминативе години, и е причина за енормните сметки за струја на граѓаните, општините и стопанството.
ВМРО-ДПМНЕ предупреди дека „катастрофалното менаџирање на енергетската криза ќе доведе до уште повисоки сметки кои ќе ги плаќаат граѓаните наредниот период“.
„Наместо да произведуваат струја, владата на СДСМ и ДУИ единствено мислеше на криминалните тендери во РЕК Битола. Вчерашната хаварија со поплавата во РЕК Битола и сликата во која се наоѓа енергетскиот систем во Македонија. Со години хаварија во енергетскиот систем. Државата ги остави општините во долгови заради огромните сметки за електрична енергија. Наместо општините да решаваат инфраструктурни проблеми, преку реализација на проектите, тие мака мачат да ги платат огромните сметки за струја.
За разлика од сите енергетски компании во светот кои работат профитабилно, ЕЛЕМ е пред банкрот заради тоа што не произведува електрична енергија и увезува поскапа струја за 7-8 пати. Недоволното производство на струја, празните акумулации, криминалните тендери за фиктивен ископ, тендери во 4 очи и богатење на фирми блиски од фамилијата Заеви се причината за огромните високи сметки за струја на граѓаните и стопанството.
Оваа катастрофална состојба во енергетскиот систем треба што поскоро да запре. Премногу е!“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Економија
(Видео) Ковачевски: Инвестирани над една милијарда евра во изградба на патната инфраструктура

Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со министрите за транспорт и врски и за локална самоуправа, Благој Бочварски и Горан Милевски, како и со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми, извршија увид на регионалниот пат Р1202, делница Маврови Анови-Жировница. На увидот присуствуваа граѓани на овој крај, изведувачите, градоначалникот на општина Маврово и Ростуште, Медат Куртовски, како и Самир Ајдини, директор на Националниот парк „Маврово“.
Делницата Маврови Анови-Жировница е во должина од 18,5 км, инвестиција вредна 6,18 милиони евра, а реализацијата во моментот е 60%.
„Станува збор за највредниот инфраструктурен зафат во општината Маврово Ростуше. Трасата на оваа делница всушност е продолжение на веќе рехабилитираната делница Бунец–Маврови Анови. Овој патен правец ги поврзува населените места Ново Село-Бунец-Маврови Анови-Жировница-Ростуше-Бошков Мост-Дебар-Блато па до границата со Република Албанија. Вкупната должина на патот изнесува околу 61 km. Неговата улога во сообраќајната мрежа е патно поврзување на западниот регион од нашата земја, поточно Гостивар и Дебар, како стопански седишта во овој дел на државата. На оваа релација овој пат со својот најголем дел поминува низ националниот парк ‘Маврово’, кој заедно со реканскиот дел е многу значаен регион, за развој на туризмот, како и за подобрување на условите за живот на граѓаните. Нашиот примарен фокус е да обезбедиме подобри услови во патната инфраструктура, со цел да го подигнеме нивото на услуги што ги нуди регионот. Изминативе години во западниот регион од кој е дел и општината Маврово и Ростуше работевме на изградба на квалитетна патна мрежа и во таа насока завршивме неколку значајни инфраструктурни проекти во регионот, како што е целосна рехабилитација на патот од Гостивар до Стража и Кичево, извршивме рехабилитација на патните правци Маврово-Никифорово, Бунец-Маврови Анови, а моментално се работи и тука на патот до Жировница“, изјави Ковачевски и ја потенцираше важноста од довршување на патните Коридори 8 и 10 кои се крвотокот на поврзување на нашата земја со земјите од регионот и пошироко.
Премиерот Ковачевски подвлече дека изградбата на патиштата е приоритет.
„Развиена инфраструктура значи развој на економијата во земјава. Затоа и во услови на најголема криза ние инвестираме во инфраструктурни проекти. Градиме по план, од 2017 година досега изградени и обновени преку 1.000 километри патишта и инвестирано е над една милијарда евра во изградба и модернизација на патната мрежа во земјава. Остануваме посветени на реализација на мерките што обезбедуваат развој и унапредување на инфраструктурата. Со овие инвестиции граѓаните патуваат полесно и побезбедно, а компаниите побрзо и поефикасно ги транспортираат своите производи и придонесуваат во економскиот развој на земјата“, рече Ковачевски.
Министерот Бочварски додаде дека градежната офанзива продолжува со силна динамика и насекаде низ државата и дека Владата покажа решителност и со преземање навремени мерки обезбеден е континуитет на сите проекти.
„Важно е капиталните инвестиции да продолжат да се реализираат бидејќи градежништвото претставува мотор на економијата, а тоа е повеќе од значајно во овие времиња на светска економска криза, чии последици ги чувствуваме и во нашата држава. Економскиот бенефит кој го носи модерната инфраструктура, регионалното поврзување со соседите, безбедното патување, зголемената размена на стоки и услуги, веќе ја чувствуваме. Градежништвото мора да го одржиме на патот на закрепнување, остануваме партнери со сите градежни компании и продолжуваме да работиме на зацврстување на домашната економија и подобри услови за граѓаните“, рече Бочварски.
Директорот Рустеми истакна дека работите се одвиваат согласно предвидената динамика, а овој пат е од суштинско значење за граѓаните како во регионот, така и во целата земја.
„Со проектот за рехабилитација на Маврови Анови-Жировница предвидено е да се изведат повеќе градежни зафати како што е нова коловозна конструкција, санација на осумте мостови, изведба на нови потпорни ѕидови бидејќи сите сме сведоци на честите одрони на оваа делница и други работи со кои ќе се подобри безбедноста на делницата. Во моментов интензивно се работи на повеќе точки на патната делница, а се извршуваат и асфалтерски работи. Безбедноста на државните патишта е наш приоритет и затоа очекуваме Изведувачот на работите JV “ISA 2000 – PELAGONIJA”, од Гостивар квалитетно и навремено да ја заврши доверената работа. Надзорен орган над работите е ГИМ заедно со ЕВРО консалтинг и ИРД инженеринг“, рече Рустеми.