Економија
Во Русија замрзнати 17 милијарди долари западни инвестиции

Средствата на западните инвестициски банки и компании замрзнати во Русија изнесуваат најмалку 17 милијарди долари, пишува весникот „Известија“ повикувајќи се на годишните и кварталните деловни извештаи на 12-те најголеми странски инвестициски банки и компании.
Таа сума вклучува средства од JPMorgan Chase, Goldman Sachs, Morgan Stanley, BlackRock Fund, Credit Suisse, Deutsche Bank, Barclays, State Street Corporation, HSBC, UBS, City Group, иако State Street и HSBC не ги имаат вклучено во своите датотеки конкретните бројки за инвестициите во Русија.
Нивните средства биле замрзнати бидејќи Банката на Русија претходно им забранила на нерезиденти да продаваат руски хартии од вредност и да повлекуваат пари од земјата, наведува весникот, а пренесува агенцијата „Тасс“.
Според финансиските податоци на „Дојче банк“, Русија е меѓу земјите каде што нивната изложеност на кредитен ризик е најголема, со износ од 3,6 милијарди евра (или 3,87 милијарди долари).
Изложеноста на City Group во Русија изнесуваше 5,4 милијарди долари во 2021 година, додава рускиот весник.
Швајцарската банка Credit Suisse објави во извештајот дека нејзиниот кредитен нето-ризик во Русија достигнал 800 милиони швајцарски франци (830 милиони долари) на крајот на минатата година, а Goldman Sachs го проценува својот кредитен ризик на 650 милиони долари и пазарниот ризик врз основа на инвестициите на уште 414 милиони долари.
Рускиот весник забележува и дека на 25 мај беше објавено дека земјите членки на Европската Унија ги замрзнале средствата на Банката на Русија во вредност од 23 милијарди евра, што е значително помалку од претходно проценетото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Ковачевски: Со ребалансот се обезбедуваат средства за антикризни мерки

Премиерот Димитар Ковачевски на денешните пратенички прашања истакна дека со ребалансот на Буџетот за 2022 година кој очекува наскоро да го изгласа Собранието се обезбедуваат дополнителни скоро 80 милиони евра за брза реакција и нови мерки за заштита стабилноста на граѓаните и компаниите во услови на економската криза.
„Со оглед на тоа дека ефектот на кризата е пролонгиран заради војната во Украина и со оглед на тоа што цените на светските берзи и на енергенсите и на нафтените деривати и на храната и суровините постојано растат тоа беше една од претпоставките при конципирањето на ребалансот на Буџетот за 2022 година. Буџет којшто обезбедува стабилност и поддршка на граѓаните и компаниите и одржување на стандардот и ликвидноста на компаниите. Овие пари се да се поддржат граѓаните, компаниите кои што средства ќе бидат насочени за подготовка на мерки кои што ќе бидат таргетирани кон овие категории на граѓани и компаниите. Во самиот ребаланс на Буџет предвидени се и 52 милиони евра за земјоделците а обезбедени се и финансиски средства за покачување и исплата на пензиите, и на платите во образованието и детската заштита како и субвенции за покачување на минималната плата. Сето ова во моментот се наоѓа на гласање пред пратениците“ – рече Ковачевски.
Тој истакна дека вкупните приходи на Буџетот се зголемени заради добрата наплата на изворните приходи на Буџетот и приходите на фондовите а исто така и зголемени се вкупните расходи со цел финансирање на антикризните мерки до крајот на годината. Врз основа на планирани приходи и расходи дефицитот е планиран да биде поголем во однос на оригинално планираниот меѓутоа помал од она што се претпоставуваше и шпекулираше и дефицитот е проектирана на 5,3% од БДП во којшто нормално влегува и отплатата на долгот кон странство од минатото и исплатата на каматата по основ на тие задолжувања.
Премиерот Ковачевски посочи дека одговорноста во вакви услови за секоја Влада е огромна затоа што мора да се мисли на граѓаните, мора да се мисли на компаниите. Прво на најранливите категории на граѓани со цел да се заштити нивниот животен стандард, а од друга страна да се обезбеди ликвидност на компаниите со цел да може да функционираат и да се обезбеди понатамошен економски развој на истите.
„За таа цел, беа донесени 26 анти кризни мерки коишто тежеа 400 милиони евра и дополнително субвенционирање на електрична енергија што севкупно значеше таргетирани издатоци од 610 милиони евра, коишто издатоци обезбедија мерки да немаме ценовни шокови за граѓаните и да имаме најниски цени на енергенсите и особено на електрична енергија во целиот регион“ – рече Ковачевски.
Економија
Дизелот поевтинува, бензините остануваат со иста цена

Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,83 % во однос на одлуката од 27.6.2022 година.
Малопродажните цени на бензините „евросупер БС-95“ и „евросупер БС-98“ и на „мазутот М-1 НС“ не се менуваат и со тоа малопродажната цена на „евросуперот БС-95“ изнесува 109,00 денати/л, малопродажната цена на „евросуперот БС-98“ изнесува 111,50 денари/л, а малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ изнесува 53,305 денари/кг.
Малопродажната цена на „евродизелот“ (Д-Е V), се намалува 2,50 денара/л и со тоа малопродажната цена на „евродизелот (Д-Е V)“ изнесува 106,50 денари/литар.
Малопродажната цена на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1 ) се намалува 2,00 денара/л и со тоа малопродажната цена на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) изнесува 105,00 денари/литар.
Од 30.6.2022 година од 00.01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– моторен бензин – „евросупер БС-95“ – 109,00 (денари/литар)
– моторен бензин – „евросупер БС-98“ – 111,50 (денари/литар)
– дизел-гориво – „евродизел БС (Д-Е V)“ – 106,50 (денари/литар)
– Масло за горење – екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 105,00 (денари/литар)
– мазут М-1 НС – 53,305 (денари/килограм)
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 0,460 %, кај дизелот намалување во просек за 2,480 %, кај екстра-лесното масло намалување во просек за 2,201 % и кај мазутот зголемување во просек за речиси 0,032 % поради што во структурата на цените на нафтените деривати е извршено соодветно приспособување.
Економија
Ковачевски: Навремените антикризни мерки ги спречија ценовните шокови

Премиерот Димитар Ковачевски денеска во одговор на пратеничко прашање истакна дека навремените антикризни мерки ги спречија ценовните шокови и го заштитија стандардот на граѓаните.
„Како одговор Владата уште од почетокот на својот мандат носеше антикризни пакети и мерки, кои беа оценети како позитивни и успешни надвор од меѓународните институции и тоа стои во извештајот. Само да ве потсетам, во време на ковид-кризата беа донесени 6 пакети антикризни мерки од 1,2 милијарда евра, а сега за време на војната во Украина нови пакети антикризни мерки во вредност од 400 милиони евра, дополнително не дозволивме ценовен шок за граѓаните во однос на електричната енергија со оглед на тоа што електричната енергија за сите граѓани беше субвенционирана со 80 проценти од страна на државата, државата треба да им се најде на граѓаните тогаш кога им е најтешко“, рече Ковачевски.
Истакна дека се презедоа мерки и во однос на ограничувањето на цените и во однос на ригорозните и неселективните контроли во малопродажбата и големопродажбата.
„Имаше уште една многу значајна работа, а тоа е зголемувањето на пензиите, порано пензионерите беа користени пред избори за еднократно зголемување на нивните пензии. Она што го ветив кога станав премиер е дека пензионерите нема да бидат ставени во позиција пред избори да им се зголемуваат пензиите, туку ќе воведеме методологија, која ќе даде вистинско зголемување тогаш кога податоците од Државниот завод за статистика за зголемување на просечната плата и за зголемување на инфлацијата и затоа оваа година, која не е и нема да биде изборна година, имаме историски најголеми зголемувања на пензиите. Тоа се работи што во време на најголема криза, со домаќинско работење, овозможија првин да обезбедиме зголемена минимална плата, зголемена просечна плата, зголемени социјални додатоци и зголемени додатоци за електрична енергија и зголемени субвенции за инвестиции“, рече Ковачевски.
Премиерот истакна дека и во услови на криза продолжуваат странските инвестиции, а младинската невработеност, која беше 48 %, сега е сведена на 28 % затоа што сите активности што се направени и во однос на гаранции и во однос на вработување и обуки на младите се во таа насока и тоа сега го гледаме.