Економија
Германија бара работна сила низ целиот свет – нуди и повисоки плати и различни олеснувања

Во потрагата по работна сила, Германија има намера да се фокусира на земји надвор од Европа, како што се Бразил, Мексико и Индонезија, изјави во саботата министерот за труд Хубертус Хајл за весникот „Ноје Оснабрикер Цајтунг“.
– Заедно со претставниците на стопанството работиме на стратегија во земјите каде што на пазарот на трудот има многу повеќе млади и добро квалификувани работници отколку што домашните пазари на труд можат да апсорбираат, рече министерот за труд Хубертус Хајл од Социјалдемократска партија на Германија – СПД во интервју за весникот Ноје Оснабрикер Цајтунг.
Хејл рече дека ќе се внимава да не се лиши домашниот пазар на труд од потребните специјалисти. Тој изјави дека е „вин-вин“ ситуација.
– Ние профитираме, но профитираат и земјите на потекло. Ќе инвестираме во стручно оспособување на младите на лице место, а луѓето кои ќе дојдат во Германија ќе имаат корист од добро платена работа што им дава можност да ги финансираат своите семејства дома, рече Хајл.
Хејл во јуни треба да отпатува во Бразил со министерката за надворешни работи, Аналена Бербок, со цел да се разгледа можноста за доаѓање на поголем број негувателки, кои се многу потребни на германскиот пазар на труд.
Слични договори треба да се склучат и со Мексико и Индонезија, а Хајл веќе ја посети Гана во февруари со истата цел.
Како што јави јавниот сервис АРД, германската влада води разговори за привлекување работна сила и со Колумбија, Тунис, Мароко, Египет, Индија, Филипини и Виетнам.
Покрај квалификуваната работна сила во областа на грижата, од споменатите земји треба да пристигнат и други работници кои му се потребни на германскиот пазар на труд.
Како што соопшти Институтот за германска економија (IW), на крајот на 2022 година во агенциите за вработување во Германија биле пријавени над 630.000 работни места кои не можеле да се пополнат поради недостаток на одредена работна сила.
Има само 33 соодветно квалификувани работници за сто отворени работни места во секторот за нега.
Претседателот на Фондацијата за заштита на пациентите, Еуген Бриш, истовремено го критикуваше масовниот увоз на негувателки и посочи дека потенцијал за полесно пополнување на отворените работни места во секторот за нега постои и сега во Германија, но дека е неопходно да се подобрат условите за работа во со цел да се искористи овој потенцијал и работните места станаа поатрактивни.
– Неколку стотици медицински сестри од Бразил нема да ги решат овие проблеми. Неопходно е подобрување на условите во овој сектор, рече Бриш. Тој предупреди дека многу поранешни старатели се преквалификувале за помалку стресни и подобро платени занимања.
Се проценува дека приватниот сектор на туѓа нега веќе би пропаднал без многуте работници од Источна Европа кои се вработени во домаќинствата.
Просечната годишна бруто плата во секторот згрижување е околу 40.000 евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Ангеловска-Бежоска на Конституенцата на ММФ и СБ: Носителите на политиките може да ги ублажат последиците од миграциите

