Економија
Врвот на бизнис елеганцијата: новиот Audi A6 Sedan

· Прогресивниот и престижен модел од премиум сегментот поставува нови стандарди во дизајнот и аеродинамиката: со првокласен коефициент на отпор од само 0,23.
· Идеален за секојдневно возење и долги патувања: врвни технологии како адаптивна воздушна суспензија и управување на сите тркала, како и одлична звучна изолација.
· Динамичен, комфорен, ефикасен: MHEV plus технологијата со благ хибрид овозможува делумно електрично возење и подобрени перформанси.

Static photo,
Colour: Firmament blue metallic
Audi ја проширува својата A6 гама со класичен бизнис седан кој поставува стандарди во дизајн и аеродинамика, притоа нудејќи иновации и удобност што се чувствуваат во секој детаљ. Со коефициент на отпор од 0,23, ова е најдобрата вредност за модел со мотор со внатрешно согорување во историјата на Audi. Современи бензински и дизел мотори со MHEV plus благa хибридна технологија овозможуваат поголема ефикасност со подобри перформанси. A6 Sedan нуди врвно секојдневно и долготрајно возачко искуство: адаптивната воздушна суспензија и управувањето на сите тркала обезбедуваат совршен баланс помеѓу удобност и агилност.

Static photo,
Colour: Firmament blue metallic
Каросеријата на новиот A6 Sedan е јасна и функционална. Карактеристичниот Audi дизајн ги обединува елеганцијата и спортскиот дух. Закривената горна линија на прозорците ѝ дава на силуетата аеродинамичен карактер. Впечатливиот преден дел, со тенки светла и доминантните Audi прстени, е дефиниран со големата, ниско позиционирана Singleframe маска. Зад неа се крие прецизно разработен систем за проток на воздух, со странични отвори оптимизирани по форма и функција кои придонесуваат за подобра аеродинамика и моќен изглед.
Како и предниот дел, така и задниот – издолжен и благо подигнат – зрачи со престиж. Двете задни светла со прецизни графики и континуирана светлосна линија го прават A6 Sedan моќен.

Static photo,
Colour: Firmament blue metallic
Специфичната форма на задниот дел значително придонесува за аеродинамичките својства на возилото. Остриот свиок на капакот на багажниот простор и вдлабнатата линија пред него создаваат оптимален проток на воздух. Заедно со широкиот дифузер, ова резултира со идеален баланс помеѓу подигнување на задната оска и отпорот, што придонесува за подобра динамика при возењето.
Со опционалната адаптивна воздушна суспензија, A6 Sedan ја усовршува синтезата на спортскиот карактер и удобноста. Освен што ја регулира висината на каросеријата и амортизацијата, овој систем овозможува и подобра аеродинамика: во нормален режим возилото е 20 мм пониско од стандардната верзија, а во динамичен режим се спушта дополнителни 10 мм – за уште поизразено спортско чувство. При високи брзини, автомобилот автоматски го користи најниското ниво на висина за да го намали отпорот.

Cockpit
Опционалното управување на сите тркала овозможува агилно управување и прецизно маневрирање. Во комбинација со прогресивното управување, се постигнува значително подобрена реакција при управувањето. При мала брзина, задните тркала се вртат во спротивен правец од предните, што ја зголемува маневрирачката способност. При голема брзина, сите тркала се вртат во ист правец за постабилно и попрецизно управување.

Interior
Моторите со MHEV plus, блага хибридна технологија, играат клучна улога во извонредното возачко доживување. Покрај 2.0 TDI четири-цилиндарскиот мотор со 150 kW (204 КС), и 3.0 TFSI шест-цилиндарскиот мотор со 270 kW (367 КС) располага со оваа форма на делумна електрификација. Системот MHEV plus го поддржува мотор со внатрешно согорување, ги подобрува перформансите и удобноста и ги намалува CO₂ емисиите. Овозможува целосно електрично паркирање и маневрирање, како и возење на струја при мала брзина – во град, во застој или надвор од урбаната средина. Дополнително, оваа технологија овозможува моментален вртежен момент до 230 Nm и дополнителна моќност од 18 kW (24 КС) при поаѓање или претекнување. При забавување, се регенерираат до 25 kW енергија.

