Економија
ВМРО-ДПМНЕ: Цените на горивата се и до 113.5 денари, народот плаќа за власта да краде

Премногу е, цените на горивата се и до 113.5 денари, народот плаќа за власта да краде. Цените на горивата се на историски максимум и тоа не е поради цената на светските берзи, туку поради високата акциза од која власта не сака да се откаже, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека од денеска дизелот се продава по цена од 107.5 денари, а бензинот БС 98 по цена од 113.5 денари, тоа се највисоки цени на горивата до сега. И тоа е само затоа што СДСМ и ДУИ откако се на власт во 4 наврати ја зголемуваат акцизата.
Доколку СДСМ и ДУИ го поддржеа предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за намалување на акцизата на горивата за 50%, тоа врз буџетот ќе имаше импликација од 50 милиони евра, а за народот ќе значеше и до 25 денари поевтини горива.
За 25 денари поевтини горива ќе значеа повеќе пари кај граѓаните, поевтин транспорт и пониски цени на производство во индустријата и земјоделието.
Но СДСМ не сака да се откаже од 50% од акцизата затоа што сакаат повеќе пари во буџетот за матни тендери. Премногу е, протест за промени на 18 јуни во 20 часот пред влада, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Николовски на Г7: Светот во потрага по решение за глобалниот недостаток на храна

Земјоделството се соочува со застрашувачки предизвик за производство на повеќе храна за да се задоволат потребите за исхрана на растечката светска популација, а во исто време се справува и со климатските промени и постојаното заострување на ограничувањата на природните ресурси. Овој предизвик е уште покомплексен со фактот дека доколку безбедната храна не е достапна, несигурноста и неухранетоста ќе продолжат, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, кој на иницијатива на германската Влада во соработка со земјите членки на G7 (Група 7), денеска во Берлин учествуваше на министерска конференција.
Министерот Николовски во своето обраќање пред присутните даде свое видување на глобалната криза, предизвикана од воениот конфликт кој ја афектираше македонската економија, земјоделското производство, трговската размена и снабдувањето со храна.
„ Дополнително, доколку земјоделците и земјоделските работници не остварат пристојни приходи, сиромаштијата ќе расте, а земјоделството ќе пропадне. Можеме да ја забрзаме транзицијата кон поодржливи системи за храна преку раст на земјоделската продуктивност што ја оптимизира одржливоста на земјоделството низ социјалните, економските и еколошките димензии. Северна Македонија активно учествува во спроведувањето на политиките за трансформација на глобалните прехранбени системи за да се постигнат целите за одржлив развој поставени од земјите членки на Обединетите нации“ изјави Николовски.
На конференцијата присуствуваа државниот секретар на САД, Антони Блинкен, министри на земјите членки на групата Г 7, претставници на Групата на шампиони на Обединетите Нации (GCRG), еврокомесарот за кризен менаџмент, Јанез Ленерчиќ, еврокомесарот за земјоделство, Јануш Војчеховски, претседателот на Светска Банка, Дејвид Мелпас, министрите за земјоделство и економија од многу европски и азиски држави, како и лидери на истакнати меѓународни организации од јавниот и невладиниот сектор од областа на земјоделството и економијата.
Министерската конференција се одржа под мотото „Uniting for Global food security“ и имаше за цел преку отвoрена дискусија и размена на искуства да се стигне до заедничко глобално решение како да се обезбеди храна за сите, во услови на воена криза која се случува на европско тло и која директно ја загрози трговска размена и системите на снабдување со храна и енергенси во целиот свет.
Министерската конференција опфати размена на позитивни резултати од превземени мерки за справување со кризата, а Северна Македонија имаше позитивно искуство како единствена земја во регионот која воведе Интервентен фонд за поддршка на земјоделскиот сектор со што беше овозможено субвенционирана набавка на вештачко ѓубриво за пролетна и есенска прихрана на стратешките култури (пченица, јачмен, пченка и сончоглед), поддршка на секторот сточарство и млекопроизводство, како и поддршка за главните извозни производи (зеленчук, овошје и вино), се наведува во соопштенето од министерството.
Економија
ЕСМ му понуди 48 евра за мегават-час на „ЕВН хоум“ – 17 отсто повисока цена од актуелната

„ЕВН хоме“ како универзален снабдувач на електрична енергија на денешниот тендер за набавка на електрична енергија за задоволување на потребите на корисниците за периодот јули-декември 2022 добил само една понуда, од АД ЕСМ.
Од таму информираат дека АД ЕСМ како најповолен и единствен понудувач на тендерот преку електронскa аукциja му понудил на „ЕВН хоме“ купопродажна цена на електрична енергија од 48 евра за мегават-час за покривање 100 % од вкупно планираните количини.
„Добиената купопродажна цена 48 еврa за мегават-час за периодот јули-декември 2022 e 17 % повисока од претходната, која беше добиена на последниот тендер на универзалниот снабдувач (јануари-јуни 2022) кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена на електрична енергија од 41 евро за мегават-час за вкупните планирани потреби на ‘ЕВН хоме’ како универзален снабдувач“, се вели, меѓу другото, во соопштението од „ЕВН хоме“.
За цената на електричната енергија на „ЕВН хоме“ во наредниот период ќе одлучува Регулаторната комисија за енергетика.
Цената ќе зависи од повеќе влезни параметри: цената по која АД ЕСМ му ја продава електричната енергија на „ЕВН хоме“, цената на преносниот систем-оператор МЕПСО, цената на операторот на пазарот на електрична енергија МЕМО, како и цената на дистрибутивниот систем-оператор „Електродистрибуција“.
Економија
Во Велика Британија највисока инфлација во последните 40 години

Националната канцеларија за статистика на Обединетото Кралство со извештај ја прикажува инфлацијата во Британија, која е зголемена на 9,1 проценти на годишно ниво во мај 2022, што е највисоко ниво во изминатите 40 години.
Податоците покажуваат дека инфлацијата во голем степен е поради повисоките најнови цени на електричната енергија во земјата и зголемените трошоци за гориво во услови на растечка енергетска криза во Европа, резултат на санкциите воведени против Русија.
Индексот на потрошувачките цени во април има раст за девет проценти во однос на истиот месец минатата година, се наведува во извештајот.
Според најновите оценки на британската централна банка, есенва инфлацијата во земјата ќе порасне до 11 проценти.
Во март лондонскиот Центар за економски и деловни истражувања објави извештај, каде што се предупредува дека Обединетото Кралство се соочува со најголем пад на животниот стандард од педесеттите години на минатиот век.