Дваесет проценти од лицата родени во регионот на Западен Балкан живеат во странство, со што се намалува потенцијалот за раст на економиите во регионот. „Човечкиот капитал е предуслов за постигнување одржлив и инклузивен економски раст, додека миграцијата е еден од факторите коишто влијаат врз човечкиот капитал. Со намалувањето како на квантитетот, така и на квалитетот на работоспособното население, имајќи предвид дека една третина од емиграцијата во регионот е со високо образование, се намалува потенцијалот за раст на економиите и се забавува веќе ниската конвергенција на доходот ‒ доходот во регионот е само 40% од европскиот доход.
Носителите на политиките не можат да ја спречат емиграцијата целосно, но може да ги ублажат негативните последици“, порача гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, која говореше на панел-дискусијата „Миграции, бегалци и општества“, во рамките состанокот на Холандско-белгиската конституенца на ММФ и Светската банка, којашто годинава се одржува во Црна Гора. На панел-дискусијата на која учествуваше гувернерката на Народната банка, зборуваа и министерот за финансии на Грузија, министерот за финансии на Украина, заменик-министерот за финансии на Холандија и директорот во Светската банка, Хавиер Девиктор, додека претседавач беше министерката за финансии на Молдавија. На конституенцата учествува наша делегација, предводена од гувернерката и министерот за финансии, Фатмир Бесими, во чии рамки е и вицегувернерката Ана Митреска.
Во своето излагање гувернерката посочи на бавната конвергенција на регионот на Западен Балкан кон ЕУ, што главно може да им се припише на структурните прашања, при што потенцијалот за раст на регионот во изминатите две децении се намали од 5% на 2,5%, што е поостар пад во однос нa ЕУ. Ова се должи на неповолните трендови кај сите двигатели на економскиот раст, вклучително и кај човечкиот капитал. Квантитетот кај човечкиот капитал опаѓа, како резултат на демографските фактори, но и емиграцијата. Како резултат на тоа процентот на работноспособното население во регионот во изминатата декада се намали од 70% на 65%, додека очекувањата на Светската банка се дека во следните две и пол декади ќе се намали на 60%. Во моментов, секој петти граѓанин роден во регионот живее во странство, додека секој трети размислува да се исели.
Од аспект на квалитетот на човечкиот капитал, третина од работниците кои се иселуваат се високостручни кадри, што влијае неповолно како на сегашната состојба, така и на идните движења на пазарот на труд и уште повеќе ги нагласува постојните предизвици. Ова го покажува и индексот на човечкиот капитал на Светската банка, според кој и сега има голем јаз помеѓу земјите од регионот и напредните економии во ЕУ во овој домен. Севкупно, емиграцијата го забавува растот и развојот на регионот, за што зборуваат и некои анализи според кои доколку не постоел ефектот од емиграцијата, јазот на потенцијалот за раст во регионот би бил помал за 2 процентни поена во споредба со ЕУ.
За да се намали емиграцијата се потребни структурни и институционални политики за да се зголемат доходот и квалитетот на животот во регионот, бидејќи тоа е еден од клучните фактори за миграцијата. Истовремено, треба да се зголеми искористеноста на човечкиот потенцијал којшто го имаме со зголемување на животниот век на населението којшто заостанува зад европскиот просек, со зголемување на стапката на активност, особено на жените и младите, како и со подобрување на квалитетот на работната сила преку политики за унапредување на образовниот процес. Од друга страна, унапредувањето на институциите, водењето соодветни економски политики и зајакнувањето на врските со дијаспората, може да имаат позитивни ефекти и да придонесат за враќање на дел од иселените лица, како и за привлекување нови работници од други региони.
И покрај главно негативниот контекст на емиграцијата, таа носи и извесни придобивки, пред сѐ финансиски, имајќи ги предвид приливите на средства од дознаките од странство, коишто во регионот изнесуваат 10%, додека кај нас дури 15% од БДП.
Инаку на маргините на состанокот на Конституенцата, нашата делегација оствари билатерални средби со заменик-претседателката на Светската банка, Антонела Басани, регионалниот заменик-претседател во ИФЦ, Алфонсо Гарсија Мора, како и со директорот на Одделот за Европа во ММФ, Алфред Камер.
Економија
Поскапуваат бензините

Од полноќ малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V), Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) и на Мазутот М-1 НС остануваат непроменети.
Од 27.5.2023 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 80,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 82,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС
Економија
Требаше да се случи криза, за политичарите да сфатат колку е важно да се инвестира во енергетски капацитет, вели Бислимовски

Регионот ја преброди енергетската криза со капацитети изградени од времето на поранешната држава Југославија. Требаше да се случи криза, за политичарите да сфатат колку е важно да се инвестира во енергетски капацитет кои се дефинираат како стратешки истакна Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) на панелот „Како да се стигне до ветената земја на зелена енергија“ што е во рамките на меѓународниот настан „Лидерски дијалог во Југоисточна Европа “ 2023 Beyond International Expo, што се одржува во Солун, Грција.
„На крајот од кризата можеме да заклучиме дека стабилноста во испораката не беше доведена во прашање, туку цена која беше неколку кратно зголемена на берзите беше клучен тригер за компаниите да започнат со агресивното инвестирање во обновливи извори. За само една година, инсталираниот капацитет преку приватната иницијатива е зголемен за 8 %, а ова година очекуваме да стигне и до 15%. Елдорадото на инвестиции во обновливи извори ја намали увозната зависност на земјава која од 30 %, сега е намален на само 11 %“ изјави Бислимоски.
Соговорниците од енергетскиот сектор, меѓу кои и универзитетските професори како и високи политички претставници од земјите од регионот се сложија дека кризата ја „разбуди“ Европа која пак подготви економски – инвестициски план со фокус на енергетиката и финансиски пакет за поддршка за економиите за амортизација на ефектите од енергетската криза кои се директна последица од војната.
„ Ние, како држава имплементиравме се што бара Европската унија од нас кога е во прашање енергетиката, затоа верувам дека ЕУ драматично ќе ја зголеми финансиската поддршката кон земјите од Балканот.“ изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Меѓународниот настан „Лидерски дијалог во Југоисточна Европа “ 2023 Beyond International Expo, се одржува од 24 до 26 мај во Солун, Грција.