Interior
Изолацијата на звукот во ентериерот е подобрена до 30% во споредба со претходниот модел, што значително ја зголемува удобноста при возењето.
Ново развиените носачи на моторот и менувачот обезбедуваат потивко возење.
Новиот A6 Sedan ќе се произведува во Neckarsulm и ќе се продава ширум светот.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
„Алкалоид“ трета година по ред е апсолутен победник – најпосакуван работодавач за 2024 година

„Алкалоид АД Скопје“ е прогласен за апсолутен победник во категоријата најпосакуван работодавач за 2024 година, трета година по ред, според анкетата спроведена од веб-порталот „Вработување.ком“.
На манифестацијата организирана од „Вработување.ком“, беа доделени награди за компании во повеќе категории, врз основа на анкетен прашалник спроведен на национално ниво во текот на 2024 година.
„Ова признание претставува особена чест за нас и уште една потврда за нашата посветеност на негувањето на основните компаниски вредности – да креираме работна средина која ги поврзува сите: од вработените до образовните институции и заедницата во која живееме и работиме. Во основата на сето тоа се високите професионални стандарди, кои ја обликуваат корпоративната култура на нашата компанија. Нашите вработени со своето знаење и посветеност се движечката сила на секој наш успех“, велат од компанијата.
Од „Алкалоид“ додаваат дека остануваат посветени на грижата за вработените, како и на нивниот раст и кариерен развој, бидејќи веруваат дека луѓето се најценетиот капитал на нивната компанија.
„Низ визија, иновација и поддршка продолжуваме да одржуваме највисоки етички и професионални норми и работна средина која и натаму ќе претставува најпосакуван избор на компанија за вработување на младите луѓе“, додаваат од „Алкалоид“.
(ПР)
Економија
Народна банка: Каматните стапки се непроменети

На 17 април 2025 година се одржа редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка. На седницата беа разгледани најновите податоци и информации за светската и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.
„На седницата беше оценето дека тековната поставеност на монетарната политика е соодветна на условите во економијата, при поизразени неповолни ризици, особено од надворешното окружување. Оттука, на седницата беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да остане на нивото од 5,35%, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 3,95% и 4%, соодветно. Понудата на благајничките записи на редовната аукција ќе биде исто така непроменета, односно ќе изнесува 10 милијарди денари. Со ваквата одлука се задржува внимателниот карактер на монетарната политика. Со целокупниот сет мерки, односно со сегашното ниво на каматните стапки, досегашните промени кај задолжителната резерва и преземените макропрудентни мерки, ќе се придонесе за ценовна стабилност на среден рок и за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото. Во однос на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), на последната седница во април беше донесена одлука за намалување на каматните стапки за по 0,25 п.п.“, соопштија од Народната банка.
Во соопштението се наведува дека остварувањата кај инфлацијата и натаму се еден од клучните сегменти коишто наметнуваат потреба од внимателност, во услови кога ризиците, поврзани пред сѐ со надворешното окружување стануваат понагласени и исклучително непредвидливи. Имено, во услови кога геополитичките услови сѐ уште се нестабилни, промените во царинските политики на светско ниво дополнително ги влошуваат изгледите за трговската и економската активност и ја зголемуваат променливоста, како на светските пазари на примарни производи, така и на пазарите на капитал. Покрај ова, беа земени предвид и ризиците поврзани со домашните фактори што влијаат на агрегатната побарувачка.
Народна банка соопшти дека годишната стапка на инфлација во март 2025 година значително забави и се сведе на 2,7%, што е пониско ниво од очекуваното, коешто во еден дел е под влијание на тековните краткорочни мерки за ограничување на растот на цените.
„Инфлацијата, во просек, за првиот квартал е малку повисока од очекувањата според октомвриската проекција. Забавувањето на годишната стапка на инфлација во март во најголем дел се должи на послабиот раст на цените на храната, поради исцрпување на ефектот од пониската споредбена основа и дополнителниот надолен ефект од тековните краткорочни мерки за ограничување на растот на цените (коишто истекуваат на крајот на април). Во однос на останатите компоненти, забавува растот и на базичната компонента на инфлацијата, а падот на цените на енергентите забрзува. Во однос на инфлациските очекувања, во мартовските анкети на Европската комисија преовладуваат очекувања на потрошувачите за поумерено намалување на цените во следниот период. Најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за следниот период се променети претежно во нагорна насока, што заедно со зголемената неизвесност и променливост на пазарите, упатува на зголемени ризици и потреба од внимателност“, се наведува во соопштението.
Состојбата на девизниот пазар е стабилна. „Нивото на девизните резерви на крајот на март изнесува 4.788,1 милион евра, што е соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Остварувањата кај девизните резерви се близу до очекувањата за првиот квартал на 2025 година, а интервенциите на девизниот пазар се умерено позитивни од почетокот на годината. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, остварувањата на менувачкиот пазар заклучно со март упатуваат на поумерени нето-приливи од приватните трансфери во споредба со проекциите за првиот квартал, додека трговскиот дефицит остварен во првите два месеци од годината засега е умерено повисок од очекувањата за првиот квартал“, пишува во соопштението.
Од народна банка соопштија дека економскиот раст во последниот квартал на 2024 година благо забрза и достигна 3,2%, речиси на ниво на проекциите на Народната банка (3,1%). Расположливите високофреквентни податоци за првиот квартал од 2025 година упатуваат на натамошен, но поумерен раст, при засега послаби движења кај трговијата, градежништвото и туризмот, а посилни во угостителството и индустријата. Ризиците за растот во следниот период од надворешното окружување се претежно надолни, а од домашното окружување и натаму се поврзани со брзината и обемот на остварување на домашните инфраструктурни проекти.
Остварувањата во монетарниот сектор, велат од Народна банка, се подобри од очекувањата, што упатува на натамошна посилна кредитна поддршка на економијата. Имено, во согласност со податоците за март, депозитите и кредитите бележат солидни стапки на раст, коишто се повисоки од очекувањата за првиот квартал од годината.
„Општо земено, последните остварувања кај клучните макроекономски показатели се главно поволни, но согледувањата за ризиците во однос на нивната идна патека наметнуваат натамошно внимателно водење на монетарната политика. Имено, ризиците поврзани со надворешното окружување се поизразени, а внимателно се следат и домашните фактори коишто можат да влијаат врз побарувачката и ценовната динамика во наредниот период. Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и ценовната стабилност на среден рок“, се наведува во соопштението.
Економија
Мицкоски од ОАЕ: Ги презентиравме можностите за инвестирање во Македонија

Изминативе денови заедно со тим од Владата и тим од мојот Кабинет, остваривме исклучително квалитетна и успешна посета во Обединетите Арапски Емирати, информира премиерот Христијан Мицкоски.
Тој кажа дека имале средби со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, со стопанските комори од Емиратот Шарџа и Дубаи, како и состаноци со врвни компании како што се Мубадала, ADQ, Масдар, Игл Хилс итн.
„Сето она коешто разговаравме е навистина нешто коешто ќе претставува еден голем чекор напред за македонската економија. Разговаравме за проекти од областа на транспортот, пред сè коридорите 8 и коридорот 10 и отсечката на коридорот 10, 10-д. Потоа, разговаравме за проекти коишто се силно поврзани и тесно поврзани со туризмот. Се разбира тука нашиот македонски, балкански, би рекол светски бисер Охрид. Потоа, Попова Шапка како исклучително силна инвестиција, којашто треба во годините коишто следат да донесе големи економски бенефити за македонските граѓани. Место каде што е потребна голема инвестиција, поради својата местоположба и поради сите оние географски убавини коишто самиот тој ски-центар ги нуди. Се разбира и за тоа разговаравме со нашите пријатели од Обединетите Арапски Емирати“, рече Мицкоски.
На средбите било разговарано за неколку локации во Македонија кои може да се направат лендмарк објекти коишто ќе бидат препознатливи за цела Европа.
Било разговарано и за инвестиции во делот на земјоделието и се разбира енергетиката.
„Како главен приоритет тоа се проектите, односно хидроцентралите на Река Црна, а тоа се Чебрен и Галиште. Потенцијалот во енергетиката, не се ограничи само на инвестирање во хидроцентралите Чебрен и Галиште, туку и на нови соларни панели, нови ветерни турбини, ветерни паркови и така натаму. Навистина, кога би требало да ја оценам оваа наша посета, би ја оценил со највисока оценка, и економски и политички, бидејќи после долго време, не знам од кои причини, стопирање и пауза во односите коишто ги имаме со Обединетите Арапски Емирати, повторно воспоставуваме една ваква блиска, непосредна соработка“, рече премиерот.
Тој потсети и дека е потпишан Меморандум за подлабока економска соработка од страна на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и неговиот хомолог.